Репортери без граници: Македонија напредна за две места, но опадна довербата во медиумите

Во годишниот Индекс за слободата на медиумите на меѓународната организација Репортери без граници во кој се опфатени 180 земји, Македонија се најде на 36-тото место и има напредок од две места во однос на претходната година, но сепак се бележи опаѓање на довербата на општеството во медиумите, како резултат на дезинформациите и недостаток на професионализам.

 

Понатаму, во извештајот се наведува дека владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите.

 

Државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој.

 

ADVERTISING

 

Се забележува дека новинарството е многу несигурна професија, а некои медиуми се подложени на влијанија од страна на маркетинг-агенциите.

 

– Иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн-медиумите играат важна улога. Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн-редакции кои вработуваат новинари и објавуваат оригинална содржина, и поединечни портали кои прават плагијати и копираат и залепуваат содржини. Исто така, постои голем јаз меѓу користењето и довербата – најгледаните ТВ станици имаат низок индекс на доверливост – пишува во извештајот.

 

Извештајот забележува дека владините агенции не се многу транспарентни, а критичкото новинарство е сè повеќе подложно на напади.

 

– Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок на властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии на власт и во опозиција создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност – велат од организацијата.

 

 

Фото: Репортери без граници, Принтскрин

Додека Уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, извештајот нотира дека земјата бавно го усогласува законодавството за медиумите со стандардите на Европската Унија.

– СЛАП (SLAPP)-тужбите, познати како стратешки тужби за спречување на јавно учество чија цел е да ги заплашат и финансиски да ги исцрпат тужените новинари или медиуми, се користат за заплашување и притисок врз независните медиуми. Осудата за клевета, во 2023 година, на медиумот ИРЛ за истрага од општ интерес постави опасен преседан. Новиот Закон со кој повторно се овластуваат националните и локалните власти да се рекламираат во медиумите во приватна сопственост, ја зголеми загриженоста за можното поврзано ширење на влијание – се наведува во соопштението.

 

Иако не постојат јасни ограничувања во социјалната и културната средина кои влијаат на слободното новинарство, се забележува дека социјалните медиуми и дигиталната сфера генерално го фаворизираат ширењето на дезинформации и кибер-закани. Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат за опаѓање на довербата на јавноста во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинари врз основа на пол, етничка припадност или религија.

 

Новинарите често се мета на вербални напади. Под изговор за заштита на државните тајни и личните податоци, тие можат да бидат изложени на судски притисок и произволни правни постапки.

 

– Сепак, судовите имаат тенденција да ја поддржуваат слободата на медиумите и да ги штитат новинарите. Во главниот град беше назначен специјален обвинител кој ќе ги води случаите на напади врз новинари, а се разгледува и отворањето на слични канцеларии низ целата земја – додаваат од организацијата Репортери без граници.

 

Според годишниот Индекс за слободата на медиумите, Македонија е пред земјите во регионот – Хрватска е на 42. место, Косово на 56., Босна и Херцеговина на 64., Бугарија 71. место, Србија се најде на 91. место, на 96. е Албанија и Грција е на 107. место.

На прво место и оваа година се најде Норвешка, на второ место е Данска и на трето Шведска.

Во сите региони во светот, изборите претставуваат многу силен притисок врз новинарите.

Back to top button
Close