Ришелје  

 

Република Македонија се наоѓа во најделикатна дипломатска ситуација  од онаа пред речиси триесет години (прием во ООН). Од независноста имавме 11 министри за надворешни работи, речиси во просек  по 3 години. После своите релативно куси мандати, повеќето наши МНР после блескаво успешните  (термин Малески) извршените функции во заштитата на националниот интерес на нашата држава, воглавно се повлекуваа од надворешната политика.

Но, не сите. Едниот беше умислен дека ќе биде Ген. секретар на ОН, а сега мирно медитира во една опатија. После Преспанскиот период, тројцата наши најмлади МНР (А.Милошески,Н.Поповски и Н.Димитров) со акумулирано високооктанско енергетско гориво, во ера на неговото рапидно поскапување, интензивно се вклучени во актуелните збиднувања во нашава држава, а по повод спасоносниот француски предлог, прифаќањето од страна на кокреаторот Бугарија и рефлексии кои ги имаме во државата. Еден поранешен МНР од високата дипломатска функција  во нашата Мисија при ОН во Њујорк има нова шанса за афирмација на македонската дипломатија.

Макар што имаше реални причини за давање на оставка на функцијата министер, само   првиот тоа го направи, а најмалку уште тројца  министри, да имаа доблест би си поднеле оставки. Тоа го направи првиот министер ,сега во медиумите најекспониран и во јавноста повеќе присутен, отколку во времето кога беше министер. За причините поради кои даде оставка уредно го извести тогашниот претседател, кој после имаше мака кое дете од Водно да стави за нов МНР. Посебно е активен во последниве четири години во реминисценциите на Договорот од Нивици и Договорот за пријателство со Бугарија. Министерот Малески на министерското столче седна со тогашниот екипаж од Републичкиот секретаријат за односи со странство. Македонскиот хетероген дипломатски кадар од Белград, се врати во Скопје во јуни 1992, кога се одржа и самитот На Европската заедница Во Лисабон, кога по прв пат се соочивме со синтагмата “дополнителни услови” која како сенка не прати еве  триесет години. Во тоа време РМ немаше дипломатија, ниту јавна ниту тајна. Не почитувани, нема да продолжам со анализа не тогашните дипломатски ликови, кои требаше РМ да ја лансираат во меѓународната заедница. На сите ви се познати. Значи во 1992 година нашата земја немала никакви шанси да го сопре донесувањето на Лисабонската декларација во 1992 межу останатото и поради нашиот дипломатски капацитет. После Лисабон, во декември истата година, ЕЗ  од Единбург не упати во Њујорк (ООН)  како место на кое треба да го решаваме за меѓународното признавање. А ние таму бевме голи и боси. Најглавните дипломатски адути ни останаа во Белград. Ултиматумот од ЕЗ како услов за признавање на РМ од наша страна беше одбиен, не поради залагањето на нашата дипломатија, туку поради ставот на тогашниот претседателот и премиерот. Една од причините што министерот Малески неочекувано даде оставка беше Лисабонската Декларација,кога експертската влада не му ја прифати. Една година подоцна (1993) Малески пофторно дава оставка поради референцата под која РМ е примена во ОН. Овој пат оставката му беше прифатена. Тогаш министерот Малески беше разочаран од  европските дипломати кои еден ден зборуваат едно, друг ден друго. Денеска така не мисли. Силно му верува на Брисел и залагањата на ЕУ за проширување и со државите од Западен Балкан. Верува во бриселската дипломатија која е   целосно на наша страна а францускиот (ЕУ) предлог е  целосен цертификат за тоа, па барање на некакви наши  гаранции од останати меѓународни чинители е бескорисно и непотребно.

 

Нашиот прв министер за надворешни работи после втората оставка, заминува   на Ист Ривер, како шеф на Мисија на РМ во ОН, со што ја отвори практиката поранешни министри да одат за амбасадори( потоа Ханџиски, а од неодамна и Фрчкоски). Во 1993 се соочуваме повторно со синтагмата “дополнителни услови” содржани во резолуциите 817 на Советот за безбедност на ОН и 47/225 на Генералното собрание на ОН а по повод поставување на двата дополнителни услови за прием на РМ во ОН, со кои ние се согласивме. Влеговме во лавиринтот на преговори под покровителство на ОН, со доминантен дипломатски и геостратешки партнер со мудрата Атина. во тие исклучително важни моменти, МНР беше поранешниот само во РМ познат филмски режисер и амбасадорот проф. по меѓународно право Д. Малески. Двоец со кормиларот, поранешниот ни претседател К. Глигоров. Дали приемот на РМ во ОН беше блескава победа на нашата дипломатија. Секако не. Пропуштивме  многу шанси за поентирање околу името. Договорот ни го напишаа други. Ние аминувавме и Преспа влезе во историјата со насмејаните лица на премиерот Заев и Ципрас и министрите Димитров и Коцијас.

