Религијата во закрила на јавното здравје

Вториот бран на КОВИД 19 веќе ја тресе државата. Додека целиот регион работи на отворање на границите, ние работиме на санирање на штетите кои сами си ги направивме, заради непочитувањето на здравствените власти и секако инертноста на полицијата. Тензиите помеѓу јавното здравје и религијата не се нови, но се интересни ако се набљудуваат во контекст на пандемијата. Имено првичните судири ги видовме со движењето за анти-вакцинирање или (Anti-Vaxxer movement), каде што врз изјава на родителите дека вакцинирањето е против нивните религиски уверувања, децата не примаа вакцина. Колку и да беше интересна таа дискусија сега дојдовме во ситуација каде органичувањето на тие слободи и права да биде во насока на чување на колективното јавно здравје. За да можеме да направиме паралела зошто вториот бран од вирусот нам ни се случува и каде катастрофално утнавме како нација, треба да се осврнеме на фундаментите на слободата на вероисповед, улогата на здравствените власти и секако – политиканството. Но значајно е да се спомне дека министерот Филипче и Комисијата за заразни болести, мора да продолжат непречно со работа и покрај политичките притисоци, што воглавно доаѓаат од неспособни политичари.

Во ЕУ и кај нас, слободата на мисла, совест и вероисповед е дефинирана во членот 9 од Европската конвенција за човекови права. Одредбата упатува дека секој човек има право на мисла, совест и вероисповест, вклучително и правото слободно да практицира, предава, чествува или набљудува религиски обреди. Буквално сите можни слободи за непречно уживање во религија по нејзин или негов избор. Од друга страна истиот член предвидува строго определени ограничувања на ова право во интерес на зачувување на јавната безбедност, здравје и интересите на демократското општество. Значи ограничувања се можни, но како?

За да дадеме практичен одговор на тоа прашање, ќе ја ставиме таа слобода во контекст на реалните или практичните рестрикции во религиската слобода за време на КОВИД 19, кои беа направени и прифатени од клучните религиски центри во светот. Почнувајќи од Ватикан, Светиот татко, папата Франциско потполно сам ја одржа велигденската миса и им порача на светските лидери заедно и солидарно да се справат со овој „епохален предизвик“. Јавноста секако беше исклучена заради заштита на јавното здравје. Следеше и откажувањето на чествувањето на Еид ал Фитр од страна на Турција, чија влада прогласи четиридневен полицијски час и Саудиска Арабија каде муфтиите им порачаа да верниците да го чествуваат празникот дома и да не излегуваат надвор, во обид да го спречат ширењето на вирусот. Во двата случаи јавноста беше исклучена за да се зачува нејзиното здравје. Спротивно на тоа, верските лидери во Северна Македонија го прогласија вирусот за мртов, се качуваа на џипови и прскаа света вода против вирусот и повикаа на славење на верските празници, спротивно на препораките од здравствените власти. Значи досега е јасно дека сите клучни религиски лидери, бараат јавноста да се воздржи од јавно чествување, за да и се зачува нејзиното здравје. Додека тие зеји пола но сигурно прогласуваат крај на епидемијата, кај нас границите се затвораат и се прогласува втор бран. Е тука мора да се запрашаме што е со нас? Дали сме поголеми католици од папата?

Имајќи предвид дека КОВИД 19 е високо заразна болест со смртоносни последици, логично е дека врвен приоритет на сите јавни власти, па и нашава, е зачувување на здравјето и благосостојбата на граѓаните со сите можни средства кои се на располагање. Секако обврска е на секој од нас, како совесни граѓани да преземеме мерки за намалување на ширењето на вирусот со самоизолација и почитување на мерките. Доколку овие се „јасни како ден“ инструкции, зошто тогаш техничката Влада и сите битни политички актери во државата направија страшно отстапување од мерките за време на религиските празници, а на сметка на јавното здравје за собирање ефитни поени? Сведоци сме на уште дополнителна длабока поделба на општественото јадро (како претходните да не беа девастирачки за нас), во која што евидентно се гледа дека граѓанството е укинато, забошотено и ние самите сме сведени на состојба на „гол живот“ кој само навидум е човечки, а не е.

