Реконструиран регионалниот пат Зрновци – Мородвис

Локалната самоуправа на Зрновци ја заврши реконструкцијата и проширувањето на регионалниот патен правец од општинскиот центар до селото Мородвис, при што е преасфалтиран и коловоз во вкупна должина од три километри.

За реализација на градежните активности Општината обезбеди 18 милиони денари од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта, како и сопствено материјално учество во подготовката на теренот.

-Досегашната ширина на оваа делница од патот беше 3,5 метри, а со реконструкцијата обезбедивме проширување на коловозот од пет метри на потегот од селото Мородвис до погонот на „Руен“. Поради специфичноста на теренот и изградените објекти, проширувањето до општинската зграда е за уште половина метар. Ефикасната и сигурна патна инфраструктура ќе ја олесни и поттикне мобилноста на граѓаните и стоките во општината и регионот, а обезбедуваме и надминување на ограниченоста на локалните пазари и создавање услови за порамномерен регионален развој, истакна Блаже Станков, градоначалник на Зрновци.

Реконстурираната делница е во рамки на регионалниот пат Виница – Карбинци, чија дефинирана ширина е четири метри, а локалната самоуправа преку донација од компанијата „Механика“ обезбеди над две илјади кубни метри камен тампон.

По оваа инвестиција, Општината продолжува со реконструкција на канализациската мрежа долга 600 метри на улицата „Скопска“ во Зрновци.

Back to top button
Close