Рокот за учество на Меѓународниот фестивал на кратки книжевни форми трае до 15 октомври

– Конкурсот за испраќање кратки книжевни форми на Меѓународниот фестивал на кратки книжевни форми трае до 15 октомври оваа година, а веќе се добиени повеќе од 500 кратки книжевни форми.

Како што соопшти Издавачката куќа Феникс, која е организатор на Фестивалот, најмногу се пристигнати поетски и прозни книжевни форми, но не недостасуваат и есеи, критики и кратки драмски текстови.

– Единствениот услов е книжевниот текст да не биде подолг од една страница, а на Конкурсот се пријавуваат и учествуваат автори од цел свет. Така, меѓу пријавените се и: Сава Дамјанов (Србија), Махмуд Саид Каваш (Данска), Луцила Трапазо (Италија), Димитар Никленов (Бугарија), Анаис Јаник (Австрија), Дуња Ожеговиќ (Хрватска), Весна Мојсова – Чепишевска (Македонија) и многу други, посочуваат од Издавачката куќа.

Меѓународниот фестивал на кратки книжевни форми ќе се одржи во чест на Денот на Град Скопје, поточно на 24 ноември, кога ќе се одржи и меѓународен научен собир за кратките книжевни форми и ќе бидат избрани и наградени најдобрите кратки книжевни форми во сите пет категории.

По завршувањето на Меѓународниот фестивал на кратките книжевни форми, ќе бидат објавени две електронски изданија и тоа: Антологија на кратките книжевни форми и Зборник на научни трудови за кратките книжевни форми

Back to top button
Close