Реконструирани мостовите во вториот дел од Градскиот парк

Заврши целосната реконструкција на сите 19 дрвени мостови во вториот дел од Градскиот парк. Оваа активнист ја спроведоа екипи на Град Скопје со донација на Халкбанк АД Скопје.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денеска изјави дека со Халкбанк, која важи за општествено одговорна компанија, пред неколку месеци ја почнале реконструкцијата.

– Самата реконструкција опфаќаше целосна обнова на дрвената подлога, со материјали коишто се поотпорни на климатските промени, поиздржливи, како и целосна обнова на металната конструкција и премачкување на металните површини со боја која овозможува нивна заштита од корозија. Ги направивме дел од мостовите достапни и за велосипедистите и за лицата со отежнато движење со поставување рампи, така што го направивме паркот достапен за сите наши граѓани, изјави Шилегов.

Шилегов очекува општествено одговорните компании, како што е Халкбанк, и во иднина да го помагаат Градот бидејќи вработените и самите фирми се токму во Скопје и се негови жители со цел паркот да се направи едно попристојно и поубаво место.

– Имајќи предвид дека е сериозно зголемена фреквенцијата на граѓаните во него во време на пандемијава ги повикувам и граѓаните заедно да го чуваме ова богатство коешто го имаме во срцето на нашиот град, рече Шилегов.

Според Билал Суџубаши, првиот човек на Халкбанк, во агендата на општествено одговорни активности на банката еден од приоритетите е поддршката на проекти што придонесуваат за здрави животни навики и заштита на животната средина.

– Градскиот парк е сигурно најубавото место во Скопје, зелена оаза, место за прошетки, за спортување, рекреирање и уживање на граѓаните. Бидејќи како банка настојуваме со нашите општествено одговорни активности да поттикнеме здрави животни навики и да придонесеме за заштита на природата, со задоволство прифативме да помогнеме на Град Скопје во реализација на проектот за реновирање на 19 мостови во вториот дел од паркот. Ова е втора активност која со наша поддршка ја спроведува Град Скопје, минатата година ја поддржавме кампањата за бесплатно подигање на остатоците од бербата, а со тоа да се заштити воздухот од загадување, рече Суџубаши.

Back to top button
Close