РКЕ ќе носи одлука за цената на струјата, одговорните прават сè за да нема значително зголемување

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) следната недела треба да ја донесе одлуката за цената на електричната енергија на регулираниот пазар што ќе важи од 1 јануари до 30 јуни идната година. АД ЕСМ вчера и завчера ги достави понудите на тендерите за цената на електричната енергија по која „ЕВН Електродистрибуција” ќе ги покрива загубите во дистрибутивниот систем и за цената за „ЕВН Хоум” за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи, а в понеделник треба да ја достави понудата за цената за покривање на загубите во преносниот систем на МЕПСО.

ЕСМ вчера понуди 56, место досегашните 48 евра за мегават час за набавка на електрична енергија за регулираниот пазар на повикот на „ЕВН Хоум”, а завчера 110 евра за мегават час, место досегашните 143 евра на повикот за набавка на електрична енергија за потребите за техничките загуби во системот на „ЕВН Електродистрибуција”.

ЕСМ дневно обезбедува околу 10.000 мегават часови електрична енергија за потребите на „ЕВН Хоум”, 4.500 мегават часови за потребите на „ЕВН Електродистрибуција”, 350 до 400 мегавати за потребите на МЕПСО и околу 500 мегавати преку „ЕСМ Продажба” за училиштата, водоводните претпријатија и прехранбената индустрија.

Во меѓувреме одговорните велат дека заложба на Владата е да нема значително зголемување на цените на електричната енергија по 1 јануари идната година, иако трендот на поскапување на енергентите за производство на електрична енергија и растот на берзанските цени укажуваат дека треба да има поголемо зголемување на цените.

Министерот за економија Крешник Бектеши порачува дека „нема да се остварат најавувањата и очекувањата на т.н. енергетски експерти во нашата држава” и нема да се случи такво зголемување на цената на електричната енергија, дури можеби во одредени случаи ќе има и намалување на нејзината цена со цел да се излезе во пресрет на граѓаните и на малите потрошувачи.

 

– Енергетскиот сектор во нашата држава е стабилен, така и ќе продолжи и оваа криза нема да биде на товар на граѓаните во делот на снабдување со топлинска и електрична енергија. Значи, нема да се остварат најавувањата на „енергетските експерти” што излегуваат на телевизија, а да не зборувам за опозицијата. Немам право да ја кажам цената на електричната енергија што ќе ја понуди ЕСМ на тендерот на „ЕВН Хоум”, бидејќи се носи на затворена седница на Влада, но можам да дадам насока како ќе се движи. За да им излеземе во пресрет на граѓаните, посебно на тие коишто имаат најмногу потреба, на малите потрошувачи, на микро и малите потрошувачи, најверојатно ќе има намалување на цената на електрична енергија, потенцира Бектеши.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски вели дека сè она што го прават во овој период е за да нема зголемување на цените, дури, како што вели, можно е да има и одредено намалување на цената за првиот и вториот блок во кои влегуваат граѓаните кои штедат и трошат помалку енергија, како и граѓаните кои имаат помали примања и живеат во помали објекти и оние со пониски примања.

– Токму за нив Владата бара начин да нема зголемување, а можно е сметката да има и одреден процент на намалување за сметка на четвртиот блок, каде се најголемите потрошувачи кои трошат најмногу енергија и користат поголеми капацитети за загревање. Таму ќе има поголемо зголемување, порачува Ковачевски.

Тој нагласува дека мора да се направи некој баланс за да има, како што вели, социјална правда и оние кои имаат пониски сметки да плаќаат помалку, а тие што си дозволуваат поголема потрошувачка на електрична енергија да плаќаат повеќе.

 

– Владата прави напор да има намалување на цената на електричната енергија во делот на малите потрошувачи, тоа се 65-те илјади субјекти кои се на регулираниот пазар, вели Ковачески и додава дека во изминатиот период околу седум илјади такви субјекти ги затвориле своите капацитети поради цената на електричната енергија.

Сметам, додава тој, дека кај нив ќе има значително намалување на цената на електричната енергија.

– Како АД ЕСМ задно со Владата правиме пресметки цената која АД ЕСМ ќе ја дава кон „ЕВН Електродистрибуција” и кон МЕПСО заедно со онаа кон „ЕВН Хоум” да не предизвикаат зголемување на цените, односно дури да може да има намалување на цената за крајните потрошувачи, потенцира Ковачевски.

Тој прецизира дека за потребите на „ЕВН Хоум” ќе достават табела од сегашната цена од 48 евра за мегават час па нагоре, а Владата на затворена седница одлучува која цена ќе биде препорачана и во затворен плик ќе ја достави на денот на тендерот на „ЕВН Хоум”.

