Роман за гордоста

(Кица Колбе: „Витезот и Византијката.“ – Скопје, „Или-или“ 2020.)

Добро познато е дека добрите писатели се најдобри кога зборуваат за луѓе и настани кои добро ги познаваат. Најчесто, тоа се луѓето од нивното непосредното окружување. За таа цел тие користат: било псевдоними (постојат веројатни изгледи некои од нив да се препознаат и да го примат тоа како дрска повреда на нивната приватност), било „епоними“ (Ж. Женет) кога името упатува на упадлива црта од нивниот внатрешен лик. Еве и мал пример: во поглавјето „Витезот“ Даниел Клуге се сеќава за своја колешка од пред десет години, Марија Шуберт: „нејзиниот интерес беше повеќе за филозофијата на Теодор В. Адорно;“ „потекнуваше од Македонија, а одамна беше омажена за Германец.“ Дали тоа не зборува барем нешто за авторот на романот К.Колбе?

Како добар писател/филозоф со раскошна ерудиција кој добро знае дека епонимите, како и псевдонимите, со иста (ако не и поголема; нивната мотивација е очигледна; онаа на псевдонимите не толку) ефикасност упатуваат на лик „од животот“, авторот на романот „Витезот и Византијката“ предупредува: „Имињата на местата, градовите и земјите се реални.

Секоја друга сличност со реалноста е плод на [..]мојата […]фантазија.“ Што е, меѓутоа, пофантастично од стварноста, како што велеше, своевремено, Ф. М. Достоевски? Или, А. Ками: „моја работа е тоа што е вистинито да го претворам во веројатно.“ Епоним во романот на Колбе е „Византијката“, име што го добила Наталија Поленак од Јоханес Клемен, близок пријател на Даниел Клуге кој важел за некој вид фаворит на „харизматичниот“ бонски професор Симон фон Блументал. Така ја нарекол затоа што таа била „слаткоречива и лукава“ (како Византиец), според тој Јоханес.

Освен тоа, сите докторанди „зад грб ја викаа Византијка.“ Јоханес имал уште и свои мотиви да ја нарече така кога, по цели десет години се враќа, во своите мисли, на настани од 2004.

Токму во таа година Наталија Поленак упаѓа во интимниот круг на бонскиот професор Блументал („како некој виор го освоила професорот;“ „од неа зрачи некоја тајна;“ „затоа ја викаат Византијка“) кобна за животот и кариерата на Даниел Клуге. Тој ја имал в раце веќе титулата универзитетски „јуниор професор“ во Бон. За само пет минути, според Јоханес, таа famme fatalle Наталија успева да го истисне Клуге од најтесниот круг омилени докторанди на тој бонски професор.

Меѓу голем број други за кои се сеќава, по десет години Клуге, и тој „пораз“ ќе стане една од причините да се повлече во болна, долгогодишна самоизолација во тоскантското гратче Амбра, во кое ја лекува својата интимна, „длабока нарцистичка рана“ (Х. Коут), или мазохистички се самоказнува според оптиката на неговите блиски пријатели кои прават сè што е во нивната моќ да го извлечат од таа “хмурна меланхолија“ (Конески), попрво „ресантиман“ според филозофијата на Ф. Ниче.

Оној што ја познава доволно добро уметничката проза на Јулија Кристева, универзитетски професор по општа лингвистика и психоанализа на Сорбона VII во Париз, тешко би можел да му одолее на искушението да го (про)чита најновиот роман на К. Колбе низ призмата на романот „Убиство во Византија“ (Meutre à Bysance, 2004) и обратно: да го (пре)прочита тој роман на Кристева низ призмата на романот „Витезот и Византијката.“ Јас мислам дека има доволно детали во романот на Колбе кои даваат добра основа за такво, споредбено читање.

При овој повод ќе укажам само на еден, најочигледен. Епонимот витез или „прекар“ како што го вика Колбе (“Виторио почна да го вика Витез;“ „не му пречеше;“ „Како дете ги голташе историските романи со средновековните витези;“ „му се допаѓаше кога пријателите го викаа Витез.“) е симбол во романот на Колбе за припадник од западноевропската цивилизација која се валоризира себеси како супериорна по однос на Византија, во тоа време Источно римско царство, дел од Европа.

Византијка во романот на Кристева е Ана Комнен, ќерка на императорот Алексис Комнен, интелектуалка од голем формат во европската култура и автор на една историја во стихова „Алексијада,“ напишана по углед на Хомер. Ана Комнен му станува опсесија на историчарот Себастијан Крис Џонс. Тој трага по своите длабоки „корени“ во романот на Кристева.

