Романот „Старецот и короната“ на Јован Дамјановски посветен на најголемиот предизвик по човековото здравје на планетата

Во најновиот 18-ти роман насловен „Старецот и короната“ тетовскиот писател Јован Дамјановски ја опишува голготата на несреќните луѓе кои ги загубија животите поради пандемиската болест, но и драмата на оние која ја преживеаа болеста преку главниот лик наречен Небојша.

Во разговор за МИА, авторот вели дека се решил преку овој роман да ја прикаже желбата на луѓето кои заболеле од пандемиска болест за нов почеток во животот. Болничката соба во модуларната болница на инфективната клиника во Скопје ја нарекува одајата на проколнатите, каде е прикажана таа борба за опстојување.

-Таму во таа болница главниот лик кој се опишува како носител на содржината на овој роман во таа соба на проколнатите умираат тројца луѓе за седум дена. Тоа е страв кој што станува навика кај унесреќените луѓе, а дали ќе има и одвика е прашање на среќата и несреќата.  Во овој роман главниот личност има среќа да преживее, да го пронајде тој рецепт за преживување на неговиот  организам , но се зброува и за тоа дека короната дава последици и после оздравувањето. Доаѓа до ситуација човекот да размислува што е врв на здравствени проблеми кај човекот- дали сето тоа што го преживеал до староста или коронавирусот е врв на здравствените проблеми.  Заклучува дека проблемите на староста на осаменоста остануваат, најтежок проблем е сомнежот, каков живот го очекува еден стар човек кој се сомнева во се, раскажува авторот.

Според Дамјановски содржината нуди две главни пораки кои читателот може да ги извлече од тој роман.

-Првата е по народната умотворба „Кога судбината зборува-човекот треба да молчи“.  Во таа смисла судбината е работа која што луѓето не ја определуваат сами. Може понекогаш судбината и да се предизвика, но и самиот предизвик е судбина. Според тоа дали било предизвик или судбина несреќникот во таа одаја број 3 во болницата во Скопје дожививуваше понори- длабочини во кои паѓа душата. И се бара дали и дното има дно. Се е бесконечко и се е во очекување. Но уште една порака има во овој роман. Тоа е дека човек има само еден живот и никој не доживува два животи. Затоа тој се бори и затоа е борбата меѓу короната и човекот-борба да се обезбеди животот со нов почеток во животот независно на колку години се доживува. Како што е случајот со Небојша од романот, кој има 78 години –  во втора половина од осма деценија кога можностите да се ослободи човекот од грижата за сопственото здравје и сопственото опстојување се помали од тие на младите, вели Јован Дамјановски.

Насловот на романот асоцира на „Старецот и морето“ од Ернест Хемингвеј. Но додека американскиот писател во прозниот исказ зборува за спротиставеноста на човекот со рибниот свет, во романот „Старецот и короната“ се зборува за спротиставеноста на човекот со современата пандемиска несреќа наречена Ковид-19. Во овој роман зборуваат прототипови од вистинскиот живот кои што меѓу смртта и животот се избориле за живот.

-Имаше и такви кои немаа среќа да се изборат и тие беа само за потсетување дека страшната корона ровараше низ човечкиот живот. Во моите романи често зборувам дека меѓу раѓањето и смртта има нешто што е помеѓу, овде во овој роман се зборува за луѓето кои што имаат среќа да го искористат да го пронајдат вистинскиот механизам за преживување. Овде не се зборува само за животот туку и за смртта, се зборува за сонот кој што наговестува или дава до знаење и тоа што сонуваме дали е подложно на вистина, потенцира писателот.

Најновиот роман на Дамјановски може да се каже дека е поврзан со претходниот „Отпадот од духовните контејнери“. Допирната точка меѓу двата романи е староста кај човечкото битие и како се доживува и проживува.

-Староста како фаза на живот, некој ја поистоветуваат како убава доба од животот, некој како лош период на животот, оптоварен со болести, со стравот кој станува навика во човечкиот живот, ама одвика не постои. Стравот го уништува и човечкиот организам и не само организмот туку и менталната хигиена. Овој човек во „Старецот и короната“ кој се вика Небојша и чие име значи дека тој не се плаши (Не-бојша ), но во книгата се претставува како човек кој се плаши. Кој е заплашен од многу болести и многу закани за човеково здрравје од кои најмногу старечката депресија. Според тоа романот „Отпад од духовните контејнери“  има и продолжение во овој роман, каде се прикажува старечката осаменост како една тешка форма на духовно угнетување кај поединецот пред таа тишина што се вика бесконечност на човечкиот живот, образложува Јован Дамјановски.

Во романот писателот извлекува и паралела со користењето на маските за заштита од коронавирусот со маските кои луѓети ги имаат ставено пред себеси за поинаку да изгледаат во очите на другите, а вообичаено со тоа ја прават и најголема грешка, лажно претставувајќи се пред светот. Но, забележува тој дека и во двата случаи, маските се поставуваат за да се заштити човекот.

-Карл Густав Јунг, големиот психолог, таткото на комплексната аналитичка психологија и голем мајстор и научник за развој на човековата личност во своите дела ги посочува луѓето дека живеат со маски за да обезбедат мислење за себе такви какви што тие сакаат да обезбедат, а не како што вистински се во животот. Така и двата вида на маски се за лична заштита. Тоа е борбата за опстанок. Овој роман обелодени што направи коронавирусот во човечкиот живот. Го подигна хаосот во веќе постојниот хаос на животот на земјата. Живееме во изместен свет на хипокризија.  Некои мислат дека сме многумина на Земјата и дека таа не може да издржи. Дали ќе дојде нова свест, дали е ова предупредување на човечкиот род, потребни се нови почетоци, нов начин за користење на земјината топка, заокружува авторот Јован Дамјановски.

Издавач на романот е Матица Македонска. Корицата на книгата е илустрирана со цртеж од тетовскиот академски сликар Павле Кузмановски.  Авторот Дамјановски е роден 1946 година во Тетово, доктор на науки и универзитетски професор, член на Друштвото на писателите на Македонија од 1992 година. Покрај на романи, автор е и на книги со раскази, драми и сценарија.

Back to top button
Close