Ромен Ролан и Анри Барбис потпишувале петиција за ослободување на Рацин од скопскиот затвор

Во нашата „македонска соба“ нè има и неколку нас Хрвати и Срби, но сите сме – партиски – според работата и апсењето врзани за Македонија.

Бидејќи целото детство го поминав во Скопје, одлично зборувам македонски. Мојот изговор и вокабулар често го поправаат „стручњаците за јазик“ Димо [Бојановски] Дизе и Кочо Рацин.

Рацин е интересна и импресивна фигура.

Го запознав во зимата 1930/1931 година, како ученик на скопската гимназија. Тој тогаш припаѓаше на познатата група скопски поети, помеѓу кои, од порано, ги познавав Чедо Миндеровиќ, Јован Ѓорѓевиќ, Александар Аксиќ, Цеко Стефановски и Б. Л. Лазаревиќ. Бев член на управата на многу активната гимназиска Литературна дружина, која, токму во тоа време планираше и прво, јавно „Литературно попладне“. Планот ни беше, освен учениците (и тоа не само од гимназијата, зашто од медресата го ангажиравме Рифат Бурџевиќ и Алија Авдиќ), да учествуваат и поети од градот: студенти и работници.

Список на делегатите на КПЈ на конгресот во Дрезден

Рацин со големо задоволство се согласи да учествува. Меѓутоа, до приредбата не дојде, зашто властите (школските, веројатно на иницијатива на полицијата), ја забранија приредбата, а Душко Поповиќ, претседателот на нашата литерарна дружина, дури и го повикаа на одговорност.

(Душко Поповиќ, 1913-1943, македонски комунист по потекло од Врање. член на КПЈ од 1934 година. Во 1935 година е уапсен и осуден на една и пол година затвор во Сремска Митровица. По окупацијата на Македонија во 1941 година преминува во илегала и делува прво во Скопје, а од есента 1941 година во Западна Македонија; еден од организаторите на Мавровско-гостиварскиот партизански одред „Кораб“ и негов инструктор. На 27 април 1943 година е уапсен во битката со балистите во Ново Село, Гостиварско; спроведен е во затворот во Тирана каде што е обесен на 17 мај 1943 година, заедно со петмина други партизани.)

Од тогаш со Рацин често се сретнував, си позајмувавме книги, дискутиравме и комбиниравме…

Тито: Рацин како работник-поет е посебно драгоцен капитал на Партијата

Провалата и апсењето на комунистите, кон крајот на 1933 година во Македонија, предизвика големо интересирање. Особено кога, во врска со таа провала, во Загреб е уапсен и под тешка стража е доведен во Скопје, Стеван Галогажа, книжевник и познат издавач на популарни левичарски списанија.

Во тоа време јас веќе бев курир на Централниот комитет на КПЈ и добив наредба, од Загреб, да отпатувам веднаш за Скопје, каде што ќе го испитам целиот тек на провалата, нејзиниот обем и вистинската ситуација во врска со партиската организација на теренот.

При собирањето на материјалите за извештајот упаден беше фактот дека властите, по директива од Белград, се стремеа да ја заташкаат работата и да ја прикажат како „… обид на загрепскиот комунист Галогажа да ровари по ‘Јужна Србија’, обид кој не му успеа, зашто единствено придоби еден занесеник-поет…“

Затоа и бројните комунисти и работници, откако беа претепани во полицијата, или беа испратени во казнените баталјони на војската или беа интернирани, односно добар дел од нив се пуштени дома – но под полициска контрола! Властите не сакаа некој голем монстр-процес на комунистите во Македонија, кој би го покажал вистинското лице на диктатурата.

Дополнително, по директива на Партијата, присуствував и на судењето на Рацин и Галогажа, кое е одржано во Загреб. Целиот тој мој, опширен, писмен извештај постои – или барем постоеше до 1949 година во Архивата на ЦК КПЈ и во него има интересни податоци како за апсењето на комунистите во Македонија така и за самиот Рацин, неговото држење и мачење во полицијата, говорот во судот итн.

Од судењето се сеќавам на многу импресивниот и подробен Рацинов опис на мачењето во скопската полиција. Со шкрти зборови, а далеку повеќе со мимика и движења, Рацин сликовито ги долови ужасните сцени на нечовечното тепање и претепување. Неговата, во тоа време многу акутна и упадна глувост, ги дополнуваше сликите на ужас кои тој ги прикажуваше. На секое прашање – или забелешка на судијата, особено на државниот тужител – Рацин ќе застанеше во својата приказна и наглуво се вртеше кон говорникот, ставајќи рака зад увото, за, проширувајќи ја ушната школка, подобро да слушне…

Централниот комитет покрена поширока акција како за ослободување на „хрватските и македонските поети и книжевници Стеван Галогажа и Коста Рацин“ така и воопшто против полицискиот терор, акција која ја прифати меѓународната „Црвена помош“ и за која пишуваше левичарскиот печат поврзан со Коминтерната. Во склоп на таа акција и Ромен Ролан – а ми се чини и Анри Барбис – го даде својот потпис и упати телеграми со протест.

