Рекламата со директорката на Педијатрија, директорот од Тетово кој во училиштето ги вработил синот и снаата под лупа на Антикорупциска

Државната комисија за спречување на корупцијата на денешната 65-та седница донесе одлука да му укаже на министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини да изврши проценка за континуиран потенцијален ризик од судир на интереси на службено лице, кое е раководител на Одделението за концесии за вода, а истовремено е сопственик на трговско друштво, кое добило една концесија за користење вода за изградба на мала хидроцентрала.

Членот на ДКСК, Владимир Георгиев појасни дека од сите добиени документи од Министерството за животна средина и просторно планирање, било утврдено дека во последните пет години ова трговско друштво има добиено една јавна набавка, но во таа постапка лицето се изземало и не учествувало во оценката, додека во однос на постапката за Б-интегрирана дозвола, според МЖСПП, ова лице не е во судир на интереси, бидејќи не работи во тој сектор.

– Не може да се констатира дека се повредени одредбите од Законот, меѓутоа во конкретната ситуација сметаме дека постои одреден континуиран потенцијален судир на интереси. Предлагам да се достави укажување до министерот дека доколку се уште ова службено лице ги извршува работните задачи на работното место на кое е вработена, а се уште е сопственик и на трговското друштво во кое нејзиниот сопруг е управител и можеби ќе продолжи да учествува во постапки за добивање концесии, во таква ситуација ова службено лице ќе се наоѓа во постојан потенцијален судир на интереси и сето ова може објективно да доведе до судир на интереси, изјави Георгиев.

ДКСК предлага министерот Нуредини да изврши проценка на ризикот од судирот на интереси и дека би требало да се надмине оваа состојба со можноста ова лице да биде распределено на друго работно место, со што ќе се отстрани овој потенцијален ризик.

Државната комисија за спречување на корупцијата на денешната 65-та седница, исто така, донесе одлука да го дополни и препрати барањето за постапување до Лекарската комора за случајот со актуелната директорка на Клиниката за педијатрија, околу тоа дека рекламирала одредени суплементи во име на Здружението на педијатрите, откако до нив пристигнал одговор дека пријавата е неуредна и се отфрла.

Членот на ДКСК Владимир Георгиев појасни дека кон дополнетото барање ќе биде доставена и снимка од рекламниот спот.

– Ние немавме надлежност да постапуваме и повеќе се работи за етичко прашање и го упативме до Лекарската комора, од каде стигна одговор дека пријавата е резгледана, меѓутоа е отфрлена како неуредна, затоа што не содржела конкретни податоци за лицето што е пријавено, во смисла на точно име и презиме, ниту пак податоци за времето и местото кога е настанот случен, појасни Георгиев.

ДКСК бара Лекарската комора да ги провери прекршувањата од Кодексот за медицинска деонтологија, бидејќи тие се надлежни за тоа.

Комисијата донесе одлука и за констатирана состојба на судир на интереси во основното општинско училиште „Наим Фрашери” во Тетово, каде директорот потпишал решение за трансформација на неопределен рок на неговиот син и решение за вработување на неговата снаа.

Членот на ДКСК, Нури Бајрами информира дека предметот е оформен по пријава од општинскиот просветен инспектор во Тетово, по извршен вонреден инспекциски надзор.

– Констатиравме дека наодите се потврдени. Решенијата се потпишани од директорот. Тој не се изземал и не го пријавил вработувањето на блиско лице до ДКСК. Состојбата на судир на интереси е потврдена и предлагам да се достави до директорот и да се побара да го отстрани судирот на интереси, изјави Бајрами.

По другите прекршувања, како не изземање и не пријавување на вработувањето на блиско лице, ДКСК предлага да се покренат прекршочни постапки и да се издадат прекршочни платни налози.

Back to top button
Close