Рекорден број учесници на Меѓународниот турнир во забрзан шах „Алкалоид 2023“


По пауза од три години поради пандемијата на коронавирусот, изминатиот викенд во Скопје се одржа седмото издание на традиционалниот Отворен меѓународен турнир во забрзан шах „Алкалоид 2023“ на кој настапија рекорден број македонски и странски учесници.

На турнирот под покровителство на фармацевтската компанија „Алкалоид“ настапија 227 шахисти, меѓу кои и 36 шахисти од седум други држави, во различни возрасни категории, соопшти денеска организаторот Шаховскиот клуб „Алкалоид“.

Првото место на турнирот го освои српскиот велемајстор Синиша Дражиќ, а најуспешни македонски шахисти, беа младите Емил Ристески, Михаил Јорданов, Филип Михов и Матеј Звездакоски, како и ветеранот Владимир Тркаљанов, на делба од 6. до 14. место.

Во женска конкуренција најуспешни македонски шахистки беа фиде-мајстор Моника Стојковска и интернационалниот мајстор Габриела Коскоска со по 6 поени од 9 партии.

Со медали и подароци од организаторот во помладите категории се закитија: до 10 години – Илијана Велева и Лука Симоноски, до 12 години – Благоја Миновски и Брнс Елисавета, до 14 години – Ивана Велкоска и Кирил Николовски, до 16 години – Моника Жежовска и Антон Златков, а до 18 години – Инџи Ајрадиновска и Матеј Звездакоски.

Back to top button
Close