Портрет на Рацин (цртеж)

Колку одекна апсењето на Рацин и Галогажа помеѓу комунистите, особено од Хрватска, сведочи и следниот детал.

Кога, во пролетта 1934 година, по наредба на тогашниот секретар на Масниот комитет на Загреб, Срѓан Прица, добив задача да го префрлам во Австрија илегалецот Јосип Броз, кој неодамна беше излегол од долгогодишна робија, тој, во текот на тоа прилично долго – и многу ризично патување – најмногу се интересираше за приликите во Македонија. Особено за сите подробности поврзани со апсењето на Галогажа и Рацин. Повеќепати повтори дека мораме да организираме пошироки акции за да ги извлечеме од затвор. За Рацин зборуваше дека е „… како работник-поет посебно драгоцен капитал на Партијата…“!

Also sprach Racin: Се фалеше дека германски учеше по партиска задача

И ете, во летото 1935 година, повторно се најдовме. Сега како митровачки робијаши. Иако не сме на истите курсеви, јас често доаѓам на краткиот курс по дијалектички материјализам, кој го води Огњен Прица.

(Огњен Прица, 1899 – 1941, член на КПЈ од 1919 година, од 1928 година е член на Покраинскиот комитет на КПЈ за Босна и Херцеговина. Во 1930 година е осуден на седум години затвор и е затворен во Сремска Митровица. Од затвор излегува во 1936 година, повторно е уапсен на 30 март 1941 година. По создавањето на Независна Држава Хрватска, предаден е на усташите, кои го префрлаат во логорот Керестинец. Стрелан е на 9 јули 1941 година.)

Најсовесниот слушател на овој курс е токму Рацин. Тој знаеше доста германски. Се фалеше дека германски учеше: по партиска задача! т.е. кога, како делагат-младинец учествуваше на Четвртиот конгрес на КПЈ, одржан во Дрезден во 1928 година. Меѓутоа, неговото знаење на германскиот јазик беше далеку од тоа да може – бидејќи упорно работеше – да го чита Хегел во оригинал. А упорноста, која беше тешко да се разликува од тврдоглавоста, беше една од највоочливите карактерни црти на Коста Рацин.

Бидејќи добро знаев германски, постојано ме прогонуваше за да ја читаме заедно „Логиката“, што – искрено кажано – никогаш не ми причинуваше некое посебно задоволство. Препишувајќи цели реченици, па и цели пасуси во својата тетратка, Рацин го користеше секогаш расположениот Огњен Прица за тој да му ги толкува или разработува. Знаеја со часови да останат занесени во заплетканите Хегелови конструкции…

Рацин со жар ја прифати новата линија на Партијата за националните прашања

Во тоа време е одржан Седмиот конгрес на Коминтерната [јули-август 1935 година]. Ние, се разбира илегално, многу брзо ги добивме сите главни реферати. Тие реферати, пред сè тие на Георги Димитров и Палмиро Толјати, заедно со пропратните материјали на нашата Партија, трудољубиво, систематски и организирано ги проучувавме – или, како што тоа го нарекувавме: ги проработувавме.

Освен новата линија на Коминтерната, а со тоа и на Комунистичката партија на Југославија, кон широкиот антифашистички Народен фронт, најважната новина во тие материјали беа новите ставови, новата линија на Партијата во врска со националното прашање. За волја на вистината, тие нови тонови во националното прашање се гледаа веќе во материјалите од Четвртата земска конференција на КП Југославија [од декември 1934 година], но по Седмиот конгрес на Коминтерната, тоа беше веќе воочената, нова линија, која укажуваше на важноста од правилниот став – и практика – кон националното прашање, толку важно за многунационално заплеткана држава каква што беше Југославија.

При дискусиите за националното прашање посебно е истакнувано значењето на гаењето на прогресивните традиции на секој народ, како и сестран развој на јазикот и националната култура. Колку и да звучи тоа денес како општопознат факт, за нас, младите комунисти, тоа беа откровенија кои пополека ги кршеа натрупаните нихилистички претстави за Светската револуција и за „Светскиот сојуз на социјалистички републики“, во кој сите ќе бидеме: светски граѓани.

