Револт кај граѓаните поради личните документи


Граѓаните се крајно револтирани бидејќи не можат да обезбедат лични документи, иако дел од нив велат дека процесот на фотографирање го завршиле пред месеци. Револтот на граѓаните уште повеќе го зголеми прекинот на струјата, кој извесен период го попречува работниот процес на шалтерот на МВР .

На овој проблем реагираше и Народниот правобранител. Тој рече дека голем број документи остануваат во магацините на Министерството за внатрешни работи и не им се делат на граѓаните. До Народниот правобранител со претставки реагирале голем број граѓани, а тим од кај Правобранителот инсистирал до Министерството за внатрешни работи да ги пронајде и дистрибуира документите.

„Рокот е даден, фотографирањето е завршено, дадена е дозвола за испорака и стојат во магацините на МВР. Без разлика дали се тоа патни исправи, пасоши, лични карти, возачки дозволи и така натаму. Откако почнаа да пристигнуваат претставки до институцијата Народен правобранител, организиравме тим во местата каде што имавме информации дека се наоѓаат за побрзо да ги добијат граѓаните кои имаат итна потреба да патуваат, од здравствени, студиски, научни, спортски и деловни причини. Инсистиравме МВР да ги побара тие документи и да им ги даде на граѓаните”, вели Насер Зибери, народен правобранител.

Зибери потсети дека законскиот рок за поднесување документи е 15 работни дена и нагласи дека системот мора да се стави во функција, МВР да се реорганизира и сите подготвени документи да им бидат дистрибуирани на граѓаните.

Back to top button
Close