Ризично е да се симнете од тигарот, но не е невозможно

Симнувањето на блокадата, колку е можно поскоро би бил конкретен чин на добра воља од бугарска страна на кој треба да одговориме со засилен ангажман за продлабочена соработка и адресирање на најсензитивните прашања.

Во една „веродостојна“ Европска Унија, очекуваме да пристапиме на истиот достоинствен начин на кој во неа пристапи соседна Бугарија.

„Јавање на тигар” е израз кој потекнува од кинеската поговорка „Кој јава тигар се плаши да се симне од него”.  Притоа, извесно е дека јавачот ќе биде конзумиран. Следствено и поуката, да не се јаваат тигрите. Изразот се употребува во ситуации кога за некого е навидум побезбедно да продолжи со одредено ризично дејствие отколку да се откаже. Впрочем,  повтореното вето од страна на Бугарија е одлична илустрација за актуелноста на оваа стара поговорка.

Јавање на тигарот од поодамна е омилен дел од националниот фолклор на Балканот, а постепено но сигурно се ревитализира и како подзаборавено но експлозивно наследство на остатокот од Европа. Колку и да е хипнотички привлечна таа слика и чин на умешност и храброст на јавање, исто толку е непријатна слика за гледање во момент кога јавачот и дел од набљудувачите ќе бидат изџвакани, проголтани и постепено дигестирани. Особен апетит тигарот пројавува кога на менито покрај јавачот политичар, како десерт ќе добие и неколкумина историчари и академици покрај дузина „невини“ набљудувачи како апетисани. За да се избегне таа клета судба, јавачите (на апокалипсата) и нивните страсни навивачи да бидат конзумирани на брутален начин, балканските тигри треба да се претворат во домашни, припитомени мачори. Секако, ако е преостанат некој вешт и посветен дресер тоа да го стори наспроти намножените дразначи на тигри во регионот и неговото поблиско и подалечно опкружување.

Тони Поповски, автор на колумнатаТони Поповски, автор на колумната

Ново вето во момент кога играта сепак се менува

Симпатичен е обидот на Кирил Петков, да го припитоми бугарскиот тигар за да може оваа ново – стара генерација на владеачки политичари во Бугарија, да се симне од него. Притоа, би можеле и да му простиме на неколку контрадикторности бидејќи политичките цели редовно ги оправдуваат средствата. Секако доколку целта е и да се одблокира нашиот европски пат, без притоа да бидеме понижени.

Опстојување на нивната „позиција” кон нас,  истовремено со беневолентна „надградба“ низ предлог за водење на заеднички, широк процес на соработка, сепак е контрадикција. Ова особено поради континуираната блокада на нашиот отповеќе заслужен пат кон зачленување во ЕУ. Блокада е антипод на процес. На секој процес па и на овој, за да успее му треба стабилен почеток, меѓусебна доверба и заеднички ентузијазам. Гнила даска низ која процесот може да пропадне, е негово водење под блокада и со поврзани ултиматуми.

Втората контрадикција е поврзана со факторот време. Петков предложи во најкус можен рок да формираме голем број на различни работни групи за широка лепеза на теми, на што државното водство одговори позитивно. Впрочем, и дел од гласноговорниците на опозицијата, архитекти на новата патриотска „доктрина”, го поддржаа овој предлог. И се би било добро, доколку блокадата се тргне, но предлогот на Петков истовремено е изјава за нејзино опстојување во наредните шест месеци.

Кирил Петков не сака да губиме време, а ние уште помалку, бидејќи поради оваа блокада веќе изгубивме дополнителни 13 месеци,  со нагласени социо-економски но и внатрешно политички последици, надградени на последиците од пандемијата.  Секој со здрав резон би се запрашал, што ќе се случи ако Петков, неговиот ментор Радев и другите партии во бугарската коалиција на власт, не бидат задоволни од резултатите од овој процес, повторно на тема историја и идентитети, и покрај креативниот и неопходен обид да се постави оваа жешка тема во хоризонтална рамнина со низа други теми кои навистина можат одржливо да не приближат.

Новиот бугарски премиер Кирил ПетковНовиот бугарски премиер Кирил Петков

Интересен, но повторно контрадикторен е предлогот да се редифинира и прошири опфатот на тоа што значи да сме добри соседи.  Општо историско, и не само наше разбирање и очекување е дека „добри соседи“ не се блокираат едни со други и не комуницираат со ултиматуми и диктати. Од друга страна, и ние, впрочем како и тие, треба да се обидеме да не и го сервираме на воспалената домашна јавност само она што сака да го слушне. Низ шест месечен процес, Петков посакува да го намали влијанието на националистите на двете страни, а притоа повтореното „добрососедско“ вето, веќе создаде триумфализам кај нивните националисти и ново големо разочарување, дополнителен пад на довербата  и зголемена резерва во нивните нови и „добри“ намери, кај нашата поширока и се понагласено патриотска јавност.

Симнување на блокадата е симнување од тигарот без опасност да бидеме проголтани 

Колку за потсетување, во ноември 2020 година, Бугарија го блокираше усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија. Ветото беше дадено на документ подготвен од страна на Европската Комисија, во кој се спомнува македонскиот јазик и нема засебно поглавје со одредници за спроведување на билатералниот договор, како што Бугарија бара со рамковната позиција на владата на Борисов и нивната собраниска декларација.  Претходно во март, 2020 година од страна на Европскиот Совет вклучувајќи ја и Бугарија беше донесена Одлука за почеток на преговори, на која Бугарија приложи изјава со образложение на резервите и  рамковните позиции на тогашната влада.

До овој момент, другите држави членки на Унијата не ги прифаќаат нивните упорни барања за корекција на преговарачката рамка. Образложението е дека инкорпорирање на одредници за билатерални прашања кои немаат јасна заснованост во правото на ЕУ,ќе предизвика крупни последици врз процесот на преговори за сите држави – сегашни и идни кандидати за пристапување во Унијата. Новата методологија за водење на преговорите, јасно укажува, покрај на потребата да се унапредува добрососедството и на потребата да не се злоупотребуваат отворените прашања.

Belgien | Bilaterales Treffen Zoran Zaev und Rumen Radev

Симнувањето на блокадата, колку е можно поскоро би бил конкретен чин на добра воља од бугарска страна на кој треба да одговориме со засилен ангажман за продлабочување на соработката и адресирање на најсензитивните прашања. За дел од нив, бидејќи во слична ситуација биле низа држави членки на Унијата од нејзиното основање,  пожелно е да прифатиме дека ги уважуваме разликите во ставови, и да продолжиме продуктивно да живееме и да соработуваме и покрај тие разлики.  Мора да го пронајдеме пресекот на интереси кој ќе не поврзува наместо да не отуѓува и да се почитуваме.

Должно меѓусебно почитување подразбира дека во една „веродостојна“ Европска Унија очекуваме да пристапиме како Македонци кои говорат македонски јазик, заедно со делови од други народи, наши сограѓанки и сограѓани, и никако поинаку, односно на истиот достоинствен начин на кој во Унијата пристапи соседна Бугарија.

Back to top button
Close