Врз Рацин новата партиска линија имаше големо влијание. Тој неа искрено и со најголем жар ја прифати. Така, додека на еден од курсевите го проучувавме таканареченото селанско прашање – а курсот го водеше Отокар Кершовани – се разврза дискусија за селанските буни и востанија. Кершовани укажа на одредената поврзаност, подобро кажано, на континуитетот на разните социјални движења во Средниот век, почнувајќи од богомилите во Македонија и Босна… Рацин веднаш започна дискусија, цитирајќи некоја стара бугарска книга, која од порано ја читал. Резултатот од таа дискусија, која тој ја продолжи со денови со Отокар Кершовани, беше неговата одлука да напише студија за македонските богомили!

(Отокар Кершовани, 1902 – 1941, од 1927 година член на СКОЈ, а следната година и на КПЈ. Првпат е уапсен во 1928 година и е осуден на една година затвор; во 1930 година повторно е уапсен и е осуден на 10 години затвор. Од затвор излегува во 1940 година, но кон крајот на март 1941 година повторно е уапсен. По окупацијата на Југославија е предаден на усташите, кои го одведуваат во логорот Керестинец, каде е убиен, заедно со Огњен Прица, на 9 јули 1941 година.)

И, упорен каков што беше, веднаш почна да работи. Јас, преку татко ми, односно Универзитетската библиотека, му ја обезбедив потребната литература која, бидејќи беше чисто историско-научна, можеше во тоа време да помине преку затворската цензура и ни стигна брзо.

„Главните замерки беа: Рациновиот национално-романтичарски пристап на преувеличување на богомилското движење, кое тој го сметаше за претходник на комунизмот“

Рацин, снабдувајќи се со најпотребната литература, најпрво ги подготви пошироките тези на својата студија. За тие тези имавме организирана дискусија во која особено критички забелешки даваа Прица, Моша Пијаде и Отокар Кершовани. Главните замерки беа: Рациновиот национално-романтичарски пристап на преувеличување на богомилското движење, кое тој го сметаше за претходник на комунизмот.

Рацин тие проширени тези, пополнети со бројните забелешки од оваа дискусија, ги изнесе при излегувањето од робија и тие му послужија за неговиот познат труд „Драговитските богомили“.

Рацин цврсто ги застапуваше принципите на македонскиот јазик како самосвоен јужнословенски јазик

Таа 1935 година, ние комунистите-робијаши подготвувавме во казненичката сала на Сремска Митровица голема прослава на Октомвриската револуција. Освен „централната“ – како што ние ја нарекувавме – прослава т.е. главната, заедничка прослава за сите робијаши, секоја соба (а бевме поделени по соби по околу 20-тина луѓе) подготвуваше и „своја“, се разбира, помала прослава. Од Рацин баравме – а беше познат пролетерски поет – како свој прилог да напише соодветна пригодна песна. Во дискусијата каква би требало да биде тоа песна, некој рече дека песната мора да биде: на македонски јазик!

Сите се согласивме со тој предлог, а самиот Рацин се воодушеви. Дури почна да нè убедува дека македонскиот јазик е музикален и дека има прекрасни, благи варијанти неопходни за нежните тонови на поезијата. Веднаш, како доказ и илустрација, онака воодушевен едноставно од душа, ни изрецитира една од македонските народни, поточно, „староградски“ песни!

И Рацин за прославата навистина напиша песна и тоа на македонски јазик. Песната беше многу добро примена кај сите нас и тоа, прво, зашто беше на македонски јазик, а, второ, зашто вриеше од пароли, црвени знамиња, револуција, крв…

Пишувањето на таа песна, односно идејата тој да пишува на македонски т.е. на својот сопствен јазик, беше повод за разни дискусии околу проблемите на македонскиот литературен јазик, подобро кажано, за вредноста на поодделните македонски „говори“ т.е. дијалекти и нивниот меѓусебен однос…

Полициски извештај

Рацин почна да собира и бележи зборови, како по сеќавање така и бирајќи ги од народните песни и приказни. Бидејќи помеѓу робијашите имаше другари од разни краеви на Македонија (Велес, Прилеп, Штип, Скопје итн.), тие дијалектни разлики беа многу воочливи – што Рацин, во своето „тефтерче“ до збор трудољубиво ги бележеше.

Својата упорност и трудољубивост ја пројавуваше, како и во сè, и во својата работа. Ги бираше зборовите и ги сложуваше во разни реченици или стихови. Ми кажуваше дека тој ја „делка“ секоја реченица и дека од стиховите треба да се отстрани секој збор кој остава впечаток на рапавост, нескладност.

