Република Српска бара укинување на функцијата висок претставник на меѓународната заедница во БиХ
Парламентот на Република Српска, една од двете ентитетски единици во Босна и Херцеговина, усвои декларација со која се бара итно укинување на функцијата на високиот претставник на меѓународната заедница во земјата.

Со Декларацијата предложена од претседателот на Парламентот Ненад Стевандиќ, Народното собрание на Република Српска упатува официјално барање до Советот за безбедност на ОН за донесување резолуција за прекин на мандатот на високиот претставник и затворање на таа институција.
Во документот се посочува дека според Дејтонскиот мировен договор, надлежностите на меѓународната заедница биле временски ограничени, но дека со текот на годините, според Парламентот, тие биле проширени преку т.н. „бонски овластувања“.
Парламентот го оспорува и легитимитетот на актуелниот висок претставник, Кристијан Шмит, тврдејќи дека неговото назначување не било потврдено од Советот за безбедност на ОН, што е спротивно договорниот режим.
Во заклучокот, се бара враќање на целосните надлежности на домашните институции согласно оригиналниот Дејтонски договор, со кој по војната во 1990-тите Босна и Херцеговина беше поделена на два ентитета со сложен систем на заеднички државни институции.






