Резолуции за мигранти – и свесна „експлоатација“ и намерно „разводнување“ на темата на штета на државата

НОВА РЕПУБЛИКА во петокот предложи Собранието да донесе Декларација дека Северна Македонија не може да биде крајна дестинација на депортирани мигранти.
Бидејќи саботата таков предлог се уште немаше, повикав – доколку собраниската опозиција нема претходна обврска кон Мицкоски – макар еден опозициски пратеник да ја поднесе без да се чека потпис на ВМРО-ДПМНЕ.
Во саботата СДСМ „спонтано“ најави „Резолуција“ на темата и го повика мнозинството да се потпише на предлогот, а повикот го повтори во неделата.
Веројатно претешко е да се најде опозициски пратеник да потпише документ за време на викенд… и некој да го достави до Архивата во Собранието.
Во понеделникот (вчера), очекувано, ВМРО-ДПМНЕ си достави своја Резолуција – во која, меѓу другото, „се осудува лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициските политички партии…“
На собранискиот сајт текстот на ВМРО-ДПМНЕ го има, но тој на СДСМ – не. Вчера веќе беше доцна да го поднесете… но вие си знаете.
Доколку е така, „комплименти“ за ова „подавање“ до ВМРО-ДПМНЕ: да поентира на тема на која е кабает, а има потенцијално длабок економски и безбедносен импакт по нацијата.
Мнозинството – расправајќи прво за својот документи и донесувајќи го – го обесмислува документот што требаше да биде суштински, а не е поднесен (на време).
Инаку, зошто Декларација, а не Резолуција? Прашањето не е само формално.
Декларација уредува општ собраниски став по прашање од општо политичко значење, а резолуцијата содржи укажување на состојбата, проблемите и мерките што треба да се преземат во одредена област.
Во услови кога не постои јавен владин документ за преземена обврска, но постојат силни индикации од странски медиуми земјава да стане дестинација на депортирани мигранти – Собраниска Декларација е обврзувачкиот документ за оваа и секоја влада дека…
Депортиран мигрант кој не минал безбедносна проверка во земја-сојузник во НАТО не е погоден ниту за Северна Македонија по ниту една основа.
Вака… мнозинството доби можност да оди со резолуција во која состојбите, проблемите и мерките ги врзува за опозицијата, а не за прашањето за која одговара како власт.
Процедурата не е излишност, а политиката не е „дополнителна дејност“ ниту хоби.
И од ова извлекуваме поука. Дека на изборите следната година како НОВА РЕПУБЛИКА имаме обврска да бидеме платформа на одговорна и државничка политичка и кадровска понуда. Која работи и за викенд.

Back to top button
Close