„Знаеш – ми кажуваше – зборовите за песната треба да бидат изработени, обработени. Тоа ти е како кога ние, во Велес, подготвуваме глина за грнците. Глината треба да се изработи, да се меша и да се обработи за да ја отстраниш секоја грутка, која, после, ќе ти ги упропасти грнците. Така и неизбраниот, неизделкан збор го упропастува стихот и песната…!“

Упорно инсистираше и едноставно ме прогонуваше постојано да го молам татко ми за да му обезбедам што повеќе потребна литература. Успеав да му најдам комплет од изданијата на Скопското научно друштво, кое работеше при тогашниот Филозофски факултет. Особено трудољубиво и совесно ги проучуваше разните статии и материјали во врска со фолклорот, етнографијата, дијалектите. Во тие книги, без оглед што материјалите – главно – беа пишувани од големосрпското гледиште на негирање на македонската нација и сите нејзини основни атрибути, Рацин наоѓаше бројни аргументи со кои се спротивставуваше на локалистичките тенденции на одредени другари Македонци во врска со јазикот. Имаше дарба да ја почувствува борбата против дијалектизмот и локализмот, барајќи ја ширината, чистината и звучноста на зборовите. Одлики со кои обилуваше пребогатата македонска лексика. Одлики кои во иднина ќе ја красат copia verborum [севкупноста на зборови] на Рациновиот опус на македонски јазик.

Тој успеа со своите упорни настојувања на научна основа да се создадат и озаконат начелата и принципите на македонскиот јазик како самосвоен јужнословенски јазик.

Првата песна на македонски јазик напишана во затворот во Сремска Митровица

Во тие свои напори беше непомирлив. Им се спротивставуваше на прагматичарите како и на компромисерите. Во дискусиите се кристализираа – и спротивставија – две тенденции, за кои Рацин вехементно докажуваше и тврдеше дека и двете се подеднакво опасни. Едната, неа многу вешто и преку живи примери ја бранеше Моша Пијаде, се сведуваше на „ускладување“ (особено во поглед на синтаксата и реченичките склопови, а и воопшто, на основите на граматиката) со веќе одамна консолидираните законитости и принципи на српскохрватскиот јазик. Втората ја застапуваа и туркаа некои постари робијаши-Македонци, како и некои поранешни членови на ВМРО, кои учеа во бугарски училишта и, по традиција, беа врзани за силната македонска емиграција во Бугарија. Тие, наспроти Мошината, како што ние велевме, „големосрпска тенденција“, бараа и пронаоѓаа „решенија“ на многуте граматички комплицираности во бугарската граматика!

Немам проучувано ниту испитувано, но ми се чини дека оваа Рацинова, по сè изгледа, изгубена и незачувана пригодна песна, испеана во робијашницата на Сремска Митровица е неговата прва – барем на јавноста прикажана – песна на македонски јазик, зашто дотогаш пишуваше и објавуваше само на српскохрватски јазик.

(Продолжува)

Антун (Антон) Колендиќ (Омиш, Хрватска, 1914 – Марина ди Рагуза, Сицилија, Италија, 29 април 1999), е југословенски комунист, амбасадор, публицист и учесник во НОВ. Член на СКОЈ во 1932, а на КПЈ во 1933. На почетокот на 1934 тој дошол од Загреб во Скопје со задача да ја обнови партиската организација во Скопје и да ја поврзе со Централниот комитет на КПЈ. Во Скопје Колендиќ го обновил и Обласниот комитет за Македонија и бил на негово чело како привремен секретар. Во декември 1934 година е уапсен и во јуни 1935 година е осуден на четири години. Казната ја одлежува во затворот во Сремска Митровица. На 12 јануари 1940 година е интерниран во концентрациониот логор во Билеќа.

По бугарската окупација на Македонија, Колендиќ станува член на Првиот скопски партизански одред, формиран на 22 август 1941, каде што е партиски секретар, а по распуштањето на одредот живее во илегала и одреден период престојува во Бугарија. Во мај 1942 година во процесот против борците на Првиот скопски одред бугарскиот воен суд во Скопје во отсуство го осудува на смрт со бесење. По крајот на војната работи како уредник на весникот „Борба“, а потоа е долгогодишен дипломат во југословенските дипломатски претставништва во Софија, Виена, Грац и Западен Берлин, припадник на разузнавачкиот сектор. Носител е на Партизанска споменица 1941 и други високи одликувања на СФРЈ.

Текстовите во овој фељтон се базираат на мемоарите на Колендиќ врзани за Рацин, за прв пат објавени во белградското списание „Књижевност“ 1986 година (бр. 1-2, 231-240 стр. и број 3, 513-521 стр.) и на необјавениот ракопис „Животот и смртта на Кочо Рацин“, чии извадоци за прв пат се печатени во списанието „Млад борец“ во 1990 година (од 21 февруари и 7 март 1990 година). Текстовите се во превод на Здравко Савески, наведени според онлајн изданието „Марксист“.

извор: Рацин

Back to top button
Close