Регионите во Грција поделени според епидемиолошката слика

Негативниот ПЦР тест за влез во Грција, наместо од петгодишна возраст, задолжителен е за сите со наполнети шест години, 14-дневната изолација на позитивните случаи и/или нивните контакти се заменува со десетдневна, а дозволен е влез во земјата на државјани на Црна Гора. Тоа се измените на мерките поврзани со туризмот, кои од понеделник стапуваат во сила, а попладнево ги соопшти заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, јави дописничката на МИА од Атина.

На денешната прес-конференција, Хардаљас ја презентираше и новата интерактивна епидемиолошка мапа на Грција (https://covid19.gov.gr/covid-map), каде што секој од 74-те региони во зависност од епидемиолошката слика има различна боја.

Врз основа на епидемиолошките индекси што ги користат Европскиот центар за превенција и контрола на болести и Светската здравствена организација, предвидени се четири нивоа: зелено, жолто, портокалово и црвено, а за последните две нивоа предвидени се и мерки.

Во овој момент, 28 од 74 региони се во портокаловата зона, меѓу кои и Солун и Атина, а останатите се во првите две зони и ниту еден дел од земјата не е во последното, црвено ниво.

Доколку некој од регионите или општините влезе во црвената зона, предвиден е полициски час од полноќ, забрана за собири над девет лица, во угостителските објекти дозволено до четири лица на маса, откажани се настани.

За епидемиолошките нивоа земени се предвид 13 индекси, меѓу кои просечен број новозаразени на 100.000 жители во последните седум и 14 дена, процент на позитивни случаи во однос на направени тестови, број на активни случаи, капацитетот на здравствениот систем, анализа на мутациите, стапка на вакцинација итн.

Мапата ќе се ажурира секоја седмица на ниво на регионална единица, а за островите на ниво на општини, а како што рече Хардаљас, целта е информирање и на Грците и на туристите.

При кликнување на секој од регионите, се појавуваат податоци за имунизациската покриеност, процентот на позитивни случаи од направените тестови, просечен број новозаразени за седум дена како и актуелна состојба (стабилна, со тенденција за намалување или зголемување).

Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 1.112 нови случаи од направени 14.050 ПЦР и 33.758 рапид тестови, починаа 34 лица, а 445 пациенти се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во грчките болници.

Од почетокот на епидемијата, во земјата има 407.857 заразени со Ковид-19 и 12.218 смртни случаи.

Во Грција нема никакви промени на актуелните мерки, маската и понатаму е задолжителна и на отворен и во затворен простор, полицискиот час останува од 00.30 часот, а продолжена е и забраната за музика во угостителските објекти, кои работат само на летните тераси.

Back to top button
Close