Регулаторна: Цената на струјата нема да поскапе повеќе од 1 отсто, но дополнителна евтина тарифа нема да има
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која надоместокот за користење на електродистрибутивниот систем Електродистрибуција ДООЕЛ се намалува за 5,52% (учество во крајна цена околу 33%), додека надоместокот за користење на за преносниот систем МЕПСО се зголемува за 5,67% (учество во крајна цена сколу 45%) и цената на НЕМО кое е со незначително учество во крајната цена (од околу 0,19%) се зголемува за 19,8%.
Ова значи дека ако некое семејство плаќало 1.000 денари за делот во сметката пренос на струја, сметката ќе му се намали за 330 денари.
„Процедурата за формирање на крајна цена за домакинствата и малите потрошувачи која ќе биде на сила од 1 јануари е практично поделена во два комплементарни дела: едниот кој ние го регулираме во делот на услугите на вршителите на енергетски дејности за пренос и дистрибуција на електрична енергија и вториот дел е цената на производот електрична енергија.
Ние денеска го презентиравме нашиот сегмент, елементите кои зафаќаат околу 38% во крајната цена. Вториот елемент в цената и количината која ЕСМ ја понуди во четвртокот кон Универзалниот снабдувач, в тов е 62 евра за MWh за покривање на 100% од вкупно планираните количини.
Сега, следува финалната фаза која ќе се одвива под комплетен наш надзор. Имено Универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ ќе ја пресмета финалната цена на електрична енергија, согласно Методологијата утврдена од наша страна и ќе ја достави до РКЕ Ние ќе го провериме целиот процес, односно дали Тарифниот систем со методологијата е соодветно применет и ако не е согласно истиот ќе ја вратиме на доуредување. Потоа цените ќе бидат објавени “изјави Марко Бислимоски претседател на РКЕ.
МЕПСО побара зголемување +50,58%, МЕМО +78,58% во однос на постојната просечна тарифа.
– Делот од мрежарината, вклучувајќи го и преносот и дистрибуцијата, таму имаме намалување за за 7% проценти. Имавме забелешки од Електродистрибуција дека има долг од 40 милиони евра, но тој долг веќе три години го плаќаме преку цените на електричната енергија. Најбитно ни е да обезбедиме ценовна стабилност за домаќинствата и потоа да се насочиме кон стабилизација на ЕСМ. Овие цени значат дека нема да има поголемо просечно покачување на електричната енергија повеќе од 1 отсто за крајните корисници – истакна првиот човек на Регулаторна.
Во однос на дополнителниот час за евтина дневна струја, Бислимоски рече дека воведувањето на тој час ќе се разгледува напролет.
– Анализите на цената во октомври на ХУПЕКС покажаа дека цената е најниска од 12 до 16 часот а највисока од 20 до 24 часот. Имајќи ги предвид навиките на нашите домаќинства, одлучивме да ја оставиме состојбата таква каква што е до пролет па потоа ќе носиме одлуки. Македонија е единствена земја во регионот со евтина тарифа во текот на денот – додаде тој.