Референдум на работ на сечилото

Заложбите за решавање на тешки политички прашања преку референдум најчесто завршуваат како примена на лош метод, што, наместо посакувано решение, всушност на ефикасен начин ја продлабочуваат поларизацијата во општеството. Исходот од референдумот за Преспанскиот договор доволно јасно сведочи за тоа.

Но, во колкава мера е оправдано да се оспорува демократскиот легитимитет на референдумите? Всушност, дали договорите со Грција, за промена на името, и со Бугарија, за пријателство и добрососедство, се судбински прашања за кои најдобро и оптимално решение може да се постигне на плебистцитарно изјаснување, наместо тоа да им се препушти на народните избраници?

На вака поставено прашање најверојатно тешко би можел да се понуди соодветен одговор, бидејќи македонската демократија не функционира според нормите и принципите што вообичаено ги карактеризираат добро развиените, функционални демократии. Во такви демократии тесните партиски интереси и манипулации со волјата на избирачите, вонсистемските притисоци и свесно заобиколување на процедурите и регулативите, не функционираат дури ни како исклучок, а камоли како правило за деструктива и бескрупулозна политичка борба за превласт.

Во последните децении во Европа зачестија референдумските изјаснувања, кои, кога станува збор за националното, односно државно ниво, најчесто имаат некаква врска со ЕУ. Од 1972 година се одржани 56 референдуми во Европа, од кои 39 резултирале со позитивен исход. Најмногу референдуми се одржани во Ирска и во Данска, чии устави бараат референдумско изјаснување кога национални ингеренции треба да се пренесат на меѓународни организации.

Последниот досегашен референдум поврзан со ЕУ се одржа во октомври 2016 година во Унгарија, во врска со предлогот на Европската комисија за прераспределба на азилантите меѓу земјите-членки. Унгарскиот референдум не го помина цензусот од 50 проценти излезност, што беше неопходен за резултатот да биде полноважен. Но тоа не го спречи премиерот Орбан да изјави дека, сепак, „е постигант одличен резултат“.

Една функционална демократија се заснова врз претпоставката дека избирачите, народот, не се залагаат само за своите лични интереси, туку дека мислат и за доброто на општеството и за неговиот развој во целина. Проблемот се јавува кога мнозинството од населението не наоѓа мотив и поттик да се ангажира во политиката, или е под влијание на барањата на политички партии и силни интересни групи што добиваат голем простор да ги наметнуваат и реализираат своите идеи.

Затоа се смета дека репрезентативната демократија, како верзија на непосредното одлучување во однос директната демократија, претставува логично решение што овозможува сите да го добијат своето место. Репрезентативната демократија опфаќа институции, кои, барем теоретски, овозможуваат да се дискутираат и обработуваат комплексни прашања во соодветен временски период. Но, тоа, се разбира, ни од далеку не се однесува на македонското Собрание, кое во најголем број случаи функционира како партиска гласачка машинерија, која ретко пристапува кон некаква посериозна дебата.

Спикерот Талат Џафери е несомнено производ на една таква атмосфера во која доминираат заложби за задушување на дебатата, а не за нејзино поттикнување, така што граѓаните, наместо постојано да бидат изложувани на масовно „заглупавување“ и манипулации, би можеле да ја препознаат и поддржат најдобрата опција за сегашноста и иднината на државата.

Демократијата, накусо речено, е процес. Од друга страна, референдумот, кој како облик на непосредно одлучување ја изразува состојбата на јавното мислење што се регистрира во одреден момент, ретко изразува расположение од потраен карактер. Мнозинството Унгарци можеби не го делат мислењето на нивниот премиер околу опасноста од напливот на мигранти и бегалци.

Дилемите се многузначни. Може ли да му се верува на еден референдум доколку едната страна што учествува во гласањето е подоминантна? Можно е, на пример, дека многумина Каталонци, кои сакаат да бидат дел од Шпанија, не учествувале во контроверзниот референдум за самостојност. Со слична аргументација многумина се осврнуваат и на последиците од Брегзит, така што заговорниците на ново референдумско изјаснување сметаат дека младите, што не гласале во 2016 година, и покрај сите досегашни околности би се заложиле Велика Британија да остане во ЕУ.

Во македонскиот случај, како и обично, опциите се туркаат со булдожери кон работ на сечилото, преку кое неоштетени и неповредени – ако е тоа воопшто можно – треба да поминат македонските граѓани и избирачи. На обичните луѓе во Македонија, кои со децении чекаат и со право посакуваат подобар живот, посилна економија и подобра иднина за своите деца, мора да им се „помогне“ за да бидат уверени дека таквата цел ќе им биде истргната од рацете доколку не се спротивстават на попустливоста на политичарите пред засилените заложби за бугаризација и асимилација на Македонците, и доколку не падне оваа влада за да дојде друга што ќе ги заштити македонските национални интереси. А потоа – сите заедно во ЕУ. Но за такво нешто најнапред е неопходен уште еден референдум, кој или ќе ги зближи, или, што е поверојатно, ќе ги доподели македонските граѓани.

Во најлош случај, врската меѓу одлуката и одговорноста во референдумот е – укината. Тоа станува нарочно јасно кога народот донесува „погрешна“ одлука, што ќе рече поинаква одлука отколку што политичарите се надевале, и со која сметале, и околу која, се разбира, потоа не сакаат, или, пак, одбиваат да преземат одговорност.

Неуспешен референдум, без оглед на околностите, секогаш се доживува како голем пораз, и тоа не само за можностите за водење пристојна политика. Референдумот е всушност лакмус тест за тоа колку една земја е кохезивна и колку заедничко имаат нејзините граѓани. Тест за силата на националниот идентитет. И тоа особено во држава во која поделбите се продлабочени до тој степен, така што граѓаните практично живеат во различни реалности.

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close