Републиканците не го прифаќаат предлогот за повеќе од трипати зголемени исплати за Американците

Републканците во Конгресот ја блокираа намерата на демократите за зголемена парична помош за Американците, откако претседателот Доналд Трамп го побара тоа и не го потпиша донесениот пакет економски мерки.

Трамп го врати назад пакетот мерки, стимул за американската економија, вреден речиси 900 милијарди долари и побара повеќе од трипати зголемени исплати, или од предвидените 600, Американците да добијат многу поштедра сума од 2.000 долари.

Некои експерти ова го нарекоа блеф на претседателот, во време кога републиканците и демократите договорија многу понамалена сума. Демократите го поддржаа предлогот и веднаш започнаа формална процедура за негово „едногласно усвојување“.

Во преговорите за донесување на пакетот мерки, демократите се бореа за повисоки исплати за Американците, барем во висина од 800 до 1.200 долари, како и во првиот пакет донесен при крајот на март. Но републиканците беа против, така се дојде до половична цифра за исплати. Воден од необјасниво поведение, Трамп синоќа не само што ги прати назад мерките и побара повеќе од трипати зголемена исплата за Американците, тој стави вето и на буџетот за одбрана.

По сѐ изгледа, нема да има ништо од она што изгледаше како сламка за спас од кризата во која се втурнати работниците, малите бизниси и услужните дејности во земјата. Барем не наскоро – се предвидува стимулот за Американците да пристигне најрано по 15 јануари идната година, многу подоцна од најавите на Стивен Мнучин, министер за финансии, кој во понеделникот изјави дека парите ќе започнат да се исплаќаат идната недела.

– Денеска утринава пред божиќната вечер, републиканците од Претставничкиот дом го лишија американскиот народ од 2.000 долари помош што Претседателот се согласи да ја поддржи, изјави спикерот Ненси Пелоси. – Ако претседателот е сериозен за ова, тој треба да ги повика републиканците да престанат со опструкцијата, додаде таа.

Недоразбирања има околу буџетот на САД за странска помош, во кој спаѓаат и парите на УСАИД. Републиканците и Трамп во вторникот побараа негово ревидирање, демократите се против. Тие сега повторно ја покренаа оваа тема како полуга за влијание врз барањата на демократите за поголеми исплати.

Претседателот само ја „замати водата“ со максималистичкото барање. Па сега, останува нејасно кои ќе бидат следните процедурални чекори, додека поради доцнење на стимулот трпи економијата и работата на Владата.

Роковите полека истекуваат – исплатите за невработеност на 14 милиони Американци од претходниот пакет мерки важат до сабота, мораториумот за иселување на кираџиите кои не платиле кирии поради кризата истекува до крајот на месецов, додека привремените пари за работа на сојузната влада истекуваат до понеделеник на полноќ, ако законодавците не одобрат ново продолжување.

„Вашингтон пост“ од извори во Белата куќа дознава дека Трамп се уште вага дали да стави вето на пакетот мерки, кој што ревидиран, потоа повторно треба да се гласа од двата дома на Конгресот.

– Никој не знае кои се следните чекори на Трамп, и сите околу него се обидуваат да откријат. Шансите (за вето) се нешто помалку 50:50, истакна анонимен извор од Белата куќа.

Back to top button
Close