Рекорден број случаи на хепатитис А во Чешка, над 30 починати, повеќе од 2.800 заразени
Чешка годинава се соочува со најголемата епидемија на хепатитис А во последните четири децении. Според Државниот завод за јавно здравје (SZÚ), регистрирани се 2.880 случаи, дури 4,5 пати повеќе од минатата година. Бројот на починати се искачи на 31, за разлика од само две жртви лани, пренесува Denik.cz.

Иако во ноември е забележан благ пад и регистрирани се 505 нови случаи, состојбата останува сериозна. Најголемото жариште е Прага, со повеќе од 40 проценти од сите заболени, а по неа следат Средночешкиот регион и Моравско-Шлезиска област.
Заразата се шири низ сите возрасни групи
Случаи има меѓу сите генерации, од најмладите до пензионерите, но најзастапени се лица на возраст од 35 до 44 години. Кај децата, најмногу заболени има меѓу пет и девет години. Постарите од 65 години во голем дел имаат природен имунитет поради големата епидемија од доцните 70-ти.
Околу 20 проценти од заразените припаѓаат на ранливи групи, како корисници на дрога, лица со зависности и бездомници. Сепак, епидемиолозите предупредуваат дека вирусот сè повеќе се шири и во општата популација, особено во Прага и Јужноморавскиот регион, меѓу студентите и бездомниците.
Три четвртини од заразените хоспитализирани
Повеќе од 75 проценти од пациентите биле хоспитализирани на инфективните оддели. Сите невакцинирани блиски контакти на заразените се под посебен медицински надзор и имаат едномесечна забрана за користење базени, сауни, теретани, како и за редовно одење на работа или училиште. Тие задолжително се вакцинираат како мерка за превенција, само во Прага така биле имунизирани речиси 5.000 лица.
Од 31 починато лице, 28 се мажи и три се жени. Ризикот од тежок исход расте со возраста, особено кај лица со хронични заболувања на црниот дроб или ослабен имунитет. Речиси една третина од починатите биле на возраст од 60 до 69 години.
Силен раст на интересот за вакцинација
Епидемијата поттикна рекордна побарувачка на вакцини. Оваа година се дадени над 220.000 дози, во споредба со само 66.000 лани. Поради недостиг, Чешка обезбеди итни дополнителни испораки, а Министерството за здравство најави дека до јануари ќе пристигнат уште 125.000 дози.
Хепатитис А, познат како „болест на валкани раце“, се пренесува преку фекално загадување и може да се пренесе со минимална количина вирус на нечисти раце или контаминирани предмети како рачки во јавен превоз, кваките на врати или кошнички во продавници. Основната превенција е темелно миење на рацете и дезинфекција.
Стручњаците предупредуваат дека вирусот е исклучително отпорен и подолго преживува во ладни и влажни услови, токму какви што владеат сега.






