Роденденот на Дубравка

Решив да не го споменувам денот на смртта на Дубравка Угрешиќ, туку само нејзиниот роденден, 27 март. Холандските зумбули, на кои им го дадовме нејзиното име се во полн цут. Мојот часовник на спомените застана во пролетта 1995 година, кога Дубравка беше гостинка на мојот курс на Универзитетот Рутџерс во Њу Џерси. Дојде да ме посети „една година потешка“ според нејзините зборови, неколку дена по нејзиниот роденден.

Пред тоа се случи нешто помеѓу моите студентки и мене на курсот за книжевност од балкански авторки. Течеше расправата за прозата на Дубравка по семинарските трудови, кои сите ги напишаа во рокот – делата на Дубравка беа задолжителна литература.

Една од нив, афроамериканка од Њуарк, постави прашање, видно возбудена, всушност бесна: како се осмелува авторката да го спореди лицето на нејзиниот љубовник со ликот на Исус? Формулацијата беше јасна: со лицето на нашиот Исус. За да и го смирам вознемирувањето, ја прашав дали текстот ја одразува авторката, огледално и потполно. Одговори точно – и да и не, нашето читање треба да започне од не, што е повеќе етичко, а помалку херменевтичко барање.

Читањето зависи од општествениот контекст и го става критичарот во иста позиција како и авторот во животот (секојдневниот) на културата во која е можно, но секако не и славно, да се биде тужибаба. Потоа ја прашав студентката дали ја дозволува можноста авторката да е атеист. Го очекував и го добив одговорот што го сакав: се вклучи соодветното светло, а младата Американка од своето основно образование и соодветниот конструкт на граѓанска свест одговори дека секој има слобода на вероисповед, каква и да е.

Во американското секојдневие, тоа значи  дека мора да се биде со некоја црква, а според ставот на студентката, дополнително изгланцан на универзитетот, атеизмот би бил прифатлив како егзотична, но полноправна секта. Таа сè уште не беше целосно обврзана со политичката коректност, но веќе имаше постигнато повисок степен на толеранција. Можев да ја прашам што се случува кога неверувањето се препознава како вера, и ако се прифати, не значи ли негирање на секоја вера, но за среќа се воздржав: доволно беше што таа на сите им ја отвори љубовта кон Исус. Веќе не беше само наш.

Кратко потоа ја поканив Дубравка да гостува. Тоа, само да се потсетиме како се прави преку океанот, беше многу едноставно: испратив апликација до Канцеларијата за посети и стипендии (се наоѓа во посебна куќа на кампусот), тие договорија сè друго. По предавањето, кое студентите го следеа како залудени, ги маѓепса, ги заведе и на крајот речиси грубо ги фрли во реалноста, се разви жив разговор во кој мојата студентка блескаше.

Очигледниот успех на предавањето го прославивме со целовечерна забава со готвење, филмот Vuk и измислување имагинарни книги, како и критикување на постоечките. Одвај малку спиевме. Сабајле и двете летавме, Дубравка за Бостон, а јас за Париз, почнуваше велигденскиот распуст. Меѓу имагинарните книги имаше и стрип за Исус кој се повлекува во библиотеки да учи по шокот што го доживеал на влезот во Ерусалим, потоа готвач (неколку пати ја обновивме идејата и никогаш не ја реализиравме), студија за мотивот на мечката во литературата, фото-роман (или два) за погубниот ефект на феминизмот врз среќниот крај и бракот, речник на неискажани клетви и нивните забележани успеси и водич за социјалистички ентериери со фотографии и базирани на спомени. Сигурно сум пропуштила нешто. Молчевме за вистинските работи и за војната.

Април е суров месец. Надвор цвета белиот дрен, „кучешкото дрво“, магнолијата веќе беше и-тоа-како зелена, нејзината нереална розова боја ја презеде јапонската цреша. Го испивме утринското “отровно” кафе и најдовме причини зошто не припаѓаме тогаш и таму, за да се искупиме за ноќното зезање. А припаѓавме. И тоа како.

Дури тогаш и кажав за студентката и лицето на Исус. Дубравка го сфати тоа како најдобар аргумент дека не припаѓаме, јас ја потсетив дека таму каде што би сакале да се вратиме, не им е гајле што и како пишуваме, затоа што и онака не читаат: но знаат дека го распнавме Исус. Дотогаш веќе пристигнаа двете такси, едното за аеродромот Њуарк, другото за аеродромот во Њујорк. Возачите беа старци – меѓуградските долги возења најчесто ги преземаат пензионирани војници.

Знаев дека пристигна утехата – ќе пуштат класичен рок и џез и ќе ги кажат само основните љубезности.

Шибај куме, и ослободи ме од припадноста!

Извор: Peśčanik
Превод: Лени Фрчкоска

Back to top button
Close