Се очекува од вторник, па до крајот на следната недела РКЕ да ја донесе одлуката за цената на електричната енергија што ќе важи од 1 јануари идната година за да може навреме ЕВН да ги подготви софтверите. Засега се знае дека по 1 јануари ќе се зголеми ДДВ-то за потрошената електрична енергија од сегашните 5 на 10 отсто, но сепак ќе остане со повластена стапка до јули идната година, кога согласно одлуката на Владата треба да се врати на вообичаените 18 отсто.

Во првите четири месеци од воведувањето на блок тарифите за 16 отсто намалена потрошувачката на електрична енергија

Воведувањето на четирите блок тарифи за потрошената електрична енергија за домаќинствата дава резултат, смета претседателот на РКЕ Марко Бислимоски и не очекува да има поголеми проблеми и рестрикции во снабдувањето со струја за време на грејната сезона.

 

За блоковите, како што вели тој, не се предвидуваат никакви измени во делот на потрошувачката, а какви ќе бидат цените во четирите блока ќе се анализира откако енергетските компании ќе ги достават нивните барања до РКЕ за цената на електричната енергија по 1 јануари идната година.

– Првите четири месеци се сосема во ред и има намалување на потрошувачката на електричната енергија за 16 отсто кај домаќинствата. Сепак, овие месеци не се репер зашто август беше посвеж и немаше потреба од ладење со клими, исто како и во септември. Октомври и ноември, пак, беа благи и немаше многу потреба од греење така што во наредните месеци ќе видиме нешто поконкретно, изјави Бислимоски за МИА и додаде дека сепак очекува да има позитивно влијание од воведувањето на блок тарифите.

Тој порача дека не се прават никакви измени во однос на големината на блоковите во делот на потрошувачката.

– Тие блокови кои се сега и понатаму ќе продолжат да се применуваат. Преку 99,5 отсто од домаќинствата влегуваат во првите три блока. Кога енергетските компании ќе ни ги достават барањата за цената од 1 јануари идната година, ќе ги анализираме и цените кои ќе бидат во сите блокови. Најбитно ни е да не се случува непотребна потрошувачка, а доколку некој нерационално троши електрична енергија да плати повеќе. Резултатите кои ги имаме од јули до октомври се добри и има преку 16 отсто намалување на потрошувачката на електрична енергија. Од ноември до февруари ќе видиме како навистина влијае примената на блоковите на потрошувачката на електричната енергија, бидејќи тоа се месеците кога луѓето најмногу се греат, рече Бислимоски.

Првиот човек на РКЕ нагласи дека во моментов се прават анализи за воведување блок тарифи и за малите потрошувачи на регулираниот пазар на електрична енергија.

 

– Анализите во голем дел се готови и за разлика од потрошувачката која ја имаме кај домаќинствата, кај малите потрошувачи има голема шареноликост, бидејќи има потрошувачи со 100.000 киловат часови потрошувачка на месечно ниво и има и потрошувачи со 500 киловат часови на месечно ниво. Ќе се обидеме врз основа на овие податоци да најдеме соодветен модел, доколку е можно тоа, со цел да не им наштетиме на тие со голема потрошувачка и да не им наложуваме да имаат високи цени, бидејќи, пред се, нивните производни процеси во нивните фабрики бараат да имаат голема потрошувачка и за тоа не треба да бидат казнети, посочи Бислимоски.

РКЕ ќе се насочи кон наоѓање начин да ѝ се помогне на македонската економија

При носењето на цената на електричната енергија, што ќе стартува од 1 јануари идната година, РКЕ, овој пат, ќе се насочи кон наоѓање начин да и се помогне на македонската економија, пред се на малите потрошувачи и на другите потрошувачи кои се на слободен пазар, а ги плаќаат своите трошоци за мрежарина, порача претседателот на РКЕ Бислимоски.

Во постапка се, како што вели тој, тендерите за набавка на електрична енергија за универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум” и постапките за набавка на загуби на електрична енергија во МЕПСО и во „ЕВН Електродистрибуција”.

