Ректор/Ка и Функцијата на Автономијата
Пријателки и пријатели, пишувам на мајчин, македонски јазик, прв пат по цели единаесет години. Предавам на Универзитетот ‘’Св. Кирил и Методиј’’ и со моите паметни академски студент/к/и и постдиплом/к/и низ годините сонуваме, размислуваме, разговараме, создаваме знаење, наука, уметност, терен за отпор, на наш јазик. Во меѓувреме, дисциплинарната прагматика сум ја вложувала надвор од земјата, запишани траги, мисли кои продираат до (мала) публика, но моќна во својот одговор назад. И така цело ова време, во тек на моите триесетти и еве, почеток на четириесетти години. Што е повод за овој текст? УКИМ е денес пред праг, избор на нов/а Ректор/ка. Универзитетот, кој треба да биде – Дома – за – нас, за развојот на науката, теоријата, праксата и знаењето треба да се сопостави во сооднос на контекстот на односите на моќта. Што има да се каже? Таму, нашиот Универзитет стои некаде, (ама и никаде), полн со глуви, неми, здрвени, восочни саксии, грмушки, на кои не им ја знаеме бојата на гласот, само (можеби) банковниот приказ, во најсреќна варијанта на сивата зона на видливост. Сакам да споделам со сите вас дека Универзитетот треба да е терен за критичко самодефинирање на знаењето, да стои цврсто против популистичките аспекти, да го следи синхрониски и дијахрониски текот на знаењето, да создава услови за потенцијалите на напредното знаење, на академски и на општествен план.
Универзитетот треба да има реформаторска моќ, Универзитетот мора да е habitus, во смисла на Бурдије, зашто има директна врска со структуралните процеси во општествените односи, со институциите, со општествените вредности, со човековите права и конвенции, со култивацијата на културата, класните моќи, ама и со силата на супкултурата и современиот ракурс на битки за подобра иднина, во апокалиптиката на еколошките глобални предизвици. Универзитетот мора да е севкупен начин на живот, критички приказ на естетизацијата животот, еднаквост за сите, онака како што го мисли тоа Рејмонд Вилијамс и треба да е поврзан со сите аспекти на општествениот живот на субјектот, поврзан со структурната артикулација, репрезентација и организација во самото општество.
Во овие денови на внимателно прегледување на програмите од кандидат/к/ите за Ректор/ки ja поздравувам иницијативата за организирање трибини за дебата и поблиско претставување и сопоставување на каднидат/к/ите. Во овие денови е потребна интензивна расправа, внимателно да се гледа, да се слуша, што тоа точно се осмислува сега, за понатаму, преку понудените програми, каква иднина се нуди и како се замислува позицијата од која идната фигура на Ректор/ка говори и мисли, од каде ги влече интелектуалниот капацитет, организацијата и визионерската демократска мисла.
Во тој поглед, пријателки и пријатели, мислам дека треба заеднички да отвориме расправа за идната фигура на Ректор/ка, која треба да ги разбира пред сЕ академските потреби на висообразовните институции, но и на обичниот човек. Треба да има осет за развојот на високо образовната економија, но и да не го промаши контекстот и времето во кое живее и работи, заедно со вас, со мене, со сите нас, да знае како ќе се сопостави во однос со бруталните капиталистички тенденции, со конзумеристичката политика, неплатениот труд, дивиот капитализам, да има огромна отворена врата за родова сензибилност, ама притоа да ги препознае и да ги шутне неолибералните феминистки (сЕ она против кое левиот феминизам водел/води битка), да има сензибилитет за социјалната репродуктивна високообразовна снага, да знае како да каже НЕ на раздавањето на јавните (академски) добра; идната фигура на Ректор/ка треба да го разбира функционирањето на институциите во целост, новото АI време, системот, да знае како да се постави кон микро и макро – политичката сфера во една демократска атмосфера, a притоа да ги користи и да ги спроведува придобивките на цивилизацијата и дигитализацијата од современото време. Новата фигура на Ректор/ка е потребно да има снага и чувство да ги обедини, интелектуалните и менаџерски ресурси, специфични, во даден контекст на општествено дејствување, да знае како да прави конкурентска проценка и да има про-активен однос кон подобрување на администрирањето на научно – наставните дејности, да има подеднаква грижа за сите сфери, вклучувајќи ги и општествените и хуманистичките науки во тој однос, да има идеја за развој на буџет за истражувачките дејности и активна соработка со поддржувачите на академската заедница. Ректорската фигура мора да знае како да ги олесни административните запчаници на нешто што го наследивме οд претходните години (а во аналитиката го нарекуваме ‘’заробена држава’’), да има транспарентна комуникација со студент/к/ите, да има стратегија за административен олеснувачки проток за виситинг гости и студент/к/и од надвор и обратно.
