Ревизија: ЕСМ работи со огромни загуби – струјата се продава под производната ценa

Државната компанија АД ЕСМ систематски работела со загуби бидејќи била принудена да ја продава произведената електрична енергија на универзалниот снабдувач по цени значително пониски од производствените, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР) во својот последен извештај за енергетската транзиција.

Ревизорите наведуваат дека најдраматични се податоците за 2024 година: Производствената цена на електричната енергија изнесувала 113 евра за мегават-час; Продажната цена, наметната кон универзалниот снабдувач, била само 59 евра. Истата состојба се повторувала и во претходните години:

Во 2023 година производствената цена била 91 евро, а продажната 55 евра; Во 2022 година производствената цена била 70 евра, а продажната 54 евра.

Ревизијата заклучува дека ваквото работење го загрозува опстанокот на компанијата и ја доведува под знак прашање способноста на ЕСМ да инвестира во зелената транзиција и модернизација на енергетскиот сектор.

Како директна последица на акумулираните загуби: државата морала директно да ја поддржува компанијата од Буџетот; во 2023 година ЕСМ се задолжила со 100 милиони евра заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за да ја одржи ликвидноста.

„Работењето во услови на системска загуба го загрозува континуитетот на работењето на акционерското друштво и ја ограничува можноста за ефикасно спроведување на јавните инвестиции во енергетиката,“ стои во извештајот на ДЗР.

Back to top button
Close