Ројтерс: Доверливи документи откриваат дека Кина обучувала руски војници

Доверливи документи во кои увид имала новинската агенција Ројтерс покажуваат дека руски воени делегации минатата година престојувале во Кина на специјализирана воена обука, што дополнително ги засилува сомнежите за продлабочување на воената соработка меѓу двете земји.

. EPA-EFE/ALEXEI DRUZHININ / KREMLIN / SPUTNIK / POOL MANDATORY CREDIT

Според извештајот, во еден доверлив документ се наведува дека по одлука донесена во август 2025 година, делегација на руските вооружени сили отпатувала во Кина за да учествува на обуки во објекти на Народноослободителната армија на Кина.

 

Ројтерс, повикувајќи се на двајца европски претставници и документите во кои имал увид, наведува дека една од обуките траела три дена и била одржана во ноември во воен објект во Пекинг. Таа била посветена на радиолошка, хемиска и биолошка заштита.

 

— реклама —

 

Во документите се наоѓаат и фотографии на кои кинески инструктори одржуваат предавања пред руски војници, кои разгледуваат модел на нуклеарен реактор и посетуваат обука за хемиско и радијациско извидување, како и за заштита на системите за вентилација од контаминација.

Еден од европските претставници оценил дека ваквиот вид обука укажува на стратешко продлабочување на воената соработка меѓу Москва и Пекинг, особено затоа што станува збор за чувствителна област во одбранбениот сектор.

Според документите, договорот што бил основа за реализација на обуката бил потпишан на 2 јули од рускиот генерал-мајор Рустам Хусаинов и кинескиот висок полковник Сун Дајун.

Во меѓувреме, претседателот на Одборот за одбрана на руската Државна дума, Андреј Картаполов, ги отфрлил овие информации, оценувајќи ги како „целосна бесмислица“ и тврдејќи дека руската армија нема што да научи од кинеската.

Во извештаите, покрај пофалбите за современата опрема, симулаторите и теоретската подготвеност на кинеските инструктори, како слабост се наведува недостигот од борбено искуство на кинеската армија.

Документите содржат и список на учесниците на обуките, меѓу кои има високи руски офицери, како и податоци за нивниот чин, единица и безбедносна проверка. Делегацијата, според Ројтерс, ја предводел генерал-полковникот Рустам Мурадов, заменик-командант на Копнената војска на Русија.

Минатиот месец Ројтерс објави дека околу 200 припадници на руската армија биле обучени во Кина во ноември, а дел од нив подоцна биле испратени на фронтот во Украина.

Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, на 15 јуни изјави дека Брисел преку сопствени канали потврдил дека обуката навистина се одржала и ги анализира нејзините последици.

Кинеското Министерство за надворешни работи ги отфрли овие тврдења како „целосно неосновани“, повторувајќи дека Кина има неутрална позиција во војната меѓу Русија и Украина и дека се залага за мирно решавање на конфликтот.

Според Ројтерс, во институциите на Европската Унија се водат разговори за можни дополнителни мерки како одговор на воената соработка меѓу Кина и Русија, иако се зема предвид и значењето на економските односи со Пекинг.

Back to top button
Close