Ројевиќ: Нашата амбиција е да ги победуваме најдобрите екипи во Македонија
– Ракометниот клуб ГРК Охрид новата сезона ја дочекува со неколку нови имиња и нов тренер Борис Ројевиќ. Охриѓани со поголеми амбиции ќе „влезат“ и во Европскиот куп на ЕХФ и во домашните натпреварувања.
– Задоволен сум од ангажманот на играчите и тоа како работат. Ние сме нова екипа и ќе ни треба време да се воиграме. Најважно е сега што сите го даваат максимумот, а очекувам така да биде и кога ќе „дојдат“ натпреварите. Нова екипа сме, но амбициите ни се победи против најдобрите екипи во Македонија, изјави тренерот Ројевиќ.
ГРК Охрид базичните подготовки ги реализира во Охрид, а ќе учествува на „Струшкиот турнир“ од 13-16.август и потоа се домаќини на турнирот „Крсте Андоновски“. Во првото коло од домашното првенство ГРК Охрид игра против Алкалоид на почетокот на септември.