Репортажа: Славна Дебрца пред економски препород: од плодното поле органска храна – од голите каменари електрична енергија

Новинарите не создаваат настани. Кога новинарите создаваат настани (а уште за нив известуваат од судските сали, каков што беше случајот со покојниот колега Владо Танески од Кичево!), тогаш завршуваат, како што заврши и Владо, кого го “самоудавија!” во кофа вода во затворот во Тетово.

Од друга страна, настаните создаваат новинари. Никој не се родил како новинар и колку да бил талентиран. Негова среќа е, ако судбината го задеси во места каде има , што би рекол другарот Заев – еден куп настани.

А уште поголема среќа e,  ако во вистинско време, среќата и претчувството го наместат на вистинското место. Претчувството е како некоја голема густа и темна шума, а само од вас зависи, дали навреме ќе го почувствувате.

Ете, случајно или не, претчувството и професооналниот инстикт ме наместија, минатиот четврток, во канцеларијата на градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, да следам “во живо”, како одговорни политичари и стопанственици, договараат, проектираат – иницијативи и можности за стопански развој.

Уште, кога ќе се задеси, поголемиот дел од нив да се и роднокрајци, тогаш успехот е гарантиран.

На работната средба, се говореше, за проекти кои, во краток период, една од најмалите по број на жители, но со неисцрпни просторни ресурси – општината Дебрца, можат да ја извлечат од сиромаштија. Дури од еден од нив, слушнав како мајстор заварувач, се вратил од Германија –  за иста плата, тука во своето село, во фирмата “Милкуз”.

На едно место, кај градоначалникот Ногачески,  беа се собрале: првиот човек на бизнис заедницата, претседателот на Стопанската комора на Македонија (внук од ќерка на јунакот од Волшебното самарче – Трајче Трајчески), Бранко Азески, потоа угледниот академски професор и бизнисмен д-р Кочо Анѓушев, бизнисменот – сопственик на големата градежна фирма Илинден од Струга, Радован Трајкоски, сопствениците на Милкуз, најголема фирма кај нас за производство на печки и камини, Мери и Милчо Кузманоски, како  и уште некои други.

Малото, но, со стручноста и искуството, одбрано друштво, разговараше на тема, народни кажано – производство на обновлива електрична енергија, користејќи го сонцето, односно неговата светлина и топлина. Тие скратено велеа фотоволтажи, а јас, на своите седумдесетикусур години, разбрав дека за таа работа светлината била многу позначајна од топлината.Така рече професорото д-р Анѓушев.

НЕ СЕ СРАМИТЕ ДА БИДЕТЕ БОГАТИ, УСПЕХОТ Е ВО ДОБРИОТ ТИМ, НЕ МОЖЕТЕ ДА НАПРАВИТЕ ГОЛЕМИ ДЕЛА АКО НЕМАТЕ ГОЛЕМИ СОНИШТА

Во народот Анѓушев е перцепиран како богат човек. Во научаната заедница, како докажан педагог, додека во бизнис заедницата – како еден од најуспешните претприемачи. И самиот не крие дека е богат (така вели и угледниот Форбс) и додава дека тоа не е никаков срам, туку, напротив е гордост.

Дипломирал на машинскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 1992 во Скопје. Магистрирал во 1995, а во 1998 станал доктор на науки и редовен професор на факултетот. Во периодот 2000–2002 бил помошник на генералниот директор за производство и управување во Електростопанство на Македонија (ЕСМ).Поголема референтност – здравје!

Во делот на бизнисот и претприемаштвото, да не говориме посебно.Неколку негови проекти значително ја подобруваат сликата за македонската економија. Велешката компанија Брако е една од ретките примери на успешно изведена трансформација и приватизација.По завршувањето на стечајната постапка и приватизацијата, Брако освен со производство на жица, станува компанија со богато портфолио од разни производи.

Со достигнувањето на производството од 1.400 тони на жични производи месечно, на почетокот од 2005 година,се наметна како сериозен лидер во државата и во регионот. Од почетокот на 2006 година  отвори свои производствени капацитети, погони на пристаништата на реката Дунав во Панчево, Србија – Брако Феропродукт и во Видин, Република Бугарија – Брако-Бугарија. Со овие два значајни чекори компанијата прерасна во холдинг компанија.

