Родителите од Кочани до Мицкоски: Престанете со навреди кон нас, вашите раце се извалкани со невина крв!

 

Г-дин Мицкоски,

Ве повикуваме јавно и достоинствено да престанете со навреди кон нас, родителите на починатите ангели од трагедијата. Никој нема право, ниту Вие, ниту кој било друг, да го изговара зборот „ангели“ со леснотија, кога рацете на политиката и институциите се извалкани со нивната невина крв.

Ние не бараме политика, ниту партиски интереси. Илјада пати јавно изјавивме дека не сме политички определени и дека не нè интересира политиката. Нашата единствена и света борба е за ВИСТИНСКА ПРАВДА за нашите деца.

Болката што ја носиме е неизмерна, тагата низ која минуваме е вечна, а гневот кон сите институции и влади што со години гледаа и молчеа пред незаконското работење на дискотеката „Пулс“ – од 16.03.2025 па наназад – е доказ за нивната директна вина во убиството на нашите деца.

Нашите ангели не се бројки, тие беа животи со име и презиме, нечија надеж, нечија иднина, нечија љубов. Затоа нема сила, нема партија и нема човек што може да ја потисне нашата вистина. Никој не може да манипулира со нашата болка и да ја користи за свои агенди. Животите на нашите деца немаат цена – не постојат пари, функции, фотелји, советнички места, директорски или градоначалнички позиции со кои некој би можел да нè купи или да нè замолчи.

Во нашите срца гори вечен оган – споменот на нашите деца и правдата што им припаѓа. Тој оган нема да згасне, тој ќе гори и ќе ја осветлува вистината сè додека сите виновни – од најмалиот инспектор до највисокиот функционер – не одговараат за својата вина!

А за малкумина не треба ние да кажеме ништо – тие самите со својот молк, со својата ароганција и со своите постапки си го покажаа вистинското лице пред целата јавност.

Го повикуваме Вашето човештво, достоинство и почит кон нашата болка. Наместо навреди, заслужуваме поддршка и одговорност од институциите кои требаше да ги заштитат нашите најмили!!!

Back to top button
Close