Кога Наталија Поленек на Колбе бара спас од стереотипот Балканка кој го заменува со друг (оној на Византијка), таа дава основа да се мисли дека, како и Себастијан Крис-Џонс на Кристева, е фасцинарана од таа врвна и прва интелектуалка во европската култура. Има и други, упадливи или дискретни црти во ликот на Наталија Поленак за кои нема да зборувам тука затоа што мојата прва и главна цел е да укажам барем на некои важни одлики на романот “Витезот и Византијката“ кои, од своја страна, јасно кажуваат дека станува збор за роман со уметнички вредности од највисок ред.

Поглавјето „Византијката“ е клучно за романот на Кица Колбе и, во тоа поглавје, клучен е еден наративен парагараф, реконструкција на настан од мај 2004 кога Наталија Поленак упаѓа во кругот докторанди на фон Блументал Тој параграф почнува со исказ на главниот раскажувач во кој се вели: „Јоханес почувствува тага кога крај неговиот лик [на Д. Клуге] му долета и оној на Наталија.

“ По тој исказ уследува еден т.н. апсолутен опис (максима) кој може да биде исто толку глас на главниот раскажувач колку и глас на Јоханес: „Гордоста понекогаш е срасната со убавината до толкава мера што ја обвива личноста со некој невидлив превез.“ Исказот што уследува по таа максима потврдува дека сепак се работи за глас на главниот раскажувач. Тој зборува за два вида гордости: обична и необична, својствена за Наталија Поленек. Обична била гордоста која потекнувала од карактер (значи, природна), а необична онаа што станала некој вид средство за самодбрана: „нејзината гордост беше одбранбен штит кој таа самата го соткалка околу себе. Јоханес отсекогаш насетуваше дека зад нејзината гордост се крие рането достоинство. Гордоста, тој блескав панцир зад кој ја криеше својата траума, таа го носеше толку достоинствено како да беше станал нејзината втора кожа.“

Од таква гордост, „превез“ и „блескав панцир“ страда не само Наталија туку и Даниел Клуге, фаворитот на фон Блументал. Тој зборува за тоа кога се враќа на првиот контакт со Наталија откако, по три месеци престој во Америка, треба да реферира за своите сознанија од областа на биотиката и генетиката во семинарот на својот омилен професор. Самиот факт што ја гледа седната во кожена софа од десната страна на својот професор за него е удар по неговиот престиж: „Се загледа во нејзиниот долг врат кога таа се сврте да му шепне нешто;“ „го прободе бодилото на љубомората и зависта;“ „Изгледаа како да се многу блиски […] Тоа беше доволно да ја смета за непријател.“

Освен чувството дека го загубил престижот прв во кругот докторанди, и една црта во структурта на неговата личност почнува да работи и да го турка кон неговото прво фијаско на тој семинар: „Блиските пријатели знаеја дека е плашлив. Малку требаше да се почувствува загрозен;“ „неговата збрканост стануваше се поголема;“ „се имаше заковано врз јадрите, нацрвени усни на својата нова колешка. Готово е, крикна во себе. Ова е мојот најголем пораз.“ Јас ќе се воздржам од коментар на гордоста (superbia) како карактерна црта и гордоста „блескав панцир.“ Ќе си допуштам само да кажам дека мене ми е поблиско разликувањето гордост која потекнува од добро завршена (духовна или физичка) работа од онаа како структурна црта на личност која може да биде различна по интензитет и не помалку штетна од гордоста-“блескав панцир.“

Тоа го правам зато што сметам дека е поважно тука, по кус начин, да објаснам како го гледам раскажувањето на Кица Колбе. Веќе посочениот парграф укажува на тоа дека се работи за класичен тип раскажување, оној што го знаеме од романите на Балзак, Толстој, Достоевски, но и од семиологот/писател Умберто Еко кај кого слуша предавања Виторио Леман. Михаил Бахтин го викаше тоа монолошки тип наспроти дијалошкиот кој го образложи во својата „Поетика на Достоевски“ (нова верзија во 1964).

Некои подоцнежни испитување како оние, на пример, на Жерар Женет, покажаа дека треба да се разликуваат донамички од статички описи кои ја прават порозна границата меѓу претставувањето (говор на ликови) и раскажувањето (говор на раскажувач). Дури и во оној апсолутен опис (максима): „Гордоста е срасната со убавината;“ [таа] „ја обвива личноста со некој вид превез“ имаме еден опис (предикатот „е срасната“ е детерминанта; актуелизира квалитет) и еден глагол „обвива“ (=прави) или чист наратив.

Таа, верувам, добро видлива рамнотежа меѓу дескриптивот и наративот во уметничкиот стил на Кица Колбе е одлика што и дава чудесна течност и јасност на нејзината проза. До такви синтези доаѓат автори со раскошна ерудиција и продлабочени увиди во функцинални писма на модерната проза. Таков автор е, без секакво сомнение, Кица Колбе.

 

Aтанас Вангелов

Back to top button
Close