Брако ги шири своите производни капацитети и почна да произведува камиони кои се извезуваат во САД, Кина, Англија, Германија, Белгија, Романија, Турција и Данска. Со договорот постигнат со Грин машин (Green Machine), оваа македонска компанија има почетни нарачки од 200 висококвалитетни возила за градско чистење кои ќе се гледаат низ светските метрополи. Брако денеска има повеќе од 600 вработени, а почна со 80 стечајни работници, за денеска над 90 отсто од производството да го извозува, после инвестицијата од  над  20 милиони евра

Анѓушев  е основач и главен извршен директор на Фероинвест ДОО, бизнис групација од компаниите Брако, Аквават, Мали хидро-електрани, Езеро МХЕ, Другово Студеница, Хидро Осогово, и Eнергѕ маитенанце солутионс.Бил помошник генерален директор за производство на електрична енергија во ЈП “Електростопанство на Македонија” .

Уште и професор на Машинскиот факултет во Скопје, при што одржува настава и е вклучен во повеќе научноистражувачки работи и има издадено повеќе од 100 научни трудови на меѓународни и домашни симпозиуми, а исто така има реализирано и повеќе од 50 проекти во индустријата, од областа на машинството и индустријата.

Со научни трудови- Истражувања од областа на динамика на машини, работа: нелинеарни динамички проблеми, моделирање на динамика на механизми, компјутерска симулација на динамика на механизми, динамички јакостни проблеми.

РАБОТА ЗА СИТЕ ЛОКАЛНИ ФИРМИ – БЕНЕФИТ ЗА НАСЕЛЕНИЕТО

Архитектот Игор МартинскИ, младо момче, ама како што се гледа доста , по нашки РЕЧЕНО – ошиклено, тоест стручно оспособено и со брз акал, на гостите им објасни дека оваа мала општина, со не повеќе од  дваесетина вработени, веќе отишла толку далеку што ги направила сите урбаниоостички подготовки за поставување на фотоволтажи на 50 хектари земјиште – гол камењар на Злестовска, односно кастрата (голината) над селата Горно и Долно Средорече.

И со букви – педесет хектари!

Донесени урбанистички планови и решенија. Извршена пренемена од камењар, во градежна површина. Пристапни патишта. Со државното земјиште веќе стопанисува општината. Адекватен ценовник, по квадратен метар површина. Веќе стекнати почетни искуства, бидејќи на теренот, веќе има два мали капацитети од 350, односно 75 киловати.

Тоа, во однос на наредниот зафат, е разлика колку одовде до месечината. Ако два хектари, даваат можност за производство на еден мегават, тогаш пресметајте колку ќе дадат 50 хектари?

Колку за илустрација. Постојната електрична инфраструктура, и покрај постоењето на хидро-електричната централа “Песочани”, не може да прифати нов капацитет од  само хектари, односно еден мегават!  За тоа треба да се изгради 110 киловолтна трафостаница – за 50 мегавати, какви што имаат средно големите градови во земјата.

Ете за толкави можности, за толкави количини обновлива електрична енергија стануваше збор.За мене лаик, по малку зачудувачки.

СРЕДЕ МАКЕДОНСКО СЕЛО – СВЕТСКИ ПРИМЕР НА ЗАОКРУЖЕНО, ОБНОВЛИВО ПРОИЗВОДСТВО!

Мери Кузманоска, првенец во својата генерација на ФОН Универзитетот, ја води фирмата “Милкуз”. Исцело производствен капацитет. Над стотина вработени, во Фабриката за производство на камини и печки на пелети (поранешната фабрика за ремени за автомобили на “Застава”), во Белчишта, ПОТОА новиот производствен капацитет за медицинска марихуана во Ново Село, Фабриката за пелети во Ресен.

“Милкуз” е светски, а не само македонски и балкански пример на заокружено, одржливо производство. Не само кога е во прашање индустриското производство, туку и исхраната на вработените. Тие имаат најсовремена кујна, а се хранат со еколошки чисти и органски произведен грав, компир, пиперки и се останато. Сето тоа од нивни ниви и со нивни труд, нивно производство.

Следен чекор е преку фотоволтажите да си обезбедат доволно електрична енергија за своите индустриски капацитети. Остатокот – на слободна продажба. Народски кажано фирмата функционира како едно семејство.

За нив нема застој ниту лете, ниту зима (освен кога газдите сите ќе ги пуштат на колективен одмор, а  си имаат и свои објекти на Преспанското Езеро), ниту во некорона, ниту во корона. Фрчат камиони – шлепери кон Белчишта, и, од таму  назад – кон Грција, Италија, Романија, Северна Европа…

Веле Митаноски

Back to top button
Close