Рекорден приход на „Епл“ на почетокот на 2021 година

Приходите на компанијата „Епл“ во првото тромесечје на 2021 година пораснале за 21 отсто, се дознава од најновиот финансиски извештај на компанијата објавен синоќа. Во меѓувреме, љубителите на производите со логото на „Епл“, годинава очекуваат низа изненадувања. 

За компанијата, првото тромесечје на фискална 2021 година завршува на 26 декември 2020 година. Според извештајот, приходите на компанијата достигнале 111.4 милијарди долари, или се зголемиле за 21 отсто споредено со истиот период лани (91.8 милијарди). Чистиот профит на „Епл“ исто така пораснал, и тоа до 28.75 милијарди долари, споредено со 22.33 милијарди долари во истиот период претходната година. 

Шеесет и четири проценти од тромесечниот приход се должи на меѓународните продажби, од кои главен удел имаат продажбите на телефони, лаптоп компјутери, таблети и услуги за сервиси. Рекорден приход доаѓа од продажбите на Ајфон (до 65.6 милијарди долари, зголемени се за 17 отсто), од продажбите на линијта компјутери Мак (пораснале за 21 отсто) и од понудата на сервиси, чии продажби пораснале за 21 отсто. 

За една година, капитализацијата на компанијата се вивнала за 84 отсто. Според Волстрит журнал, ентузијазмот на инвеститорите се должи на последниот модел на Ајфон и растот на побарувачката на производите на компанијата поради преминот на далечинска работа поврзано со глобалната пандемија. 

Годинава, љубителите на производите на „Епл“ очекуваат повеќе изненадувања, соопшти Блумберг . Првото е тоа дека првпат од 2012 година компанијата планира промена на дизајнот на неколку десктоп компјутери Ајмак all-in-one. Новите модели компјутери со 21.5 и 27 инчни монитор  се откажуваат од процесорите Интел – во нив ќе бидат инсталирани новите процесори на Епл од сопствено производство. 

Кон средината на 2021 година, компанијата исто така планира да започне со производство на новите верзии на своите 14 и 16 инчни лаптоп компјутери Мак бук просо побрзи процесори од сопствено производство.

Back to top button
Close