РКЕ го смени правилникот за формирање на цените на горивата: Може и да се одлучува на дневно ниво

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) го објави изменетиот Правилник за формирање на највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт, со кои ќе се овозможи веднаш да се реагира на промената на цената на нафтените деривати во делот на данокот на додадена вредност.
Нема да се одлучува за цените само во понеделник без оглед на движењето на цените на светскиот пазар или евентуалниот пад или раст на доларот. РКЕ ќе се состане на вонредна седница кога било во неделата доколку цената на горивата на светскиот пазар се стабилизираат и нема потреба повеќе од интервентни мерки од Владата со намалување на висината на ДДВ, која учествува во формирањето на конечната цена на горивата на македонскиот пазар.
Владата најави намалување на стапката на ДДВ за горивата од 18% на 10%, која ќе го смири растот на цените на бензинските пумпи. Како што рече премиерот Христијан Мицкоски, почнувајќи од понеделник на полноќ ДДВ-то за нафтените деривати се намалува во наредните две недели од 18 на 10 отсто што значи намалување на цената на горивата од 6 до 7 денари по литар.
На 4 март беше направена измената на Правилникот, со која се отстапи од практиката да се донесуваат дневни одлуки за цената на горивата, туку само во понеделниците. Со тоа, цела недела се продаваше гориво на македонските бензински пумпи по цени утврдени во понеделник, 9 март, додека имаше намалување на цената на нафтените деривати на светскиот пазар.






