Републички Црвен крст: Во функција сите механизми за хуманитарна помош за повредените и семејствата на настраданите

– Црвениот крст на Република Северна Македонија соопшти дека со сите свои расположливи капацитети, во соработка со државните институции дава придонес во обезбедување на потребната поддршка за семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката во Кочани, а отворени се и наменски телефонски линии за прва психолошка помош. Воедно, апелираат до сите да ја покажат хуманоста и солидарноста за обезбедување помош за настраданите семејства.

-Од името на Црвениот крст на Република Северна Македонија уште еднаш сакаме да изразиме длабоко сочувство и солидарност со семејствата на настраданите граѓани во стравичната несреќа која се случи во Кочани во утринските часови. Ја споделуваме тагата со семејствата на трагично загинатите, иако сме свесни дека во моментов, нема зборови што може да ја утешат нивната болка и загуба. На повредените им посакуваме брзо опоравување. Во овие тешки моменти кога се изгубени толку многу млади животи сакаме да истакнеме дека Црвениот крст на Република Северна Македонија со сите свои расположливи капацитети, во соработка со државните институции дава придонес во обезбедување на потребната поддршка за семејствата на настраданите, нагласуваат оттаму.

Од Црвениот крст наведуваат дека организација ги ставила во функција сите механизми за хуманитарна помош за повредените и семејствата на настраданите со нудење на прва психолошка поддршка, прва помош и материјална поддршка. Црвениот крст на РСМ достави и помош во болницата во Кочани со ќебиња, постелнина и инвалидски колички. Возилата на Црвениот крст од програмата за санитетски транспорт се ставени во функција на институциите на системот.

Отворени се наменски телефонски линии за прва психолошка помош на броевите 071/338-081 во Кочани, 074/203-030 во Штип и 072/271-048 во Скопје кои ќе бидат во функција 24/7.

Од Црвениот крст на РСМ, информираат дека веќе ае контактирани од страна на Меѓународниот комитет на Црвен крст и партнерски национални друштва на Црвен  крст и Црвена полумесечина и понудена е помош.

-Ве повикуваме сите заедно да ја покажеме нашата хуманост и солидарност за обезбедување помош за настраданите семејства. Ве повикуваме да делуваме заедно преку :

Сметка на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за настраданите граѓани во пожарот во Кочани.

Донации со повик на телефонските броеви на Македонски телеком и А1 Македонија143 400 (донација од 100 денари од телефонски повик).
За донации на средства во странска валута:
NAME OF THE ORGANIZATION: MACEDONIAN RED CROSS

BANK NAME: KOMERCIJALNA BANKA AD SKOPJE

BANK ADDRESS: UL. ORCE NIKOLOV NO.3, 1000 SKOPJE, MACEDONIA

BANK ACCOUNT: 300000000000133 25730522-11

SWIFT CODE: KOBSMK2X

IBAN CODE: MK07300701000001228.

Back to top button
Close