Резил
Нѐ изрезиливте сите, нѐ направивте соучесници вo геноцид!
Светскиот хит „Имеџин” , на покојниот Џон Ленон, денес е актуелен повеќе од било кога. Поведен од мојот сентимент ја препеав песната на свој автентичен начин. Пораката е многу силна и битна за севкупниот светски поредок.
Сѐ поочигледно е дека во денешниот состав на пратениците во Собранието на Република Македонија има луѓе кои го штитат само личниот и партиски интерес.
Повод за ваков став е барањата на неколкумина албански пратеници за изгласување резолуција да Израел во појасот Газа дозволи проток на хуманитарна и медицинска помош. Палестинците, од деца па до највозрасни, денес умираат поради недостаток на храна, вода и лекови. Поради војната во тој регион корупцијата расте до невидени размери. Еден килограм грав се продава за 80 долари. Зошто? Затоа што најмоќната сила во светот САД, сѐ уште го поддржува овој воен конфликт, со најизразен геноцид кој се врши врз палестинскиот народ во појасот Газа.
Нашето собрание требаше да изгласа резолуција за поддршка на севкупната светска заедница која го осудува овој геноцид. Истата не се изгласа. Зошто? Затоа што овој предлог доаѓа од мала група на пратеници кои имаат висока свест за човекот и човештвото, додека останатите нивни колеги, водени исклучиво од партиските тесногради сфаќања за политиката и животот во светот, останаа воздржани. Молчењето во парламентот не е злато.
Под итно барам оставка на целиот парламентарен состав. Такви пратеници не заслужуваат да го прескокнат ниту прагот на Собранието на Република Македонија! Експлицитно се однесуваат неодговорно за прашања кои се суштински за севкупното човештво.
Со ваков нехуман чин ме осудуваат и мене и многумина мои сограѓани. Без своја волја ние сме поддржувачи на геноцидот. Ние, Македонците, се бориме за мир и еднаквост на сите граѓани во светот . РЕЗИЛ!
Трифун Костовски