Родригез: Венецуела ќе ослободи „значителен број“ затвореници, вклучувајќи и странци

Претседателот на Парламентот на Венецуела, Хорхе Родригез, кој е брат на привремената претседателка Делси Родригез, изјави дека во следните неколку часа ќе бидат ослободени „значителен број“ затвореници, вклучувајќи и странски државјани.
Родригез посочи дека ова е самостојна одлука на Венецуела и претставува гест на добра волја. Тој, сепак, не прецизираше колку и кои луѓе ќе бидат ослободени. – Сметајте го овој гест на боливарската влада како широко насочен кон потрагата по мир, изјави претседателот на Парламентот во обраќањето емитувано на телевизија.
На прес-конференција во Националното собрание, тој потврди дека процесот на ослободување е веќе во тек и ги опфаќа и венецуелските и странските државјани. Ослободувањето на лицата кои се сметаат за политички затвореници е едно од клучните барања на венецуелската опозиција.
Претходно неделава, движењето на опозициската лидерка Марија Корина Мачадо, која е добитничка на Нобеловата награда за мир за 2025 година, ги повика властите во Каракас да ги ослободат сите политички затвореници, откако САД го приведоа претседателот Николас Мадуро на 3 јануари. Според водечка венецуелска организација за човекови права, бројот на овие затвореници изнесува 863. Ова е прво ослободување на затвореници од моментот на приведувањето на венецуелскиот претседател.
Организацијата за човекови права „Форо Пенал“ (Foro Penal), која ги штити правата на политичките затвореници во Венецуела, ја поздрави веста. Неодамна организацијата процени дека во земјата има 806 политички затвореници, меѓу кои и 175 воени лица. Адвокатот на организацијата, Алфредо Ромеро, потврди дека луѓето веќе ја враќаат својата слобода и дека се работи на утврдување на нивниот идентитет.
Министерот за надворешни работи на Шпанија, Хосе Мануел Албарес, изјави дека меѓу ослободените ќе има и шпански државјани, оценувајќи го овој потег како „многу позитивен чекор“ од страна на венецуелските власти.






