Роднина на Цар Борис Трети дал согласност за регистрирање на здружение со неговото име во Охрид

Роднина на бугарскиот Цар Борис Трети дал согласност неговото име да го носи здружението од Охрид, чие регистрирање деновиве ја бранува јавноста. Оваа информација ја пренесува ТВ Канал 5, повикувајќи се на одговор што го добиле од Централниот регистар.

Според Регистарот, здружението е впишано лани во ноември во согласност со Законот за здруженија и фондации.

„Согласност од Министерство за правда не е доставено како прилог кон пријавата за упис, од причина што подносителот на истата доставил прилог доказ согласно член 49 став 2 од Законот за трговски друштва, а во врска со член 8 од Законот за здруженија и фондации, имено доставил согласност од сродник за внесување на името Цар Борис Трети во името на Здружението“ го пренесува Канал 5 објаснувањето од Централен регистар.

Во Законот за здруженија и фондации е предвидено дека за прашањата поврзани со имињата на здруженијата, во одредени случаи, се применуваат одредбите од Законот за трговски друштва. Според тие одредби, може да се внесе име и презиме на историска и друга позната личност само со согласност на личноста или, ако е почината, со согласност на нејзините сродници до трет степен во права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда.

Освен што соопштиле дека основачот на Здружението доставил доказ за согласност од сродник за внесување на името Цар Борис Трети, од Централниот регистар не дале подетални информации кој е доказот и кој гарантира за неговата законитост.

Денеска Министерството за правда соопшти дека Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари ,,Цар Борис Трети” Охрид не доставило барање за добивање позитивно мислење во постапката за регистрација.

Back to top button
Close