Рикер, „нон-пејпер“ и времето што ни истече   

Само што ја прочитав песимистичката, но вистинита, изјава на некогашниот американски амбасадор во Македонија Филип Рикер дека потрошиле многу време на Балканот и дека, со администрацијата на Трамп, веќе не сме приоритет за САД, осамна оптимистичка вест на првата страница на „Либертас“. Веста гласи „Нов нон-пејпер за Западен Балкан – зелено светло од Вашингтон за конечниот исход…“. Предлогот предвидува свикување на меѓународна конференција на која државите од Западниот Балкан ќе стават потпис врз новото статус кво, производ на последните војни во Југославија. Во замена за ставање крај на походот на балканските национализми, се предлага брз „заеднички прием на БиХ, Србија и Косово во НАТО“ и „условно членство во ЕУ“. Го читам овој разумен предлог и заклучувам дека ова е, можеби, последниот очајнички обид, на „европски начин“ да се влијае врз решавањето на балканските проблеми, пред Доналд Трамп и неговата администрација да, да посегнат по „балканскиот начин“.

Или уште поверојатно, и како што навестува Рикер, да не посегнат по ништо и да не препуштат на судбината. Таква конференција, се разбира, не би била успешна без Американците чија нова администрација нема веќе интерес за Балканот зашто има посложени теми на својата надворешно-политичка агенда. Како Трета светска војна, на пример. Бидејќи предлогот е вон од можностите на предлагачите,истакнати поединци и организации како разбирам, тој означува само еден обид да се влијае конструктивно врз ситуацијата во Западниот Балкан. Предлогот е повик до државите од регионот да го сторат она што не го сториле последниве три децении – да ги признаат новите реалности и да се прилагодат на нив. Целта, која повеќе личи на апел е преамбициозна: „Конечен крај на територијалните претензии и конфликти на Западен Балкан и конечен пресврт кон евроатлантските интеграции на целиот регион и оддалечување од руското влијание и потенцијалните војни кои се закануваат со дестабилизација на регионот“. Конечен ? На Балканот?

А понудата да се качиме на брзата лента кон членство во ЕУ? Да им беше членството во ЕУ вистинската цел на нашите високи политичари и нашите „врвни“ интелектуалци, а не како да ја освојат власта или како да трупаат акции по банките, дамна ќе бевме членка.Затоа, да не не залажуваат вакви нон-пејпери кои се премногу убави за да бидат вистинити. Ќе мораме да се соочиме со суровата реалност дека, со повлекувањето на американската моќ од регионот влегуваме во нов период на неизвесност. Ако Трамп нема повеќе уставни можности да ја повлече Америка од НАТО, за што сега му треба двотретинско мнозинство во Сенатот, тој може да ја затвори воената база „Бондстил“на Косово, на пример. Дури тогаш, при првиот албанско-српски конфликт на локалното население околу мостот во Митровица или на границите, ќе разбереме колку е скапа безбедноста на Балканот и каква била улогата на Американците. Како гледаме од изјавата на Рикер, Американците денес жалат за игубеното време на Западниот Балкан. Се надевам само да не биде дека нам ни истекло времето.

Денко Малески

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close