Роберт Фицо: Украина нема да биде поканета во НАТО
Украина нема да биде повикана во НАТО, а Русија нема да се повлече од Крим и другите територии под нејзина контрола, изјави словачкиот премиер Роберт Фицо, пренесува порталот „Деникн“.
Фицо додаде дека Киев ќе мора да прифати губење на околу една третина од својата територија, оценувајќи дека продолжувањето на конфликтот не е во корист на Украина.
– Европската Унија ќе ги засили напорите за прием на Украина во заедницата, иако Србија е најподготвена меѓу сите кандидати, рече Фицо за време на седница на парламентарниот комитет за европски прашања.
Словачкиот премиер претходно го нарече конфликтот во Украина „западна авантура“ што, според него, ќе заврши со територијални загуби за Киев. Тој истакна дека Словачка, додека тој е премиер, нема да поддржи членството на Украина во НАТО.
На состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел на 4 декември, не беше постигнат консензус за членството на Украина. Земји како Германија, Турција, Словачка и САД се спротивставија на ова прашање, наведувајќи го ризикот од конфликт со Русија како главна пречка.