Ректор/к/ата треба да менаџира пред сЕ витални сегменти во високот образование во ова историско време (притоа, мислам на обезбедување опрема за современи лабаратории, поставување лифтови за совладување скалила, сензорни патеки, сензорни книги, Универзитетот да фукционира интердисциплинарно со сите факултетски единици и институти, притоа да се користи сЕ што технологијата овозможува како придобивка од цивилизацијата, за полесно учење во сите сфери, во време на напредни технологии, да има резон за решавање приоритети и витални нешта).
Буџетот за научно-истражувачка дејност треба да се овозможи конечно да профункционира, да мрдне од срамна ‘’нула’’ ставка – до некој минимум светски, глобален стандард, обезбеден за редовни годишни конференции, предавања, котизации и слично (притоа, со критика сум кон автоколонијалните дискурси, затоа што сметам дека УКИМ е и може да е стратешки компетитивен). Идната Ректор/ка мора да обезбеди стварен простор (физички) за академијата, таму кајшто е потребно. Ректорската фигура треба да биде пред сЕ суштинско визионерска фигура за обезбедување услови за развој на проспективно емоционално – херменевтичкиот труд (не само во академијата, туку и потоа, во општеството, во светла смисла на она што Харт и Негри го зборуваат во однос на продукцијата на научните системи и техничката организација на истите), да знае да го препознае емоционалниот и (не)матерјалниот академски труд, сега и пота (и секогаш!), во таа смисла да биде афективна и емпатична Ректор/ка во темните вилаети на плевата од манипулативни и акумулацијата на капиталот. Tаквата фигура треба да се залага не само за солидни, стандарни финансиски фондови (за факултетите и институтите), туку и за услови за развој на критички субјекти во академско трудовата, високо-образовна мисла, субјекти кои ќе бидат во директен сооднос со подобрување на комуникацијата со глобалните компетитивни универзитети и соработки и со реалната реализација на продукцискиот систем на знаење.
Пријателки и пријатели, читателки и читатели на овој запис денес, додека го пиете сега вашиот чај и се надевате на подобро утре, сметам дека треба да размислиме дека Ректор/ката на УКИМ пред сЕ треба да знае што да прави, во сложени времиња, од типот на тоа како да се остане на линијата на вредности во механизмот на производство и организација на знаење, во контекст на глобален контекст на насилство, див капитализам. Да знае КАКО да го развива знаењето како императив и критичката мисла (во Алтисеровски идеолошки државен апарат), тоа е и природата идејта на Ректор/ка, на оваа интелектуално – организаторско – одговорно – финансиско – менаџерска фигура, да знае како да најде решенија во сложено – комплексни организаторски и интеракциски услови и времиња, да мисли на долги траки, да посвети време на опоравување на Универзитетот и развој во со-однос на институциите и општествената пракса, да поттикнува на јавни транспарентни дебати, а не да се самоукинува до степен на непостоење. Ректор/ката треба да влева фундаментална сигурност со својата фигура, во смисла на Платоновата идеја за градење Држава, низ призмата за спроведување ултимативна комуникација и проактивна преземителност и во академските единици, академските кампуси и во општествената јавност; да е суверена личност во образовните политики, да ја репрезентира идејата за автономија и прогресивен углед на Универзитетот, но и да ја трансцендира оваа идеја, не само во природните и хуманистички науки, туку и во систематички спроведувачките стандарди и норми во поширокиот општествен живот. Ректор/Ката не смее да биде некое изолирано суштество/ човече / човечица, стуткано во ќош на дебела кожена седалка, мистерија до која никако не можеш да стигнеш да разговараш, ниту преку телефон, а случајно да не ти текне преку зум.
Универзитетска Ректор/ка треба да е пристапна, модерна личност која сака да покаже континуирано и лесно со-дејство со своите академски субјекти и да успее во тоа. Интимно, сакам да кажам дека опскурните времиња единствено може да се осветлат со прогресивната идеја за автономијата на Универзитетот, во која верувам, но, само во онаа смисла во која Феликс Гатари зборува, автономијата како критичка мисла внатре институцијата, автономијата како функција, автономијата како отпор, како нова снага на отпор, како нова револуционерна проспектива, ко жива опашка која се измолкнала и не се скаменила во сув метод, само така изборот на Ректор/Ка има смисла, Универзитетот има смисла само така, за нас во академијата и за новите генерации на нашите студент/к/и.
Сенка Анастасова
Редовна професорка по филозофија, Универзитет ‘’Св. Кирил и Методиј’’, Скопје