РИЗИК ОД ШИРЕЊЕ НА КИНЕСКИОТ ОГНЕН ЅИД

Кинескиот ѕид е една од најмаркантните градби на планетата. Структура видлива од вселената, оваа градба ја презентира стабилноста и безбедноста на кинеската цивилизација и отпорот на оваа древна нација кон малициозни влијанија од странство. Случувањата зад кинескиот ѕид се сосема друга, помрачна приказна. Во дваесет и првиот век, Комунистичката партија на Кина се соочува со остри критики за кампови за реедукација на малцински заедници и воспоставување на систем за социјален кредит со кој се цели да го модификува однесувањето на сопствените жители по принципот на награда и казна. Доколку вакви настани се забележат во демократски земји, би имало силни реакции, пред сè од домашните медиуми. Доколку тие молчат, неизбежна е бура од реакции од населението. Во основа, ако официјалниот канал за информирање е заузден, неофицијалните канали стануваат погласни и повлијателни. Но тоа не е случај во Кина, каде е воспоставен систем за целосна контрола, не само на традиционалните медиуми туку и на поединците и нивните профили на социјалните мрежи. Сеопфатен систем од човечки и автоматизирани цензори отстрануваат секакви критики кои би го нарушиле впечатокот дека Кина е утопија која е далеку понапредна од остатокот од светот. Ваквиот систем е познат како големиот кинески огнен ѕид. Огнениот ѕид попознат по англискиот термин firewall е оригинално создаден за да ги заштити корисниците од малициозни напади на нивните компјутерски системи. Во кина, огнениот ѕид е наводно создаден за да ја заштити кинеската комунистичка партија од незадоволството на сопствениот народ. Целосна тишина и забрана за критики. Единственото нешто кое одекнува во просторот ограден со големиот кинески огнен ѕид се пофалби за нацијата како и за партијата која е одлучна да ја води Кина засекогаш. Некои ова го нарекуваат пропаганда, но во својата основа, тоа е цензура. Пропагандата не е ништо ново и во својата основа подразбира рекламирање на одреден субјект или производ. Тој субјект секако може да биде држава а „рекламата“ се плаќа со туристички посети, проекти преку граѓанскиот сектор и инвестиции за зајакнување на билатералната соработка со што имиџот на пријателската земја се подобрува во очите на домашната јавност. Бројни земји, меѓу кои и Кина евидентно употребуваат вакви методи и тука во основа нема ништо нелегално. Цензурата, од друга страна, е многу нелегална бидејќи е спротивна на суштинските вредности на меѓународното јавно право. Додека во демократските земји цензурата е забранета, малкуте „протечени“ информации од зад кинескиот огнен ѕид сугерираат дека цензурата е клучен елемент во кинескиот комунистички систем. Вечниот пријател на Кина – Русија, тековно се потпира на цензурата за контролирање на сопствениот народ со задушување на какви било критики за непровоцираната инвазија на Украина. Се коментира дека Москва сака сите земји да ја пеат истата песна – дека лидерот Владимир Путин е во право. Случајно или не, рускиот претседател и неговиот вечен пријател Си Џинпинг имаат речиси идентични амбиции кога станува збор за јавното мислење околу нивните постапки и јавен имиџ: Или пофалби или молк. Од овде, наративот води кон многу едноставен заклучок: Демократијата има слобода на говор а цензурата во комунистичка Кина е проблем на кинезите а не на остатокот од Светот и други држави немаат право да се мешаат во внатрешните работи на комунистичката земја. Ваквата логика паѓа во вода доколку се земат предвид две работи: Прво, Кина релативно успешно применува модел кој може да го преземат авторитарните режими и второ, самата Кина го шири своето влијание вон сопствените граници. Првата поента е релативно јасна: Ако Пекинг успева да одржи беспрекорен углед дома и вон своите граници со употреба на „хај-тек“ цензори, јасно е дека и други авторитарни лидери би се полакомиле по ваква моќ, која во најмала мера би им го гарантирал вечниот опстанок на власт. Извозот на кинески технологии како паметни градови со кои се имплементира системот за социјален кредит се одлична шанса за било кој мегаломан на висока функција во светот да воспостави целосна контрола над народните маси. Втората поента алудира на посуптилна форма на влијание во кое е програмирана цензурата. Станува збор за „Тик-Ток“, апликација која е исклучиво извозен производ наменет за пошироките маси вон Кина, но не и за кинеското население. Дали тоа е поради наводната зависност што апликацијата ја создава меѓу нејзините корисници е отворено прашање. На прв поглед, оваа популарна социјална мрежа промовира вирални видеа како реакции, танцување, трендови и рецепти (во дел од кои готвачите се мачки). Сè е супер додека корисникот не се обиде да најде какво било видео кое би ја критикувало Кина – такви видеа и да постоеле, тешко се пронаоѓаат. Тоа создава впечаток дека корисникот се охрабрува своето внимание да го насочи кон тоа што алгоритамите на кинеската апликација сакаат да го презентираат а не содржини кои корисникот по сопствена волја сака да ги пронајде. Ваквото насочување на корисникот подалеку од содржини кои на апликацијата се сметаат за несоодветни би можело да се интерпретира како дополнителна форма на цензура. Доколку се дозволи „Тик-Ток“ да го постави стандардот за тоа што треба а што не треба да им се открива на корисниците, цензурата се пробива како интегрален дел на модерните комуникации, што е во остра спротивност со демократските стандарди. И додека продолжуваат дебатите за тоа дали Кина има капацитет да се вклопи во демократскиот свет како конзервативен роднина на куќна слава, кој за домаќините е неподнослив но носи добри подароци, прашањето за сите „воини на тастатури“ кои делат правдини на социјалните мрежи е следново: Дали би биле среќни во свет каде единствениот став кој смеете јавно да го искажете е пофалба за власта? За македонските вредности ваквата состојба е незамислива, посебно ако се има предвид дека константните дебати и критики не се единствено корисни за дебати на семејни собири. Тие се интегрален сегмент за одржување на здрави демократски вредности и промени кои полека но сигурно нè водат кон подобро. Дури и пирејот како синоним за македонскиот народ би се исушил во услови на целосна (информативна и критичка) темнина.

Back to top button
Close