Репортажа: „Обаче“, не е „сашто, като исто“ – Ваташа и Витоша!?

В Тиквешко негде, в некое село,

кај в слана тивко венеше цвете,

убија дете.

(Славко Јаневски „Цветови“)

Судбо, мори, судбино, судбо – невернице!

Ја знаете веќе познатата досетка: кога двајца нашинци ќе се најдат на едно место, едниот е војвода! А кога ќе се соберат тројца – веќе едниот е кодош!

Рано утро, 16 јуни 1943, во селската меана во Ваташа, администраторите! (случајно ги замениле пенкалата со автомати!), како последица на кодошлак, привеле на сослушување група младинци и девојки,скоевци, кои кришум им помагале на партизаните.

Дванаесетте младинци биле застрелани. Четирите девојки, што, исто така биле уапсени, ги тргнале настрана и ги вратиле назад во селото. Убиените младинци не ги вратиле, туку ги закопале на местото:

Перо Видев (15), Ванчо Гурев (19),  Данко Давков (18), Илија Димов (18), Ристо Ѓондев (18), Блаже Ицев (20), Пане Мешков (18), Герасим Матаков (18), Ферчо Попѓорѓиев (26), Васо Хаџиjорданов (28), Диме Чекоров (20) и Пане Џунов (18).

За овој настан, симбол, нели, на администрацијата!, испеани се многу песни. Народни (Ми заплакало селото Ваташа), и уметнички (Славко Jанески, Лазо Каревски (Крвава поема) и многу други.

Настанот е незаборав! Кој ќе го сруши Споменикот на жртвите, или ќе го ревидира напишаното – раката да му се исуши!

Според местото каде сум се родил (Црвена Вода), и припаѓам на италијанската фашистичка окупација. Сте слушнале, ли, некој од Италија да се буни за формулацијата. Не! А, дали сте слушнале дека и денеска во Кичево, живеат потомци на италијански фашистички војници, кои после капитулацијата, останале да живеат тука. Еј, Фиренца ја замениле со оваа вокујебина! Дали некој нив денеска ги нарекува фашисти? Се разбира НЕ!

И поповите се бореле против администраторите!

Според местото на живеење, сега припаѓам под бугарска администрација!Додуша, администраторите, не дошле со пенкала, туку со шмајзери и автомати,ама нејсе!

Ја запоседнале најубавата зграда: “од балко, да плукниш вејзеро!”. Тука беше музичкото училиште. Денеска тоа е,бичим, стамбена зграда од приземје и два ката. Двата за газдите од Гранит, едниот за министерот што и обезбеди пренамена – домување! Балката, де, Балковски!

Кај црквата Свети Ѓорѓија, Средна Влашка Маала, распоредиле една единица. Постарите кажуваат дека патролирале на бициклети!”. Затоа, по капитулацијата, први фатле магла, оставиле се од опрема. Се знае што може да се понесе на еден велосипед!

Случајно, или не, тука служел протаереј-ставрофор Кирил Трпеноски.Татко на Миле Трпеноски, општественик од Охрид, чичко на Јово Трпеноски, познат адвокат, едно време и министер на полицијата. Името на Кирил му го наследил внукот, преубавото момче Ќирче, кое заврши медицина, паралелно настапуваше на програмите од првите приватни радиостаници во Охрид. Судба! Опака болест ни го одзеде.

Трпеноски се старо свештеничко семејство.Татко му на протаереј-ставрофор Кирил, дедо Јован (пак Трпеноски) ,по потекло од селото Дренок – Долни Дримкол, ја завршил, тогаш, прочуената Битолска богословија, но и Егзархијата (бугарска) во Солун. Ама, од Бугарин- ич! Дури и клетва оставил!

Поп, како поп, отец Кирил Трпеноски, ја држел службата се до Свети Наум. Свештената и онаа партизанската анти окупаторската. Преку врска од селото Лакочереј (источно од Охрид), пренесува воен материјал до Велмеј – Дебрца, а од таму – правец Црвена Вода. Кај Италијанците и партизанците!

Една слика – илјада зборови!

Фотографијава што сега за прв пат ви ја ставам на увид, е направена на 20 октомври 1944 година. Дело е на Коста Бандев, или Банде, татко на Владо и Љупка Бандева, мажено Димоска, мојата дактилографка, од времето кога директорував со Радио Охрид и уредникував со Езерски Глас. Помеко, попитомо семејство од нив, во Охрид, здравје! Од ова семејство е познатиот културен работник Миле Банде, брат на Коста. Имаше висока републичка функција. При едно патување во Италија, на хотелската рецепција, го предава црвениот југословенски пасош (во тоа време еден од најкрадените во светот!), претставувајќи се:Mile Bande. Рецепционерот ги кренал рацете увис!

Нејсе, на оваа фотографија, треба да ги препознаете: отецот Трпеноски (се разбира, средниот во мантијата, високиот-Трпеновци се многу лични и јадри), уште еден отец, ама асли-партизан, мојот имењак, Вељо Манчески. Ајде, присете се на пеачот Кирил Манчески!

Тука се уште, партизаните Гоце Митески, Видичот-Ило Видически од Луково, Лаљзо Ѓиноски од Белчишта, тој мустаклијата е Божин од Лешани, а тука до отецот Кирил е мојот соселанец Трајче Трајчески – курирчето од Волшебното самарче на мојот комшија Ванчо Никоплески.

Е, сега, ако можете, речете му, вие, на Бранко Азески, дека дедо му Трајче, или на колегата новинар и историчар, Дејан Азески – дека пра дедо му Трајче, се борел со хуманитарци и администратори, а не со фашиисти и окупатори!

Јагнула Куновска не се вдомува туку така и туку каде!?

За прв пат, ви нудам на увид уште една фотографија. Исто од Коста Банде.Снимена е пред тогашната општинска зграда.На нејзино место беше изградена библотеката, па и таа турната во криминалната транзиција, за на нејзино место да се подигне хотел-паралница за еври и денари!

На фотографијата, пак е протаереј-ставрофор Кирил Трпеноски, сега, во друштво со висок партизански командант и со Јачета, така го викаат старите охриѓани, свекорот на Јагнула Куноска. Личен, стасит мож од дебарско, елегантен, ала-франка дотеран.

Еми, Јагнула не се мажи туку – така и туку – каде!?Каков свекор – таков сопруг.

Кога Јагнула доагала на летување во Охрид, след војната, заседнувала тука до плоштадот во едно работническо одморалиште.Сите ние, дечурлијата од населбата Ј,но, кај Долна Порта и се до Света Софија, се собиравме да ја видиме грацијата како влегува и излегува од водата, ми се исповеда другар ми Кољо Рилко.

Веле Митаноски

Back to top button
Close