Ројс е повреден, го пропушта почетокот на предсезонските тренинзи

 Капитенот на Борусија Дортмунд, Марко Ројс ќе биде надвор на неодредено време, откако не успеа да се опорави од повредата, соопшти клубот од Бундеслигата.

Фудбалерите на тимот започнаа со предсезонските тренинзи денес. Германскиот интернационалец го пропушти поголемиот дел од сезоната поради повреда на препоните што ја доби во февруари, но неговото враќање е сепак одложено поради уште една повреда.

– Борусија Дортмунд се уште е без Марко Ројс. Капитенот има проблеми со воспаление на истиот мускул на препоните. Тој ќе биде аут од теренот на неодредено време. Ројс работеше напорно во последните месеци и добро се опоравува, но сепак има проблеми со некои движења, се вели во соопштението на клубот.

Борусија Дортмунд заврши на второто место по Баерн Минхен, кој ја освои рекордната осма последователна титула во Бундеслигата. Новата сезона во првенството започнува на 18 септември.

Клубот од Рур последен пат ја освои титулата во 2012 година под Јирген Клоп и пред да пристигне Ројс. 31-годишниот фудбалер има неколку големи повреди во кариерата и ја пропушти победата на германската репрезентација на Светскиот куп 2014 година.

Back to top button
Close