Репортажа – Атиџе од Црвена Вода: Нам „секирата во медот” ни падна „природно“!

Силните впечатоци и пораки од документарната филмска сторија на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, која  го прикажува животот на Хатиџе Муратова, претставена како последната пчеларка од Македонија, од  селото Бекирлија, во централна Македонија, покрај реката Брегалница, во улога на репортер на Либертас, ме однесе во пазувите на западна Македонија, со намера, од таму да пренесам нешто слично и оригинално.

Филмот, како што е познато, обработува неколку еколошки теми, како што се: климатските промени, загуба на биодиверзитет и експлоатација на природните ресурси и слично. Темите се универзални, дејствијата се случуваат на сите меридијани, но, за жал, областите со недопрена природа брзо исчезнуваат.

Сега е јасно, зошто жителите од општина Дебрца, мала по население, но голема по територија и тоа уникатна, како еден, станаа во намерата да не дозволат изградба на регионална депонија кај селото Годивје.

Васе и Војдин – Атиџе од Црвена Вода!

Васе и Војдин се мегу ретките кои останале во живописното, уште и борбено – историско Црвена Вода, на дваесетина километри од Охрид. Далеку горе, на надморска височина од над 100 метри, под врвовите на Караорман. Барем во Охрид, за нив двајцата се говори како за – Атиџе од Црвена Вода.

Се разбира, пчеларството е во прашање. На начин, сличен, или ист како Медена земја, перфектната парабола на нашето време, за угледниот Њујорк Тајмс – , додека за критичарот А.О. Скот ништо помалку од вистински еп, еколошка алегорија во вистинскиот живот.

На Војдин не му пречи кога ќе го “поженчат” како Атиџе. Васе, пак, не сака туги перја, кабаетот го префрла на својот животен сопатник, со кого одгледале потомство со кое се гордеат, иако, времето и (не)условите за живот ги раштркале од Европа до Австралија. За болката да им е помала, барем, едното чедо им живее во Охрид.

За Атиџе се знае дека произведува биолошки мед. Војдин, пак, отишол, поточно се вратил уште неколку чекори наназад.Нему медот му го произведува самата природа. Неговиот инстикт и неговото ускуство, уката што ја црпел од постарите, му овозможиле, тој да ги пронајде пчелите ( “бубачињата” – локален жаргон), во самата природа, далеку во шумите, во планините.

Природен нектар за почест и лек

Од тој момент, тој живее заедно со “бубачињата”, си ги споделуваат заедно сите маки и радости, си го надополнуваат животот. Нешто ќе им земе, нешто ќе им врати. Природата е вели широкодушна. Таа знае да ти даде дури 30 килограми планиски мед.

-Тоа е толку драгоцено и животно корисно што не се исплатува да се продава. Освен да се подарува, се разбира, во мали количини, за проба, често за здравје, понекогаш и за слава. Сум слушал дека и во Албанија имало мајстори како мене – да пронајдат пчелно семејство во планините. Доагале богати Руси да им го откупат, за цената не прашувале, вели Војдин Николески. Го носи славното презиме на соселанецот Ванчо Николески, основоположникот и бард на литературата за деца и млади кај нас. За времето на Титова Југославије Ванчо беше обврзна литература за средните и основните училишта – од Гевгелија до Есенице, на словенечката граница со Австрија.

Војдин и “не љуби” многу што медот му го нарекуваат див. Диви се лугето, од пчелите нема попитоми, додава. За него, тие се  најцивилизираниот производител на планетата земја. Според него, кога ќе ги снема пчелите, ќе не снема и нас.

-Овој мед не го продавам, можам само на тацна да го подадам. Го вкусиле знајни и незнајни, роднини и пријатели. Многумина познати, од бизнисот и од политиката. Од бизнисот, посебно ги издвојува Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора ( и самиот со коренче од Црвена Вода, по мајкина линија – познатиот општественик Ангелина, за селаните само – Лина), Кочо Анѓушев и други. Од политиката, ги има многу повеќе. Од градоначалници, пратеници и министри, се до шефот на државата, почитуваниот Стево Пендаровски, вели Војдин.

Овој мед не се продава – само на тацна се подава!

Војдин ни раскажува анегдота, интересна случка со претседателот. Ми беше чест, вели, да му подарам едно тегле стопостотен природен мед, му реков на синчето да му го однесе, кое може да биде и мое внуче (роден е 1944 година). Арно ама, што скромен, што збунет, пропелтечив, вели кога му го подававав! Претседателот, вели, ме забележа и ме охрабри на нему својствен – духовен начин: што си ти во селово, ми вели. Јас му велам – претседател (мислејќи на месната заедница), а тој ми додава: ами тогаш што си се згрчил – ти претседател, јас претседател, која е тука разликата!?

Занаетот да пронаоѓа “бубачиња”, го печел со децении, уште како дете. Првото пчелно семејство го пронашол кога имал 15 години, вели, во месноста Кошаришта.

-Го крадев занаетот од постарите, најмногу од Методија Андоноски, Бог да му душа прости! Во селото имаше неколкумина пчелари: Илија Матески, Најде Сиљаноски, го кажав и Методија. Имаа само по неколку, ни ги викавме, кошариња. Исти како оние од Атиџе, исплетени од тенка леска, а потоа, одозгора. покриени со лепешки, измет од добитопкот- помешан со слама.

Како што објаснува Војдин, постапката е мнопгу проста за оној што знае и има инстикт .Се користат водите и изворчињата, каде пчелите пијат вода. Потоа, во неколку фази, може да се стигне до пчелното семејство, објаснува Војдин.

Кога ќе ги снема пчелите, ќе не снема и нас!

Документарецот со Атиџе, беше премиерно прикажан на филмскиот фестивал “Санденс” на 28 јануари 2019 година.Потоа стигна и до номинација за Оскар. Пораката за нужниот баланс на луѓето со екосистемот, ако сакаме да преживееме – како што ни кажува Војдин, го освои светот, но не и Оскарот. Секако неправедно. Се осудувам да најдам објаснување во фактот дека не се совпаднаа сите коцки, во вистински момент, и, доколку доделувањето на престижната награда, се случеше во ова време на страшната пандемија со корона вирусот, прогнозирам дека Атиџе ќе беше оскаровка.

Сепак,  „Медена земја“, освои три награди на Санденс филмскиот фестивал, тоа е  првиот филм во историјата кој добил доминации за Оскар во две категории – најдобар документарец и најдобар странски филм, додека Атиџе стана славна личност, застаната до Сара Џесика Паркер.

Нашите јунаци, Васе и Војдин, не стигнаа до Холивуд. Но ете, сепак, се најдоа на Либертас, како уште една парабола на нашето време кое повикува – сите назад кон природата! Или, како што ни објаснува Војдин – Кога ќе ги снема пчелите, ќе не снема и нас!

Веле Митаноски

Back to top button
Close