– Претпоставувам дека по тоа ќе добиеме и барање од компаниите за определување на нивните цени за 2023 година. Цената од 1 јануари ќе зависи од цената што ЕСМ ќе му ја понуди на „ЕВН Хоум”. Во моментов таа цена е 48 евра за мегават час, која е многу пониска од колку што е реалната цена на ЕСМ. Ќе треба да се видат и колкави ќе бидат трошоците за загуби на електрична енергија во мрежата на МЕПСО и „ЕВН Електродистрибуција”, односно цената која ќе се понуди на нивните тендери. Доколку на тендерите има екстремно високи цени, што  е многу веројатно, ќе видиме дали повторно ќе има потреба ЕСМ да даде далеку пониска цена за загубите. Порано МЕПСО и ЕВН сами ја купуваа струјата шо им беше потребна за да ги покријат загубите во преносниот и дистирбутивниот систем, а сега тоа за нив го прави ЕСМ. Кога ќе ги имаме резултатите од овие три тендери тогаш компаниите ќе достават барање до РКЕ и врз база на тие трошоци кои што ги имаат ќе донесеме соодветни одлуки. Во делот на цените на електричната енергија овој пат РКЕ пред се ќе се насочи кон наоѓање начин да се помогне на македонската економија, пред се на малите потрошувачи и на другите потрошувачи кои се на слободен пазар, а ги плаќаат своите трошоци за мрежарина, укажа Бислимоски.

За потрошувачите што сега се снабдуваат од ЕСМ Продажба по субвенционирана цена од 80 и 95 евра за мегават час вели дека не се мали потрошувачи, туку се потрошувачи кои беа на слободниот пазар на електрична енергија.

– ЕСМ Продажба за нив врши дејност на снабдување со електрична енергија и тоа го прави како и сите други снабдувачи во државата и тоа не е регулирана енергетска дејност, туку снабдување на слободниот пазар на електрична енергија, истакна Бислимоски.

 

Тој посочи дека согласно Законот за енергетика, ЕСМ како производител на електрична енергија има обврска да обезбеди електрична енергија за малите потрошувачи и домаќинствата и таа обврска за 2023 година е 55 проценти од вкупните потреби.

– Во 2022 година таа обврска беше 60 проценти, но ЕСМ за да обезбеди ценовна стабилност покри 100 проценти од потребите на малите потрошувачи и домаќинствата. На ЕСМ му се дадени дополнителни обврски од Владата пред се да обезбеди електрична енергија за техничките загуби на електрична енергија во преносната и во дистрибутивната мрежа и тоа на годишно ниво е околу 1.000 гигават часови. Тоа му е наметната обврска за да се избегнат уште повеќе зголемени трошоци за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во преносниот и дистрибутивниот систем, а со тоа и да се зголеми мрежарината, укажа Бислимоски.

Доколку МЕПСО и „ЕВН Електродистрибуција” своите загуби на електрична енергија ги набавуваа на слободниот пазар на електрична енергија, како што се прави од 1 јануари 2012 година, посочи тој, тогаш нивните вкупни трошоци на годишно ниво би биле повисоки за околу 300 милиони евра.

– За тоа да не падне на товар на потрошувачите ЕСМ по налог на Владата презема обврска да ги обезбеди загубите во мрежата на двете компании по многу пониски цени од пазарните, односно по некаде околу 143 евра за мегават час. Сето тоа ЕСМ го прави во рамките на своите активности на слободниот пазар на електрична енергија. Тоа значи дека увозите кои ги прави ЕСМ се увози за слободниот пазар на електрична енергија и тие не влегуваат во пресметките при определувањето на цената на електричната енергија, појасни Бислимоски.

ЕСМ од 1 јули не прави увоз на електрична енергија за потребите на регулираниот пазар

АД ЕСМ во целост ги задоволува потребите на регулираниот пазар на електрична енергија и воопшто не прави увоз за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи. Трошокот кој го има ЕСМ од 1 јули годинава за да обезбеди електрична енергија за „ЕВН Хоум” во однос на увоз на електрична енергија, како што вели Бислимоски, до сега е нула денари.

– Така ќе биде и од 1 јануари 2023 година. Увозите што ги прави ЕСМ се прават за слободниот пазар на електрична енергија. Од 2012 година до сега и загубите во мрежите на МЕПСО и „Електродистрибуција” се обезбедувале на слободниот пазар на електрична енергија од увоз, но не се сметале за увоз. Сега кога тоа за нив го прави ЕСМ се смета за увоз, потенцира Бислимоски.

 

Тој додаде дека најодговорно тврди оти годинава немало да има потреби за увоз на електрична енергија за регулираниот пазар, односно за малите потрошувачи и домаќинствата доколку не се случуваа преминувањата од слободниот на регулираниот пазар.

– Најодговорно тврдам дека потребите за увоз на електрична енергија за регулираниот пазар од 1 јануари ќе бидат нула денари, потенцира Бислимоски.

Капацитетите за производство на електрична енергија не можат да бидат во топ кондиција поради нивната старост

Земјава располага со капацитети за производство на електрична енергија што се стари преку 40-тина години. Затоа не викам дека не очекувам да има проблеми во снабдувањето со електрична енергија, се е можно, вели претседателот на РКЕ Бислимоски.

