Ресторан, спа, фитнес и салон за убавина во Тетово краделе струја од тајна шахта – штета над 56.000 евра
Екипата на Електродистрибуција откри тешка кражба на електрична енергија во станбено-деловен објект на ул. „Браќа Миладинови“ во Тетово, кој функционира како ресторан, спа центар, фитнес и салон за убавина.

Според соопштението на компанијата, контролите откриле дека во објектот била поставена специјално изработена тајна подземна шахта која овозможувала противправно користење на електрична енергија. Дополнително, констатирано е директно неовластено приклучување на нисконапонски кабелски вод.
По утврдувањето на неправилностите, тимот за откривање на неовластено користење презел повеќе мерки: составен е Записник за случајот, поднесена е Пријава до МВР според член 235-а од Кривичниот законик за неовластено преземање на електрична енергија, а изготвена е и фактура за надомест на штета во износ од 3.459.428 денари, што претставува над 56.000 евра.
Од Електродистрибуција посочуваат дека ваквите активности се дел од редовните контроли со цел заштита на потрошувачите и справување со кражбите на електрична енергија објави Скопје1.мк






