Редовно постирав фотографии од мојот син на социјалните медиуми. Тогаш се вклучи алармот

Како и милиони нови родители, сакав да другите да бидат во тек со растењето на моето дете. Но лајковите не беа вредни за ризикот.

WVU Photo/Jennifer Shephard

Социјалните медиуми се чудно место. Од една страна можат да бидат токсичен, темен кластер од зли намери, а од друга страна можат да бидат лепак што не врзува со нови заедници, пријатели од минатото или членови од фамилијата кои за малку ќе сме ги заборавеле.
Носталгијата се појавува кога скроламе низ Инстаграм и Фејсбук и ги гледаме животните пресвртници од минатите декади. Тоа е топол потсетник на едноставната скапоценост на животот.  

Затоа и прави совршена смисла, тоа што според некои проценки, 42 проценти од родителите во Велика Британија споделуваат слики од своите деца онлајн. Повеќе од 50 проценти од тие родители споделуваат фотографии барем еднаш месечно. Според извештај од 2018 година на детскиот комесар, родителите споделуваат околу 71 фотографија и 29 видеа од нивното дете секоја година на социјалните медиуми. Во просек, додека детето не наполни 13 години, родителите имаат постирано 1.300 фотографии и видеа од нив на социјалните медиуми.

И јас припаѓав во оваа категорија. Мојот син се роди во 2015 година и како нова мајка, бев нетрпелива да ги држам во тек луѓето со мојот неверојатен нов живот. Постирав фотографија од мојот син во неговото креветче како цврсто спие. Постирав фотографија од него како за прв пат гледа снег надвор преку прозорецот. Постирав фотографија од нас заедно, седнати на лулашка во еден преубав парк во Лондон. Тоа им даваше шанса на моите пријатели и семејството да го гледаат син ми како расте. 

Но, по неколку години од редовно споделување, наидов на една кампања од Child Rescue Coalition која ме натера сериозно да размислам и почнав да се прашувам колку од животот на мојот син треба да е документиран и јавно достапен за сите. Нивната кампања „Децата за приватноста“ беше  остар потсетник за ризиците кои доаѓаат со преголемото експонирање на интимните моменти на децата на социјалните медиуми. Читајќи ги информациите достапни за кампањата, зборовите „ранлив“, „педофил“ и „предатор“ делуваа како ножеви. 

За прв се прашав себе: зошто споделувам? За кого се овие фотографии? И уште поважно до кого стигнуваат? Откако овие фотографии се постирани онлајн е скоро невозможно да бидат целосно тргнати (особено со достапноста на опциите скриншот и скринрекординг). Постојано се потсетувам на оние фамилии на социјалните медиуми кои ги споделуваат целите нивни животи онлајн, користејќи ги нивните деца за да добијат кликови. Се прашувам дали знаат дека ненамерно ги изложуваат своите деца на штета.

Се прашав себеси дали мојот син би бил среќен со мене, споделувајќи фотографии од него како расте. Дали навлегував во неговата приватност пред тој воопшто да биде свесен за тоа? Со постирање на неговите фотографии на интернет, автоматски создавав синџир на податоци поврзани со него, индиректно градејќи го неговиот дигитален отпечаток – и не ги разбрав целосно импликациите. Како што се развива технологијата, кој знае како ќе се користат неговите лични податоци?

Како дете од 90-тите чии родители користеа фотоапарат со филм и ги чекавме сликите да бидат развиени, моите скапоцени слики како бебе се сигурно спакувани некаде помеѓу колекцијата на фотоалбуми некаде во гаражата на моите родители. Како што и треба  да бидат. Никогаш не морав да искусам моите фотографии од детството да бидат споделувани онлајн, така што и не морам да се соочам со последиците. Сè беше поприватно во тоа време, а така сакам да биде и за син ми. 

Затоа ги избришав сите фотографии од мојот син од социјалните медиуми. Престанав да се согласувам за училиштето и спортските клубови да користат слики од него за маркетинг цели. Им кажав на моите членови на фамилијата да престанат да постираат слики од него на нивните профили на социјалните медиуми. Наместо тоа, сега ги споделувам возбудливите моменти со блиските пријатели и фамилијата преку директни пораки. Така делува и полично и е побезбедно. 

Да се ​​биде родител значи да се биде горд, но исто така значи и да се заштитат децата од непотребни ризици. Нивното изложување пред непозната публика не вреди ниту лајкови, ниту внимание.

извор: Гардијан

Превод: Марта Стевковска

Back to top button
Close