Ректорската управа на УКИМ бара итна средба со Џафери, во спротивно ќе преземе „соодветни мерки за заштита на своите права“

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Сојузот на синдикати на вработените на универзитетот бараат итна средба во рок од три дена со премиерот Талат Џафери, во спротивно вработените на Универзитетот и Синдикатот ќе преземат соодветни мерки за заштита и остварување на своите права, загарантирани со Уставот и законите, се вели во вчерашните заклучоците на Ректорската управа на УКИМ.

Ректорската управа, која се состои од 34 члена, декани, ректори и проректори на сите факултети и институти, како и претставник на Универзитетското студентско собрание, денеска одржа вонредна седница на која донесе заклучок дека Колективниот договор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е на сила и во правниот промет се применува од 1 јануари 2024 година, не е откажан, ниту е укинат или поништен, и е задолжителен за работодавачот и за работниците во чие име е склучен.

Универзитетот го отфрла ставот на Министерството за образование и наука дека овој Колективен договор не е важечки затоа што не бил регистриран во Регистарот на колективни договори, кој го води Министерството за труд и социјална политика.

-Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со особена грижа за положбата на своите вработени и за остварувањето на нивните права од работен однос, констатира дека се целосно неосновани и незаконски наводите на Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика, во врска со полноважноста на поединечниот Колективен договор на УКИМ, со незаконско тврдење дека не е регистриран во Регистарот на колективни договори, кој го води Министерството за труд и социјална политика. Имено, според член 231, став 1 од Законот за работните односи, регистрирање е задолжително за општи и гранкови колективни договори, а не и за поединечни колективни договори, каков што е Колективниот договор на УКИМ, за кои според став 3 од истиот член е потребно само известување до Министерството за труд и социјална политика се наведува во заклучоците.

Ректорската управа констатира дека државата не ги почитува актите кои таа сама ги носи, што е во спротивност со принципите на владеење на правото и правната сигурност.

-Вработените на Универзитетот и Синдикатот ќе преземат соодветни мерки за заштита и остварување на своите права, загарантирани со Уставот и законите, се најавува во заклучоците.

Кон крајот на декември 2022 година Синдикатот на УКИМ и Собранието на Македонија потпишаа Колективен договор кој, покрај другото, предвидува од 2024 да се зголемат платите на вработените на УКИМ. Претседателот на синдикатот на УКИМ Ангел Ристов тогаш изјави дека ова ќе значи поголема автономија во работењето на Универзитетот и ќе значи поддршка за развој на високото образование.

Back to top button
Close