РКЕ: Со регулаторите од Италија, Албанија, БиХ и Црна Гора основано Балканското училиште за енергетика

 Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Северна Македонија (РКЕ), заедно со регулаторните тела од Италија, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора го основаа Балканското училиште за енергетика (БУЕ) по иницијатива на Регулаторното тело за енергетика, мрежи и животна средина на Италија (АРЕРА).

Како што се наведува во соопштението од РКЕ, главна цел на Балканското училиште за енергетика е да овозможи едукација за најновите текови во енергетиката за претставниците на регулаторните тела, операторите на преносните системи, операторите на пазарите на енергија, како и други чинители во енергетскиот сектор. Меморандумот за основање е потпишан од страна на сите пет земји основачи, меѓу кои е и РКЕ. За прв претседател на Балканското училиште за енергетика е избран Стефано Саглиа, кој е член на одборот на Регулаторното тело за енергетика, мрежи и животна средина на Италија АРЕРА.

-Енергетиката е во фокусот на вниманието на целиот свет и целото општество кај нас, а регулативите во овој сектор постојано се надградуваат и усогласуваат со цел да се обезбеди сигурност, стабилност во испораката на енергенси. Фокусот на едукација на новоформираното училиште ќе биде насочен кон развојот на мрежите за електрична енергија и природен гас, интеграцијата на обновливите извори за енергија и спојување на пазарите во рамките на енергетската транзиција и преку интензивно градење на капацитети и размена на знаењата. Токму размената на искуства и споделувањето на знаење како ефикасно се спроведува ЕУ регулативата е неопходно, затоа што освен што се демонстрира единство во борба со предизвиците, во исто време кога ЕУ се бори со енергетски криза се дава и креативен простор за дискусија за решенија како да се заштитат ранливите граѓаните, а да се обезбеди сигурна и стабилна испорака на енергенси, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

БУЕ потекнува од успешното искуство од проектот на Програма за размена на знаења (Know How Exchange Programme), промовиран и координиран од АРЕРА во последните четири години во рамки на програмата која е финансирана од Централна европска иницијатива.

Back to top button
Close