Во демократска држава, постојат ограничувања на одредени права за заштита на јавното здравје и интерес. Меѓутоа во јавноста преовладува чувство на двојна реланост дека сепак либералната демократија и младите демократски институции во државата не се баш либерални, туку квази либерални кон теократски. Цинизмот што беше покажан кон Комисијата за заразни болести и утилизација на верските заедници за собирање ефтини политички поени, а притоа ставајќи ги граѓаните во ризик ја отсликува первертната слика на македонското општество денес.

Таа первертна слика се состои од два синдрома: синдромот на конспирација и синдромот на жртва. Синдромот на конспирација ракува со психотичната сигурност дека нешто страшно нам ни се случило во минатото и сме предодредени за патење, дека вирусот е вештачки и сме осудени на постојан хорор наметнат од надвор. Секако и тврдењата дека вирусот е производ за да се одложуваат изборите. Манифестацијата на тој синдром се мешаните пораки кои се добиваат во јавноста – техничката влада кажува едно, министерот за внатрешни друго, политичките партии трето. Тој различен и некоординиран нарав во принцип е контрапродуктивен за јавното здравје и идиотски. Вториот синдром е синдормот на жртва односно чувството на постојана измаменост дали од македонската заедница во однос на другите заедници или обратно, не е битно. Тој синдром вешто се користи од политичките субјекти и верските заедници и се манифестира на психолошка состојба на потиснатост од другите и се манифестира со луцидни изјави на верските лидери за чествување на празниците и факти за вирусот, што се во директна спротивност на препораките СЗО и Комисијата за заразни болести за превенција од вирусот.

Секако тука јавните власти и пржинската Влада потфрлија со неосудување на таквите изјави од релгиските групи, небитно од која провиненција доаѓаат. Но затоа одговорот може да се најде во правото, односно во улогата на јавното обвинителство. Обвинителството е тоа што по чл. 206 од КЗ може слободно да покрене кривично гонење против сите кои не постапуваат според мерките за превенција на вирусот. Биде сигурни дека употребата на овој член врз граѓанин што не го почитувал полицискиот час е небулозна и глупава, но употребата на овој член и механизам против лица кои имаа општествено влијание како световни или „верски лидери“, и кои јавно пропагираат непочитување на мерките и директно се вмешуваат во државната политика на спречување на епидемија е сосема друга работа. Во нивниот случај имаме настаната последица (вториот бран од вирусот) од дејствијата на обвинетиот, која членот ја бара за да се активира и примени во практиката.

Од друга страна одлика на политичкото вмешување во област во надлежност на медицинските експерти е хаосот во администрирањето со справувањето со јавната криза, што доведува до експлозија на бесмислена интеретничка омраза. Тоа е таа состојба во Северна Македонија, која сите ние ја сведочиме (неумешност на полицијата да одржува полициски час, заобиколување на наредбите од Комисијата за заразни болести, поделената пржинска влада и нејзиниот нелогичен однос спрема верските заедници и сл.) што доведува до шизофрена ситуација на самиот граѓанин, која се толкува како „се е можно“ и „се е забрането“, односно дека ништо не е предвидливо, освен дека конечно за се ќе одлучи Партијата.

Без разлика на политичките одлуки во јавното здравје и олабавувањето на мерките во кризните сегменти на кризата, Комисијата за заразни болести мора да продолжи да функционира. Секој кој повикува на нејзино укинување не ги има најдобрите интереси на македонскиот народ при срце. Но сепак тектонската нестабилност, говорот на омраза, делата од омраза, предрасудите и инцидентите циклично се повторуваат и се одржуваат. Нов концепт на напредок е можен со храбар концепт и секако храбри политички елити.

За одјава – глупоќата отсекогаш била околу нас, меѓутоа сега имаме капацитети да ја снимиме и пуштиме вирално за сите, а и органите на прогонот да ја видат.

м-р Андреј Божиновски

Back to top button
Close