Репортажа на ТАЦ од Тетово: Етнички поделени и во училниците

Сцената потсетува на сосема нормална настава по физичко воспитание и образование. Дури на втор поглед се забележува дека не сите учениците се мешаат во играта. Во предниот дел на училишниот двор Албанците играат одбојка и кошарка, а во задниот дел Македонците играат фудбал. Во мултиетничката Македонија учениците Албанци и Македонци имаат одвоена настава – во одвоени простории, како во училиштето „Лирија”, или пак во моноетнички училишта, каде учениците може да учат на својот мајчин јазик. Но, нели јазикот не би требало да игра речиси никаква улога кога е во прашање спортот?

„Децата мора да ги раздвојуваме, посебно на физичко“, вели наставничката по математика Греза Ибрахими, мавтајќи им на наставниците по физичко додека влегува во сивата училишна зграда. Над влезот прво на кирилично, а потоа на латинично писмо е испишано името „Лирија”. „Спортот во земјава отсекогаш е поделен по етничка линија“, вели таа. „На училиште потенцијалот за конфликти е особено голем во таа сфера“, смета Ибрахими.

Пред 20 години во Тетово ескалираше конфликтот помеѓу албанското малцинство кое во регионот со 55% е мнозинство, и македонските безбедносни сили од друга страна. Мотивирани од успехот за независност на Косово се формираше т.н. „Албанска ослободителна армија во Македонија”, односно УЧК. Седум месеци имаше борбени дејствија со десетици мртви на двете страни, сѐ до потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во август 2001 година со посредништво на ЕУ, НАТО и САД. Албанците добија поголеми права, како употребата на албанскиот јазик во јавната администрација. Албанските деца и во време на Југославија имаа можност да учат главно на нивниот мајчин јазик, но по договорот тоа се спроведе и во пракса. Пред сѐ на северозапад, каде се наоѓа и Тетово, училиштата се претежно чисто албански. Но, според студијата Пиза од 2015 година албанските ученици заостануваат за една година зад македонските во делот на природните науки. Подоцна и помал број од нив стекнуваат високо образование и почесто остануваат без работа.

Греза Ибрахими оди по ходникот и покажува на вратите: „Ова е албанска училница, ова е македонска.” Од 1191 ученик во јавната образовна установа, 799 се Албанци и учат само на мајчиниот јазик, додека во соседниот кабинет се зборува на македонски. И таа самата предава математика на албански. Смета дека ваквиот концепт има повеќе предности отколку лоши страни. „Само така секој може да го користи сопствениот јазик”, вели Греза. „Тоа помага при учењето.”

 

Дури и на паузите македонските и албанските деца одвај се мешаат, раскажува Ибрахими. Повеќе сакаат да си играат со соучениците, па  поради поделбата по јазикот тоа се секогаш деца од нивната етничка група. Но, барем нема многу кавги, вели наставничката, која и самата учела во тоа училиште. „Во мое време редовно имаше тепачки”, раскажува 25-годишната жена.

Во Извештај од 2019 година, Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) предупредува дека цели генерации се отуѓуваат поради поделбата во училиштата. „Тоа значително ја попречува интеракцијата меѓу помладите генерации и со тоа и нивните способности да изградат толеранција и да му одолеат на етнонационализмот”, се вели во извештајот околу образовниот систем во Северна Македонија.

 

Поделбата помеѓу Албанците и Македонците не е воочлива само во училиштата. Таа продолжува и на постари години. Во Тетово двете групи живеат една покрај друга: ги посетуваат само нивните кафулиња, ретко се мешаат во друштво на другите, не договараат романтични средби, а некогаш не можат да најдат ни заеднички јазик – и тоа е директна последица на образовната политика – албанските деца не учат македонски, а македонските не учат албански. Охридскиот рамковен договор од 20021 година имаше директно влијание врз образовниот систем. Исто како и други сфери, од 2005 образованието беше децентрализирано.