– Во моментов РЕК „Битола” работи со два блока, а имаше и период кога работеше само еден. Таму пукаат  цевки. РЕК „Битола” не е и не може да биде во топ кондиција. Таму прво секој ден има различен квалитет на јагленот. Тоа е техника и не може од пензионер да се бара да трча маратон како во најдобри денови. Тоа не може да го направи. Сепак, и во случај на несакани дефекти на пазарот има доволно струја само е скапа, вели Бислимоски.

 

РКЕ направи сè што можеше за фирмите кои недозволено се префрлија од слободен на регулиран пазар на електрична енергија

За фирмите кои недозволено се префрлија од слободен на регулиран пазар на електрична енергија, РКЕ уште во март го направи тоа што можеше да го направи, порачува Бислимоски.

– Станува збор за околу 3.000 мерни места, а не компании и општински претпријатија. Нивниот број е многу помал. Тоа што можевме ние како регулаторно тело да направиме, го направивме уште во март. Известени се соодветните институции кои можат да вршат инспекциски надзор, бидејќи ние не можеме. Доставена им е информацијата и листата на компании кои тогаш од слободен се вратиле на регулиран пазар. РКЕ имаше комуникација со дел од тие институции и понатака им стои на располагање. Она што се знае е дека Владата во средината на ноември донесе одлука со која им наложи на сите компании кои биле на слободниот пазар на електрична енергија заклучно со 31 декември 2021 година, од 1 јануари 2023 година повторно да се вратат на слободниот пазар. За оние случаи кои реално треба да останат на регулираниот пазар препорачуваме операторот на електродистрибутивниот систем да излезе на терен и да направи проверка за да не ни се случува тоа што ни се случи во изминатиот период, потенцира Бислимоски.

Цените на горивата на светскиот пазар се рефлектираат во одлуките што ги носи РКЕ

Сè што се случува на светските берзи во делот на цената на горивата се рефлектира во одлуките што ги носи РКЕ, вели Бислимоски.

– Ако цените на светските берзи растат, и ние мора да ја зголемиме цената на нафтените деривати. Сега опаѓаат, и ги намалуваме цените. Да се надеваме дека овој тренд ќе продолжи или барем да останат овие цени кои се далеку пониски од тие што беа во летниот период и во дел од октомври. Ние не измислуваме цени и работиме по стриктно утврдени методологии кои ги применуваат сите земји каде се определуваат цени на нафтени деривати, посочи Бислимоски.

 

Спојувањето на ГА-МА и НЕР ќе го зголеми капацитетот на гасоводот

Претседателот на РКЕ не очекува да има проблеми во снабдувањето со природен гас во земјава.

– Не гледам економска логика Русија да прави проблеми во снабдувањето со природен гас на земјава. Моменталната цена на гасот е висока и се движи од 1.400 до 1.500 долари за нормален кубен метар, но сепак е во рамките на одобрените трошоци. Тоа е екстремно повеќе во споредба со другите години, но се стабилизира полека и не е на нивото од 3.000 до 3.500 долари колку што беше. Складиштата се веќе наполнети и нема голема побарувачка и затоа се држат моменталните цени, рече Бислимоски.

 

Од Владата, како што кажа, очекуваат „Газпром” да не прави проблеми, бидејќи земјава ќе се држи до договореното.

– Се работи и на спојување на ГА-МА и „Национални енергетски ресурси” (НЕР) во една компанија со што ќе се зголеми капацитетот на гасоводот. Зголемен е и протокот на интерконекторот на гасоводот со Бугарија, за да може да се донесе гас од друг извор освен од „Газпром”, кој до 2030 година целосно го има закупно моменталниот капацитет на гасоводот од 800 милиони нормални кубни метри, посочи Бислимоски.

Се анализираат барањата на водоводните претпријатија за зголемување на цените на нивните услуги

РКЕ сè уште е во фаза на анализирање на барањата на водоводните претпријатија за зголемување на цената на водата за пиење од 1 јануари идната година, информира Бислимоски.

– РКЕ за 2021, 2022 и 2023 година ги определува трошоците за поголемите водоводни претпријатија во општините со над 10 илјади жители. Неколку веќе ни доставија барања за зголемување на нивните услуги, најверојатно заради зголемени трошоци, пред сè за електрична енергија. Уште сме во фаза на анализирање на барањата. Со оглед дека РКЕ носи минимална и максимална цена нашите одлуки ќе бидат постојните цени да се наоѓаат помеѓу минималната и максималната цена, а понатаму советите на општините, кои ја носат крајната одлука за цената, да можат да донесат соодветна одлука, појасни Бислимоски.

Валентин Јанковски

Back to top button
Close