Роднините на загинатите кај Ласкарци незадоволни од пресудата, велат очекувале максимални казни

Денешната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје со која по речиси пет години финишираше судскиот процес за сообраќајната несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а над 30 беа тешко повредени, не ги исполни очекувањата на роднините на настраданите.

Тие во голем број денеска беа присутни во судницата број 1 во скопкскиот Кривичен суд, каде ја слушнаа пресудата со која шестмината обвинети беа прогласени за виновни и сумирано сите заедно добија затворска казна од 39 години.

Највисока казна доби шестообвинетиот – возачот на автобусот на „Дурмо турс“, Мануел Труфуновски. Првообвинетиот Дурмиш Белули сопственик и одговорно лице во фирмата, првостепено е осуден на 4 години, второобвинетиот Ремзи Мифтари, одговорен за превозот доби шест години, додека трето, четврто и петтообвинетите – Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Бобаровски, вработени во станицата за технички преглед, инаку сопственост на истата фирма, се осудени на по пет години години затвор.

Сите шестмина се товареа за делото тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од членот 300 од Кривичниот законик, врзано со други членови од КЗ зависно од квалификацијата на дејствата што секој од обвинетите ги извршил, со што допринел да се случи кобната несреќа пред пет години кај селото Ласкарци.

Роднините на жртвите велат дека не можат да бидат задоволни од пресудата, затоа што очекувале максимални казни за сите обвинети.

„Како би биле задоволни. Ние очекувавме дека обвинетите ќе добијат максимални казни. Првообвинетиот доби четири години. Како да бидеме задоволни кога 16 луѓе ги загубија животите. Ја слушнавте пресудата на судечкиот совет по кои членови ги товарат од Кривичниот законик, мислам 38 тешко повредени. Ова се минимални казни, мислам дека требаше да добијат максимални казни, сите што беа инволвирани во оваа собраќајка, во оваа трагедија што се случи за Гостивар. Во историјата на постоењето на градот Гостивар немало ваква трагедија. И како да бидам задоволен со вакви казни, особено на првообвинетиот, второ, трето, четврто и петтобвинетиот. Сметам дека казните се минимални“,изјави Благојче Трпевски, татко на Јовица Трпевски кој загина во несреќата.

Засега, рече Трпевски говорејќи во името на другите роднини на оштетените, не можат да кажат дали ќе ја обжалат пресудата пред Апелацискиот суд, бидејќи првин сакаат да се констултираат со своите адвокати.

„Во периодот што претстои ќе бидете навремено известени дали ќе ги обжалиме и какви чекори ќе преземеме ние како оштетени што ги изгубивме своите најмили во оваа сообраќајна несреќа“,

рече Трпевски одговарајќи на новинарско прашање.

Благојче Трпевски, татко на Јовица Трпевски еден од загинатите во сообраќајната несреќа / Фото: Принтскрин

За обвинителот Дарко Јакимовски, очекувањата се исполнети и смета дека главната порака е што е донесена осудителна пресуда за сите обвинети во случајот.

Во однос на висината на казните, тој, во изјава за медиумите рече дека тие ќе бидат преиспитани од страна на обвинителството.

„Секако дека ние очекувавме осудителна пресуда за сите обвинети. Што се однесува во поглед на одлуката за санкцијата секако дека истата ќе биде преиспитана од наша страна, за сите обвинети“рече Јакимовски.

Прашан дали според него е доволна казната од четири години за сопственикот на фирмата превозник, како одговорно лице и со оглед на тоа што само тој имал сертификат за професионална компетентност во патниот сообраќај, што е услов за добивање на лиценца за вршење на превоз на патници, Јакимовски повтори дека пресудата ќе се преиспита, а битна алка во одговорноста е управителот и одговорно лице во фирмата.

„Секако дека нашите очекувања беа дека казните нема да се движат поблиску кон законскиот минимум на казнување за ова кривично дело, кое може да се движи во распон од четири до 20 години. Во тој поглед секако ќе се преиспита казната и битна алка во одговорноста е секако одговорното лице и управител. Се надевам дека во иднина никогаш нема да бидеме сведоци на ваква трагедија“ рече обвинителот Јакимовски.

повеќе

Back to top button
Close