Регионален проект „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан“

Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), заедно со партнерите ЗЕЛС и „Пакомак“ го започна регионалниот проект „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан“. Проектот се спроведува во Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, со цел да се зголеми количината на собран и рециклиран стаклен отпад во овие земји преку поставување на нови контејнери, и да се мотивираат граѓаните што почесто селективно да го одложуваат стаклениот отпад.

– Во моментов количините на стакло кои од комуналните служби ги собираат оператерите на амбалажен отпад во Србија, Северна Македонија и БиХ се недоволни и под капацитетот на рециклажните погони. Поради тоа стаклото сѐ поретко се носи на рециклирање, додека трошоците за транспорт стануваат поголеми. Така, една од главните цели на овој регионален проект е да се зголеми просечната количина на собран стаклен отпад во сите три држави за околу 20 проценти. Во прашање се пилот општините Штип и Илинден во земјава, Ниш и Сомбор во Србија, Бихаќ и Нови Травник во БиХ, објаснуваат носителите на проектот.

Според нив општините се најповикани да дадат поддршка на заложбите да ги постигнеме европските стандарди на национално ниво и да обезбедиме масовно вклучување на населението во активностите за селектирање стаклена амбалажа и за зголемување на собрани количини отпад од стакло. Во таа насока за пилот општините Илинден и Штип, се обезбедени 78 бесплатни контејнери за собирање отпад од стакло, распоредени на најсоодветни места во овие две општини. Дополнителна количина контејнери ќе биде распределена и во други општини во земјава. Го повикуваме населението масовно да одговори на овој повик, во духот на слоганот на акцијата ,,Ѕвончето повикува за рециклажа на стакло“, поставен на зелените контејнери.

– Количината на рециклирана стаклена амбалажа во регионот на Западен Балкан и понатаму е далеку од нивото пропишано од Европската унија 60 проценти од стаклото да се рециклира. Причините за тоа најмногу се поврзани со малото познавање на придобивките од рециклирањето, како и со недоволниот број на поставени контејнери за одложување на стаклена амбалажа, поради кој поголемиот дел од стаклените амбалажи завршуваат на депониите или илегалните одлагалишта, каде на стаклото му се потребни повеќе од пет илјади години за да се распадне, наведуваат од „Пакомак“.

Оттаму посочуваат дека рециклирањето на еден тон стакло заштедува околу 40 проценти енергија и 50 посто вода потребна за производство на нова стаклена амбалажа, додека загадувањето на воздухот се намалува за 20 проценти.

– За сите овие придобивки да се остварат во пракса, ЗЕЛС заедно со ГИЗ и Пакомак ќе ја анализира моменталната ситуација во врска со одговорното рециклирање на стакло, а потоа ќе ги идентификува недостатоците кои треба да се решат, во соработка со локалните донесувачи на одлуки во одбраните пилот-општини. На овој начин, ќе се работи на поставување на темели за исплатлив ланец на вредности на рециклирање стакло на Западен Балкан, како пресуден чекор за профитабилна одржлива економија во регионот, се наведува во соопштението.

Проектот се спроведува во рамки на програмата за развојна соработка со приватниот сектор – develoPPP.de, кој е финансиран од Сојузното Министерство за економска соработка и развој на Германија (БМЗ).

Back to top button
Close