Реквием за Кочани

Димитар Димитров, професор и поранешен министер

Requiem aeternam dano eis, Domine.”(Вечен спокој дај им, о Боже).

Огинот во Кочани нѐ исправи пред старинското и најважно разликување на луѓе и нелуѓе. Од пламенот се кристализираа две антропологии, две Македонии, две Кочаниња. Големата тага ги сплоти најблиските на жртвите во идеална човечка заедница, лишена од корист, положена врз љубов, болка и револт. Процесиите наречени „Марш за ангелите” се своевидни реквиеми – спој на молитви за спокој на душите на упокоените со апели за вистина и за правда. Тихите поворки, со слики-икони на младите жртви, и кратките говори на мајки или татковци, внушуваат проникнување до мерата на човекот и на светот својствено на великите мислители и уметници. Општата согласност за решавачката заслуга, но и за одговорноста на човекот за состојбата на светот, се доловува и низ скршените срца на родителите од Кочани. Тие, своите деца (и себеси со нив) ги доживуваат како жртва на човечкиот фактор, па не се согласуваат со јавната квалификација „трагедија” за ужасот што им се направи, инсистирајќи на квалификацијата „убиство”.

Самиот човек го претпоставуваат првенствено како етичко битие – личност меѓу личности, која си забранува употреба на другите како предмет. Божем држат предавања за Кантовиот „категорички императив” или за „етиката на одговорноста” на Вебер. Од таа позиција, во актерите на „Пулс” тие препознаваат тип на луѓе надвор од таа мера, во кои алчноста и корупцијата, како пиреј, го попречиле развојот на потенцијалните дарби својствени на родот; генерира неодговорност на работ на непресметливост. Тоа дополнително им ја продлабочува болката на родителите и тие сеедно повикуваат на сочувство, на емпатија, на жал, на совест, на човештина.

Така Кочани се исправи спроти кочани (множина од кочан, дршките на плодовите од пченката односно од зелката). Иронично, хомонимот кочани си легнува како логична метафора и синоним за непосредно одговорните, за централната власт (ниедна оставка, политика на ној за злосторството), за локалната власт (слава Богу, оставка на градоначалникот), за Македонија 2025. Тенденцијата на вкочанување зела таков замав, што, додека Кочани бара одговорност за стореното злосторство, една млада вепешанка многукратно се обраќала до надлежните институции, молејќи за заштита од продолжително насилство, и дочекала да биде убиена, заедно со татко си. Луѓето кочани се кочан зима и за институциите, за системот, во крајна линија, за res publica(та).

Словенија и Србија- оставки и протести

Убиството деновиве во Словенија, 14-те жртви од падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад и нашето Кочани, се три примери на различни реакции на државите и општествата спрема случаи на невини жртви со системска заднина.

Во Словенија е убиен Словенец од припадник на ромска заедница. Веднаш следуваат оставки од министрите за правда односно за внатрешни работи. Владата одржува итна седница, по која премиерот отпатувал на местото на злосторството. Мајката на нацијата повикува на ангажман за навремено да се санкционира насилството, зашто задоцнета правда не била правда.

Во Србија реакцијата  дојде од општеството. Се разгоре во целогодишни студентски протести. Уследија низа оставки и  владини реконструкции, но режимот на Вучиќ одолева. Конфликтот продолжува.

Луѓе на протести по катастрофалниот пожар во Кочани
„Да ја примениме оваа правда и на земјата, така што името на градот што евоцира кочани да го замениме со име изведено од ангели. Во духот на македонската топонимија, тоа име би било Ангелци.“Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Кај нас државата фати позиција да не се политизира „таков трагичен настан”; да се остави случајот на обвинителството и судството. Мајката на нацијата не осамна во Кочани по грозоморната ноќ; не го свика Советот за национална безбедност, не направи гест еднаш да биде дел од „Маршот за ангелите”. Парламентот си зеде двонеделна пауза по „настанот” и до ден-денес не допушта да стане збор за него. Студентите се собраа на еден млак протест за солидарност со жртвите, но тој им беше узурпиран од ректорката на УКИМ и од министерката за образование и наука, кои им одржаа миротворни, академски предавања. Потоа се раскараа и ги снема. Општеството реагира на изборите, со најмала излезност.

Ангелци наместо Кочани

Во согласност со апелот на „Маршот за ангелите” реагира словенечката држава. Проблемот со ромските гета во Словенија има подолг век од векот на „Пулс”, но надлежните министри одговорноста за убиството ја презеле на себе, зашто тоа се случило во нивно време. Дали тоа владата ја прави објективно одговорна за криминалното дејание, или напротив, тоа е чин на радикално дистанцирање од него?

Словенечката држава ја следи втората импликација, со искушение да ја колективизира вината; македонската  – првата: нема оставки, нема протести, нема вина.

Обвинителството на парадоксален начин ја следи намерата на власта: промовира теорија за „верижна одговорност”, покренува широко и единствено обвинение за „тешки дела против општата безбедност”; го деконкретизира чинот на пожарот, злосторот го идентификува со објектот како таков и обвини буљук физички и правни лица – реалните и непосредни виновници ги хомогенизира во толпа со опфат од основањето на „Пулс” до кобната ноќ. Тоа ќе биде судски процес без крај – долготрајна агонија за жртвите, релативизација на вината на обвинетите.

Во меморијата на следните поколенија кочанското злосторство ќе остане поврзано со општата „идеологија” на алчноста и корупцијата на сите политички субјекти, но кое се случило при власта на ДПМНЕ. Аналогно, жртвите од модуларната болница во Тетово и од автобуските хаварии кај Ласкарци и во Бугарија, ќе се поврзуваат со неподнесени оставки на надлежните министри при власта на СДСМ. Како најдлабок изблик на човештина ќе се памети „Маршот за ангелите”, кој во името содржи идеална правда за жртвите: тие се ангели и нивното место на небото е до Бога. Да ја примениме оваа правда и на земјата, така што името на градот што евоцира кочани да го замениме со име изведено од ангели. Во духот на македонската топонимија, тоа име би било Ангелци. И би значело духовна победа на ангелите над кочаните.

Вечен спокој дај им, о Боже.

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close