 

Останаува недовршена анализата дали тогашниот МНР, Црвенковски и тогашниот амбасадор при ОН, Малески знаеле за членот 4 на Повелбата на ОН, чиј прв став ги пропишува условите за прием.Према советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 1948, прифатено и од Генералното Собрание на ОН (со Резолуција 197/III (1948),тие пропишани услови се дефинирани и не може  да се прошируваат со доплнителни услови. Сега ова укажување има само едукативен значај, на пораката на  Проф. Малески дека македонската дипломатија во процес на решавање на своерачно креираниот проект-Договор за пријателство со Бугарија, го окарактеризира како  “блескава победа на македонската дипломатија”. Во што се состоји блескавоста и за каква победа станува збор. Единствено што блесна на македонското дипломатско кумулусно небо, се летните молњи кои го параат македонското ткиво и носат  нови поделби. Мудраци има колку сакате. Па нели имавте (поранешните министри) шанса за време на своите мандати отворените прашања да ги решавате по принципот на  францускиот државник, кардинал и министер за надворешни работи во време на Кралот Луј 13, апсолутниот застапник на националниите интереси во надворешната политика, и авторот на концептот  “raison d,etat”, Ришелје (Armand Jean du Plessis de Richelieu). Нашите министри за надворешни работи во своите подготовки ги заборавиле  мислите на осноовоположникот на реалистичкиот правец во меѓународните односи, креирани на почетокот на 17 век.

Начинот на приемот а посебно Договорот  од Преспа требаше да биде подостоиствен. Тогаш би зборувале за блескава победа на македонската дипломатија. Улогата на господинот Малески во приемот на РМ, можеби беше ограничен со оглед на неговата инферирност во меѓународните односи, меѓутоа како професор по меѓународно право во својство на МНР , а потоа и амбасадор при нашата Мисија при ОН, секако можеше да биде повлијателен. Вака има анегдота дека амбасадорите  во Мисиите при ОН,  возачот на  Мисијата на РМ го ословувале со амбасадоре, бидејки  го среќавале покрај  поштанските фахови, како си ја прибира поштата, па си мислеле дека тоа е нашиот амбасадор. Толку за неговата блескава улога во театарот на апсурдот на Ист Ривер.

И ова не е крај на нашите блескави дипломатски победи на кои не им се  гледа крајот. Пак дополнителни услови, ама овој пат во наша креација, режија и изведба.Со Бугарија 2017  потпишавме Договор за добрососедство, кој од билатерален договор  прерасна во преговарачка рамка со соодветни протоколи. Влеговме во нов лавиринт, кој секако има излез, ама по која цена. Во лавиринтот не повлече нашата дипломатија.Владата успехот го бараше во започнувањето на преговорите со ЕУ.   Договорот со Софија беше погрешно концепиран.Тој е основа поради што пак влеговме во нерамноправна дипломатска војна со Софија. Претседателот Макрон упорно  ни гарантира зaчувување на идентитетот на македонскит народ како и признавање на македонскит јазик. Мудриот ни прв министер за надворешни  работи, подржувајќи го францускиот предлог како гаранција за нашата сегашност, иднина и просперитетот наведува дека не ни се потребни никакви други гаранции и по навика на секој професор, го цитира хеленскиот историчар Тукидит дека “најсилната врска меѓу државите,а и луѓето се интересите”, можеше да ги прошири цитатите и на уште најмалку два цитати, од кои еден би се однесувал на  синтагмата ” Тукидитова замка”  кованица на проф. Алисон (да тој) опишана во делото на Тукидит “Пелопонеската  војна”. Блескавата, се разбира нашата дипломатија,  доведе до зголемување на поделба на општеството и зголемување на равнодушноста во македонска јавност за европската идеја. Македонската дипломатија единствено го искомплицира решавањето на македонско-бугарскиот јазол. Нашето Собрание стана заложник на нетранспарентноста на чекорите на нашата дипломатија кои се од јавен интерес. Прави неизнуден грешки, после што секогаш следат казни. Од народот секако. Доколку Собранието го прифати францускиот предлог на пратениците доставен во осакатена форма, тоа нема да биде блескава победа на нашата дипломатија, туку потврда на нејзината немоќ да ги заштити националните интереси на нашата земја, што е една од основните задачи.

Среќен и вечен Илинден.

 

Ѓорѓи Мисајловски

 

 

Back to top button
Close