 

Па така, училиштата и нивните совети денес може самите да располагаат со голем дел од средствата, барем така стои на хартија. Но, во реалноста во тие прашања често се меша градоначалникот, покажува истражувањето на ОЕЦД. Локалните власти вршат притисок и врз директорите кога се работи за вработувања или за предметот историја – влијанието на политиката е големо. Во Тетово од завршувањето на конфликтот наваму во локалната самоуправа доминира партијата ДУИ, која произлезе од поранешната УЧК. Па така, на часовите по историја и натаму се молчи за конфликтот, раскажува и наставничката од „Лирија”.

Наместо на училиште, со школуван персонал, темата се обработува дома, на трпеза со членови на семејството, кои во многу случаи и самите се сторители или жртви во конфликтот.

Иницијативи за помирување со години не доаѓаат од страна на властите, туку од цивилното општество – како на пример од невладината организација „Лоја”, чиешто лого се издига над плоштадот во Тетово.

На соседна зграда на плакат за локалните избори пак свети албанскиот двоглав орел. „Последните влади се интересираа само за техничкото спроведување на Охридскиот договор и се занимаваа со тоа каде колку Албанци живеат“, критикува основачот на Лоја, Бујар Љума. „Но, проблемот не го решаваат од корен“, заклучува тој. Љума со пријатели ја основал организацијата уште во 1999 година, кога ја следеле борбата за независност на Косово од Србија. „Сакавме да бидеме подготвени ако нешто такво се случи тука”, вели тој. Оттогаш Албанецот со неговиот мешан тим организира политички стритарт настани, годишен фестивал на краткометражни филмови, мобилна книжарница во која децата може да го учат јазикот на другиот, или пак дошколување за справување со конфликти за идниот наставен кадар на факултетите низ цела земја.

 

Надежта ја полагаат во универзитетите

 

Неговата соработничка Егзона Луслиу е задолжена за соработка со универзитетите. „Ако сакаш нешто да промениш во една земја, мора да почнеш со наставниот кадар, односно со оние кои сакаат во иднина тоа да станат”, вели таа. Организацијата „Лоја” заедно со германското здружение „Курве Вустров” изработи курсеви кои „на факултетите полагаат темели за мултикултурна работа со младите и на тој начин ги зајакнуваат коегзистенцијата и дијалогот меѓу етничките групи”, објаснува Луслиу. Третираат теми како разрешување на конфликти без примена на насилство, човекови права, демократија. Размена на студенти кои потекнуваат од различни општествени групи исто така спаѓа во нивниот опус на активности. Младите прво мора самите да си ги преиспитаат своите искуства и предрасуди.

Факултетите на почеток се противеле да третираат теми како меѓуетничките односи во наставниот план, оти премногу свежи биле сеќавањата на насилството и мртвите. Во 2008 им успеало да го придобијат Универзитетот на Југоисточна Европа за својата кауза. Другите универзитети го следеле примерот. Денес курсевите на Лоја се задолжителни на многу педагошки факултети.

Во училиштето во центарот на Тетово, пак, наставничката по математика, Ибрахими, едвај и да може да наведе проект чија цел било зближување на учениците. Минатата година имало еден проект против мобинг, во кој барем учествувале сите ученици.

Иако се поминати 20 години од насилните судири, ситуацијата во Северна Македонија е тензична. Насилни дејствија имаше во изминатите години при обидите да се спроведе попис на населението. Охридскиот рамковен договор предвидува пополнување на местата во јавната администрација или во полицијата соодветно на етничката застапеност во структурата на населението, па така многумина стравуваа за нивното работно место доколку пописот покаже промена во соодносот на етникумите. Пред неколку недели, за првпат по 19 години, беше спроведен попис на населението без поголеми инциденти. Конечните резултати се очекуваат во 2022 година.

Во меѓувреме, отуѓеноста во „Лирија” се забележува дури и во наставничката канцеларија. Во долгнавестата и од цигари зачадена просторија има долга темна маса. Седат четири наставнички, видливо поделени: Албанките на едниот, Македонките на другиот крај од неа.

Извор: дв

 

 

 

 

 

 

 

Back to top button
Close