Рокот за избор на нов универзален снабдувач со електрична енергија истекува, информација сè уште нема

Рокот за избор на нов универзален снабдувач со електрична енергија речиси истекува, а сè уште нема официјална информација која компанија во следните пет години ќе снабдува околу 900.000 домаќинства и мали потрошувачи со струја.

Според последните најави од Владата од минатата недела, извештајот на Комисијата задолжена за спроведување на изборот на универзален снабдувач треба да се најде на следната владина седница. Владата треба да одлучи дали ќе го прифати предлогот на комисијата или ќе побара повторување на постапката.

Јавниот повик за избор на нов универзален снабдувач беше распишан во декември лани, а заврши на 12 јануари кога три компании доставија свои понуди – ЕВН Хоум, ЕСМ Продажба и ЕДС. Оттогаш, за текот на постапката нема никакви официјални информации. И покрај големиот интерес и прашањата за текот на постапката, ниту јавноста ниту компаниите не добија информација кој ќе добие можност да се натпреварува за снабдување, кои компании ги исполниле условите во јавниот повик.

Наместо надлежните државни институции официјално да информираат за конечниот исход на постапката, одлуката за повторниот избор на ЕВН за универзален снабдувач и во наредните пет години ја објавија прво некои медиуми, кои создадоа впечаток дека однапред го имале сценариото кое треба да заврши со реизбор на ЕВН Хоум.

За разлика од пред пет години, овој пат изостана спроведувањето на т.н. „отворена процедура“, врз основа на принципите на транспарентност, недискриминација, согласно Законот за јавни набавки.

Аукција, за кој нема ниту официјална потврда дека навистина се случила, се чуваше во тајност и покрај големиот интерес од јавноста и медиумите.

Се чини дека надлежните државни институции намерно со месеци ја одолговлекува одлуката за избор на универзален снабдувач, со цел да ја префрлат одговорноста на техничката Влада. Во сценариото за реизбор на истиот економски оператор на универзален снабдувач и во наредните пет години, вкалкулиран е фактот дека граѓаните и јавноста во овој период повеќе се фокусирани на предизборната кампања отколку на тековното оперирање на надлежните државни институции.

Back to top button
Close