РКЕ: Не е точно дека Џафери се извинил за нападот врз Бислимоски

Сопственикот на фирмата „У Пауер“, Аријанит Џафери не му се извинил за физичкиот напад на претседателот на Регулаторната комисијата за енергетика Марко Бислимоски. Министерот за економија Крешник Бектеши денеска пред медиумите тврдеше дека Џафери се извинил за нападот кој се случи во вторникот пред полноќ во еден ресторан во скопско Дебар Маало.

Од Регулаторната комисија за ДВ го демантираат Бектеши и велат дека тоа не е точно.

„Џафери не се извинил“.

Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер на ДУИ Муса Џафери, вчера заработи кривична пријава за насилство од МВР. Тој самиот се јавил на разговор во полициската станица во Кисела Вода и во целост го признал делото.

Премиерот Зоран Заев денеска го осуди инцидентот, оценувајќи го како „недозволиво, чин на кривично дело“.

„Го осудувам ваквиот настан, затоа што е директен напад врз независно регулаторно тело, кое што е важно за државата, како и сите институции. Се надевам дека лицето брзо ќе биде процесуирано пред правдата“, рече Заев.

 

Одземена лиценца

Причината за нападот врз Бислимоски е одлуката на Регулаторната комисија од 23 септември годинава да започне постапка за одземање на лиценцата за снабдување со електрична енергија на фирмата на Аријанит Џафери.

Врз основа на пријава од МЕПСО, од каде алармирале дека фирмата „У Пауер“ ја нарушува стабилноста на системот за електрична енергија и неоправдано троши резерви на струја за сопствен профит, од РКЕ одлучиле да поведат постапка против компанијата.

Од РКЕ велат дека физичкиот напад нема да ги попречи во работата и тие ќе продолжат со постапката против фирмата „У Пауер“.

„Како досега така и отсега, РКЕ ќе продолжи да работи транспарентно и согласно законот, затоа што основен постулат во нашето дејствување е заштита на потрошувачите и обезбедување сигурност и стабилност во електроенергетскиот систем. Единствено по што се водиме е словото на законот, така и ќе продолжиме да ги водиме постапките врз основа на силата на аргументите, а не на физичка сила“, рече за ДВ портпаролката на РКЕ, Марина Узунов.

Back to top button
Close